(Повод: „Кога јазикот ќе ни удри една преку уста?“ на Весна Дамчевска „Нова Македонија“, 27 мај 2020)
Во текстот со горенаведениот наслов, авторката изразува загриженост за состојбата во која се наоѓаат македонскиот јазик и неговите (не)говорители. Во добра мера со право – барем кога станува збор за наврапитиот налет на англизми, јазико(не)грижието и јазикокористењето на политичар(к)ите и новинар(к)ите. Понатаму, авторката ги прекорува „граѓаните“ кои, ете, никако не разбирале дека е „придонесе“ место „допринесе“, „сѐ уште“ место „сеуште“, „таа доба“ наместо „тоа доба“ итн. Во мојот текст „Јазикот наш насушен“ („Нова Македонија“, 19 декември 2017) веќе посочив на аргументите во прилог на „допринесе“ покрај „придонесе“ (обата збора се издржани според зборообразувањето на македонскиот јазик, спореди: придодаде/допридаде; допридодаде… македонскиот јазик нуди исклучителни можности за префигација!), како и логиката за пишувањето на „сеуште“ (прилог) наспроти „сѐ уште“ (зборогрупа: сѐ + уште). Во таа насока, дури може да се размислува и за „седури“ и „седодека“.
Исто така посочив дека нашите новинар(к)и сегде гледаат инволвираност, нигде вмешаност, сегде инклузивност, нигде вклученост / прифаќање, бараат менаџирање наместо справување /управување, немаат цел, ама затоа имаат таргет итн. Од политичар(к)ите не може да се очекува ништо добро, затоа ќе ги изземам од анализа!
Кога се пишува и говори за јазикот – со најблагородни намери! – треба да се има предвид дека:
1. Јазикот е жива материја. Тоа значи дека постојано се менува – и ќе се менува, односно: еволуира. А секој еволутивен чин се заснова на законот на обиди и грешки, при што онаа „грешка“ што ќе се покаже како пресудна за опстанокот на системот што еволуира, односно што ќе го одржи во живот и ќе го подобри/обогати, станува нов интегрален дел од него. Класичен пример за тоа е биолошката еволуција, каде што корисните мутации стануваат дел од организмите, односно водат до формирање нови организми.
2. (Напорите за) јазичната нега е во најмала рака стара колку и пишаната форма на јазикот, но современите формални механизми за јазично нормирање (институти за национален јазик, стандарден јазик) се мошне млада појава, особено ако се земе предвид староста на јазикот во целина! Дури и во повеќето држави со традиција одвај се постари од едно столетие. Притоа, овие механизми се задолжени за кодифицирање на стандардниот јазик, никако на јазикот во целина (на пр. неговите останати варијанти, „лекти“, како јазикот на уметничката книжевност, говорниот јазик итн.)! Оттука, на секој природен јазик му е својствена ПОЛИВАРИЈАНТНОСТА, што значи дека и во стандардниот јазик – покрај препорачаните решенија – најчесто постојат и нивни алтернативи. Впрочем, токму поливаријантноста е показател за богатството, староста (развиеноста) и можностите на еден природен јазик!
3. Дали (односно: во која мера) еден збор (или кое било јазично решение) е туѓизам не може да се говори во отсуство на ИСТОРИСКИ речник на соодветниот јазик врз база на добро документирана граѓа. Притоа не смее да се заборави дека јазичните парадигми ПРИРОДНО се споделени од два или повеќе јазика што еволуирале заедно.
Каква е, накратко, состојбата во македонскиот јазик, погледната низ горниве премиси? Се чини дека постојат две начелно спротиставени тежненија. Од една страна, го имаме налетот на англизми („манглиски“). Но, од друга страна, го имаме не помалку штетниот пуризам, кој страда од комплексот „мувата на капата“, па бара србизми/туѓизми честопати таму каде што има македонски дијалектизми/архаизми и други лекти (хетерогеност) или каде што зборовите спонтано се вклопуваат во македонскиот зборообразувачки систем, како што е случајот со „допринесе“. Токму Чемерски, кого Дамчевска го цитира, во својот превод на „Моби Дик“ користи многу зборови за кои би можел да биде обвинет за „незнаење“: хир, пандури, дивно, сета (=меланхолија, тага), обитува, опчаран, мрко, ствари, ЛЕПОмирисен, разлог (збор усвоен во филозофскиот лект како соодветство за латинското ratio, анг. reason) итн.
Зошто пуризмот е штетен? Затоа што заговара моноваријантност наместо поливаријантност и хетерогеност и со тоа, наместо да го чува, го чисти јазикот од своето, го заледува и сиромаши. Понатаму, затоа што поттикнува ропско (патем: зошто роБ > роПски, но не и граД >граТски?) следење правила, наместо РАЗБИРАЊЕ на автентичните механизми според кои јазикот функционира и се менува. А доколку на говорителите им понудите избор меѓу непровидни и петрифицирани правила-догми и спонтано движење во некој алтернативен хибриден лект („манглиски“), всушност му чините мечкина услуга на својот јазик, туркајќи ги младите генерации не поблиску, ами подалеку од мајчиниот јазик.
Дали Огнен Чемерски ќе го преведеше „Моби Дик“, а Михаил Петрушевски „Одисејата“ така брилијантно ако беа подложени на јазичка догма? Дали истакнатиот македонист Блаже Ристовски, кој пишува „сеуште“ наместо „сѐ уште“, е помалку „писмен“ од новинар(к)ите и другите јазикогрижници за кои беспоговорното следење на правописот, а не целисходното разбирање и осет за јазикот како динамичен систем се меродавни за „писменоста“ на „граѓаните“? Впрочем, и предговорот на последното издание на правописот укажува дека во него се внесени НОВИНИ во однос на повеќе решенија: дали, на пример, човекот што пишува „иШара“ (по старо) е „понеписмен“ од оној што пишува „иСШара“ (по ново)?!
Единствениот начин да не му ја удриме на јазикот по уста самите ние е да ја разбираме неговата логика и механика – неговите закони, а не слепо да применуваме правила и прописи. Законите важат без исклучок, сакале ние или не, (тоа што легислаторите така ги викаат своите ежедневно менувани и прекршувани прописи е жално и смешно!) но правилата и прописите се арбитрарни („секое правило има исклучок“). Затоа, спонтаното и мотивирано „грешење“ е подобро од некритичката „непогрешливост“.
П.С. Кога сме веќе кај темава, ги молам новинар(к)ите и експерт(к)ите да ги употребуваат зборот „анархија“ и изведенките од него во изворното значење: безвластие (= состојба на слобода), а не демагошкото: безредие и хаос, или барем да го предочат првово како такво. Благодарам!
Филип Клетников, поет