(Отворено писмо до официјална Софија)
„Тој е бугарофил“ е сентенца-обвинување, небаре сте Евреин во (пред)нацистичка Германија. Во држава со оспорено и „проблематично минато“, која политички и национално се одржавотвори во виорот на Втората светска војна, национализмот што триесет години во Македонија се продуцираше беше одбранбен национализам. Националниот мит што се градеше во изминатите 75 години, на територијата на Вардарска Македонија, беше во чиста спротивност од официјалното поимање на историските настани, ликови и дела во бугарските интелектуални, политички и целокупни кругови. Живееме во два паралелни света, дури би рекол во различни димензии во перцепцијата за нашата (заедничка) историја. А таа, историјата, е воденица што меле сѐ пред себе и е иреверзибилна (неповратна). Бугарскиот национален сон стана јаве, но само за кратко, веднаш и исчезна засекогаш.
Долгомечтаената бугарска држава, која се простира од Дунав на север, до Бело Море на југ, и од Охридско Езеро на запад до Црно Море на исток, траеше само три месеци, во далечната 1878 година. На зелена маса во Берлин, истата таа беше распокината, помеѓу различните интереси на великите сили, кои не дозволија суштествување на толку голема словенска бугарска држава на Балканскиот Полуостров. Историјата е позната понатаму, а денес се преповторува како фарса. Југославија не постои, но интересите на Белград сѐ уште се застапуваат во Македонија. Бугарите немаа(т) противодговор на процесот на србизација на Вардарскиот дел и само ги лечат своите историско-национални фрустрации врз Македонија. Како што ја промашија националната стратегија за обединување на „сите бугарски земји“ и во Балканските војни, и во Првата и Втората светска војна. Денес, кога официјална Софија има историска можност да ги поправи растурените односи помеѓу двете држави и двата народа, упорно како некоја фројдовска грешка ја преповторува истата грешка во односот кон Македонија и македонското прашање.
Цел еден век историски грешки во чекори од Софија кон македонското прашање!
Наместо да биде најголемиот поддржувач и промотор на европското пристапување на нашата земја (со стратегиска цел во иднина да не постои границата на Осоговско-Малешевските Планини), Бугарите сметаат дека ги дочекаа своите „5 минути“. По решавањето на неверојатниот проблем што Грција го имаше за нашето уставно име и кревањето на рампата за влез на Македонија во НАТО и за почнување на преговорите со ЕУ, Бугарија се најде во пол-позиција преку латентни, но и отворени закани (Каракачанов), да создава една асиметрично уценувачка позиција во однос на нас, како помали „братчиња“. Ако Договорот за добрососедство и пријателство, потпишан од Заев и Борисов, на 2 август 2017 година, тие го сметаат за институционална стапица, во која ние самите сме влегле и сега сме се набутале во ќош, па ќе мора да ги прифатиме сите бугарски тези и толкувања за историјата на македонскиот простор, за историските ликови, настани и дела и да признаеме дека „Гоце Делчев е етнички Бугарин, ВМРО е организација што се борела за обединување на Македонија со Бугарија и сите револуционерни дејци и преродбеници се сметале за Бугари“, тогаш Бугарите ќе доживеат уште еден дебакл и историски пораз во однос на македонското национално прашање. Зоран Заев е флексибилен политичар и не би ме изненадило и во преговорите за „статусот на Делчев“ да прифати некојаси воопштена дипломатска формулација, само и само да ги започнеме преговорите со Европската Унија.
Како етикетиран „бугарофил“, од моите средношколски денови, бев исклучително среќен кога се постигна Договорот за добрососедство и пријателство со нашите источни соседи, наивно верувајќи тогаш дека ќе го почнеме историскиот процес на толку посакуваното зближување на двата народа и двете нации, кои под петвековното османлиско ропство делеле заеднички макотрпен живот. Како човек што магистрирал на поимањето на односот на Бугарија кон македонското национално прашање во 19 век и како човек што целиот свој досегашен живот го посветил на добивање одговор за замрсените и заплетканите бугарско-македонски односи, сметав дека овој договор ќе му даде пред сѐ приоритет на културно-уметничкото, спортското, научното и образовното комуницирање меѓу интелектуалната фела од двете страни на границата. Дека коридорот 8 ќе го види светлото на денот, и од Куманово до Деве Баир, а и понатаму до Ќустендил, кон Софија, граѓаните ќе сообраќаат по автопатско решение. Дека ќе изградиме железничка пруга, а со тоа ќе се подигнат и трговско-стопанската и економска размена меѓу двете земји. Наивно сметав дека прашањето за „што бил Гоце Делчев“ ќе биде прашање што воопшто и нема да се спомене, туку истиот тој ќе биде чествуван во духот на цивилизациските вредности на Европа: споделен, односно како и досега, ќе биде култивиран и во двете општества, бидејќи во меморискиот код на истите тие оставил неизбришлива трага.
