По сите напади од разни новинари, министерката г-ѓа Рахела Мизрахи го доби последниот удар од привремениот премиер на привремената влада на Република (северна) Македонија, другарот Оливер Спасовски. По сите навреди, кои ѝ беа упатени на г-ѓа Р. Мизрахи, а за кои не се огласи никој од новинарската фела, еве, сега г-ѓа Мизрахи не само што е принудена сама да се бори за сопственото постоење, како Еврејка во Македонија, ами треба да докажува нешто што во една култивирана средина е срамно, недолично и вулгарно. Во тоа друштво се вбројува и премиерот (привремен) Оливер Спасовски. По неговото „да – не – да“, тој само покажа дека им е верен слуга на оние (однадвор, а бога ми и однатре) што му кажуваат што да прави, ама и да ги прашува „колку сум паметен“. Нему, најверојатно, му е сугерирано дека по секоја цена треба да најде некоја закачка, па дури и небулозна, за да се ослободи од сите оние во „привремената влада“, кои не се по теркот на „големите умови“ што им ги кројат капите за да не им побегнат мозоците, послушни, невоспитани и ограничени.
Јас како Македонка не можам да ги заборавам денот и деновите, кога во Битола (во моите најрани години) го гледав насилничкото влегување во куќата на дедо ми и одведувањето на Клара што живееше во нашето семејство. Ја одведоа оние што сега исто така насилнички ја туркаат, нашата македонска историја како нивна. И сега што треба да мислиме за постапката на премиерот (привремен), кој со своите другарчиња сонува и прави сè да бидат вечни во фотелјите на кои седат.
Кој ќе им суди ним? Ќе им суди овој народ, што пак им е полна устата (со народ, народ), кога треба да спроведат некои од нивните срамни одлуки. Но тие не се грижат за тоа, оти сè ќе си средат. Дали малкуте Евреи што живеат во Македонија не треба да ги имаат правата на Албанците, Турците, Србите, Ромите итн.
Што сакаат да им направат на Евреите, да ги екстрадираат ли во Израел? Ова што тие го прават е резил (и не е единствен) за целиот македонски народ. А тие со нивната ограниченост, простотилак и недоветност, нека си живеат со срамовите и белки можеби некогаш, што вели народот „ќе им дојде умот“, а јас велам НЕ, зашто нивниот терк не може да се прекројува.
Гордана Михаилова Бошнакоска, писателка, Скопје