Бидејќи со години постојано говориме, слушаме и читаме дека не располагаме со податоци за иселувањето од земјава, за живородени деца и умрени лица, како и за природниот прираст на населението, како за во земјава така и за појавите во други земји, имаме податоци. Од тие причини направив една длабинска анализа за овие состојби на македонските државјани. Во таа насока сакам како основно да кажам дека има појава на општини од кои во други земји има повеќе живородени деца од наши државјани отколку во земјава. Меѓутоа поинтересна е уште појавата што природниот прираст е повисок во странство. Така, во 2017 година во земјава тој изнесуваше 1.436, а во странство 4.121, или речиси трипати бил повисок.
Истовремено е карактеристично што во земјава имаме во 36 општини позитивен природен прираст, а во странство во 73 општини од 80, колку што ги имаме. Впрочем, уште покарактеристично е и тоа што во 61 општина од случаите во странство имаме повисок природен прираст на населението. За сето ова добро да се разбере и да добиеме поцелосен преглед на состојбите со населението, добро е сето тоа да го прикажам и на ниво на региони и на општините. Во вардарскиот регион има 9 општини, од кои во 6 има појава на негативен природен прираст на населението, а во странство имаме во 8 позитивен. Во источниот регион имаме 11 општини, од кои во 10 имаме негативен природен прираст, а во странство во сите 11 е позитивен. Во пелагонискиот регион, од 9 општини, 8 се негативни, а во странство 7 се позитивни. Источниот регион има 10 општини, од кои 7 се негативни, а во странство сите 10 се со позитивно салдо. И да бидам пократок, а добро да се разбере, да кажам дека во полошкиот, североисточниот, југозападниот и скопскиот регион, каде што има вкупно 41 општина, со негативен природен прираст на населението се само 14 општини, а во странство 38 се со позитивен.
Од направените анализи произлегува дека во земјава има 44 општини со негативен прираст на населението, а во странство само 5, и тоа од Македонски Брод, Дебарца, Демир Хисар, Лозово и Могила. Сето ова доволно говори за состојбите со населението во земјава, како за нивниот број, така и за другите карактеристики при немање попис веќе 16 години и немање веродостојни и точни податоци. Зошто? Затоа што ако имате негативен природен прираст на населението и иселување како внатре во земјава, внатре во самата општина, потоа во друга општина во земјата, а на сето тоа и иселувањето во странство, значи дека бројот на населението е уште помал од дадените процени што се објавени и со кои располагаме. За ваквите состојби, секако, е неминовно да се преземат поконкретни мерки и активности од страна на Владата, бидејќи досегашните не ги дадоа очекуваните резултати. Постојат закони, стратегии, одлуки, заклучоци и низа други документи, но и со нив не е постигнат очекуваниот резултат. На крајот, секако дека е многу битна институционалната соработка, која не е на потребното ниво.
Дончо Герасимовски, демограф