За кого работи официјална Софија?!
Но не, националистичките ветришта од Витоша дувнаа со најсилен интензитет, за да се почувствуваат крај Вардар и веднаш иритацијата и кај македонските, но и кај бугарските граѓани, да биде подигната на највисоко ниво или, како што велиме ние, „пуштена на најјако“. Толку не може да разбере и еден Андреј Ковачев, ајде Красимир Каракачанов и не ми е за коментирање воопшто, бидејќи неговиот лик и дело ги сметам само и само во служба на ДС-руските служби за создавање и „менаџирање“ проблеми помеѓу двете земји и двата народа, бидејќи за тоа бил трениран, обучуван и во него инвестирало военото разузнавање на нашиот источен сосед, да го прави тоа што го прави во изминатите три децении, но и Борисов и другите интелектуалци, политичари, новинари, дека инсистирањето ние да прифатиме дека Гоце Делчев бил Бугарин, дека македонскиот јазик е „дијалект или југозападна норма на бугарскиот литературен јазик“ и слични будалаштини, толку ли не разбираат дека тоа нема да биде победа, туку траен пораз на Бугарите во однос на Македонците и запечатување на историската разделба на „братските народи“?! Дека тие уцени, притисоци, закани ќе ја мултиплицираат нашата омраза кон нив, но и нивната потценувачка надменост кон нас како народ и нација? Тоа ли е целта на тој Договор за добрососедство и пријателство, за да биде уште еден историски триумф на Белград и Москва? Или, пак, кон тоа и цели Каракачанов, а бугарската политичка и интелектуална елита е толку проста и стратегиски неписмена да не го разбере тоа. За кого работи Бугарската академија на науките (БАН), за Москва или за Софија?
Патот е еден, а тоа е обединување под чадорот на Европската Унија!
Проучувајќи ја до детаљ модерната бугарска историја и знаејќи ја перфектно нашата, од втората половина на 19 век па наваму, многу добро ги познавам историските напластени фрустрации и комплекси што Бугарите ги имаат кон Македонија и „македонското прашање“. Но за тоа вината треба да се бара во друг, најверојатно прво во себе и во своите грешни стратегиски одлуки, низ историските процеси, кога се прекршувала судбината на малите балкански народи и кога се создавале националните држави. Можеби и во големите сили што тие ги сметале за свои сојузници (Руската Империја). Никако кај нас, кои денес имаме сопствена држава, сопствен кодифициран посебен јазик и сопствена посебна национална свест – македонска. Зарем очекуваа да го немаме и/или да го самонегираме тоа? Во модерниот 21 век, во кој не се иманентни балканските крвави расплети (за чудо), денес треба да се стремиме кон нешто друго: политичко, економско, културолошко и инфраструктурно поврзување, зајакнување и обединување под капата на големото европско семејство. Тоа се единствениот пат и можност за „обединување на трите дела на Македонија, но и обединување на Бугарија со својот најромантичен дел од својата историја – Македонија“.
Сонот на Хитлер за обединување на Австрија и Германија се случи во 1995-та, со приклучување на Австрија во ЕУ, а сонот за обединување на Кипар со Грција соодветно во 2004 година, кога малиот остров, поточно неговиот јужен (грчки) дел се присоедини кон ЕУ. Кон тој пат треба да се стремиме и ние, но со блокади и уцени од Софија, тоа нема да стане. Во името на Андреј Љапчев, Димитар Благоев, Тодор Павлов, Димитар Талев, Венко Марковски и стотици и илјадници писатели, политичари, доктори, универзитетски професори, научници, просветници и општественици, кои го оставиле својот живот и печат и се вложиле со својот лик и дело во изградбата на бугарската држава и општество во овие стотина години, а се родени на етногеографската територија на Македонија, и во името на 2 до 2,5 милиони денешни бугарски граѓани, во чии вени тече делумно макар и некој милилитар македонска крв, Бугарија и официјалната бугарска политика на властите мора итно да ги напуштат оваа реторика и начин на изискување на „договарање и затворање на историските прашања“. Бидејќи, ако се продолжи по истиот пат, пораз ќе добиеме и ние и вие, ако ќе сметате и ќе бидете заблудени дека сте победиле. Победници ќе бидат само Белград и Москва, и сега, како и секојпат низ историјата. Затоа, памет в глава, бидејќи, како и секојпат, можност за враќање назад ќе нема.
Благојче Атанасоски, магистер по политички
науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје