Најголема закана за нас во моментов не е ниту ковид-19, ниту економскиот колапс, корупцијата и нефункционалното судство, ниту уцените од соседите и ЕУ, туку растечката епидемија од политичко слепило на сите нивоа. Не беше така одамна кога, при потпишувањето на Преспанскиот и Договорот за добрососедство, познавачи укажуваа дека тие се погубни за нас и ќе станат камен на сопнување. За жал, власта остана глува. Заслепени од ласкавите фалби и тапкања од европската лисица, нѐ убедуваа дека идентитетот и јазикот се зацементирани, сите спорни прашања со соседите се решени и дека патот кон ЕУ е отворен. Така опиени во неколку наврати дури славеа и датум. Шамарите за отрезнување набрзо стигнаа од Бугарија со ставање вето и барање да прифатиме дека македонскиот идентитет и јазик се со бугарски корени, како услов за пристапни преговори. Се разбира ЕУ ги поддржа ваквите геноцидни барања со подмолниот став: Прво договор со Бугарија, по дури потоа пристапните преговори.
Но политичкото слепило не е болест што се лекува, па наместо отрезнување, се растрчаа по ЕУ да ги разубедуваат. Ги слушам и не можам да верувам. Сите од ред, целиот политички врв сега им текнало да билдаат патриотизам со паролата: За идентитет и јазик не разговараме. Но не кажуваат на кој идентитет и јазик мислат. Оној природниот, исконскиот или оној измислениот од Тито и Коминтерна, кој ни го наметнуваат Бугарите.
Вицепремиерот Димитров сега се сетил да се запраша дали треба да ѝ се верува на ЕУ. Господ да чува, човеков 30 год. е во политика и сѐ уште не го разбрал она што народот го знае повеќе од 100 години, кога го испеа рефренот: евроблуднице вавилонска. Само заслепени луѓе не можат да забележат дека токму блудницата е таа што во 1912 год. на терен и во 1913 год. на маса даде виза за парчење на Македонија. Тоа се истите оние што во 1948/49 год. фрлаа напалм-бомби врз Македонците, во 1992 год. ја донесоа Лисабонската декларација, оние што до вчера нѐ уценуваат да го смениме името, а денес ги поддржуваат геноцидните бараа на Бугарите да се самоизбришеме како народ. Што не е јасно тука г. Димитров? Сѐ уште ли ја сметате ЕУ за наш пријател и поддржувач. Се чини дека не постои друг пример во светот жртвата да ги смета своите џелати како пријатели. Што е ова ако не политичко слепило?
Сепак мислам дека врвот го држи премиерот.
1. Отишол во Брисел да бара од ЕУ да ги тргне од преговарачка маса идентитетот и јазикот. Човеков изгледа заборавил дека токму тој заедно со неговите заслепени поддржувачи ги стави на маса со потпишувањето на Преспанскиот и Договорот за добро соседство. Г. Заев, ЕУ за ова не може да Ви помогне. Од маса можете да ги тргнете само Вие и само на еден начин, со раскинување на погубните договори. Веќе и малите деца забележуваат дека овие договори се извор на недоразбирања и оружје во рацете на соседите за уцени и непристојни барања.
2. Од ЕУ побара да го исполни ветеното, затоа што ние сме направиле сѐ што требало и што се барало од нас. Г. Заев, тука сте во право. Навистина направивте сѐ што требаше, но да нѐ втурнете во ќор-сокак од кој нема излез. А да се бара од една блудница да исполни ветување, е само доказ за постоење политичко слепило.
3. Покрај сево ова, премиерот е оптимист дека ќе најде решение и ќе се договори со Бугарите. Ова е најголемата заблуда. Просто неверојатно, кога се знае дека бугарскиот став е зацементиран со Декларација на бугарскиот парламент, Објаснувачкиот меморандум на Владата и ставот на БАН, со кои се бара да признаеме дека имаме бугарски корени. Ниту еден бугарски политичар нема мандат да отстапи од овој став и да повлече вето. Може да отстапи само Заев.
Тој тоа и го најави со својата изјава ,,Бугарите од нас бараат да ги утврдиме македонските корени, а ние имаме обврска во име на иднината да седнеме со Бугарите и на европски начин да ги утврдиме нашите корени“.
Оваа изјава е дијаметрално спротивна со изјавата дека за идентитет и јазик не се разговара. Премиерот ќе мора да објасни, како мисли да ни ги утврди корените без да ни го промени идентитетот и кој го овласти да преговара за мојот и идентитетот на милиони Македонци? Ќе мора да објасни, дали ова значи дека е подготвен да ги прифати геноцидните бугарски барања? Мора да каже дали без мандат од народот (како и за името) е подготвен да се откаже од нашиот природен, исконски идентитет и јазик, оној наследениот од нашите древни предци и да го прифати оној што ни го наметнуваат Бугарите, оној измислениот од Тито и Коминтерна?
Дали оваа измислица ќе ја пласира пред народот како наш триумф во преговорите? Нека ми простат заслепениве, но на народот му е преку глава од лаги и измами. Луѓе со политичко слепило не можат да нѐ извлечат од ќор-сокакот. Време е да си заминат и да го отстапат местото на луѓе со просветлен ум, кои наместо политичко слепило и политика на исклучивост ќе понудат и други алтернативни опции за излез од ќор-сокакот. Дардан Венетски