Зад нас е првата посета на папата. Впечатоците се поделени и контрадикторни. Упати мноштво пораки, верски но и многу повеќе геополитички. Ќе се задржам само на некои што поминаа незабележани од домашната и пошироката јавност, како од политичарите, така и од медиумите.
Како прво, папата дојде во таканаречена „апостолска мисија“ под слоганот „Не плаши се мало стадо, зашто волја на вашиот отец е вам да ви го даде царството“, што всушност е извадок од Евангелието по Јован 12.32. Тука веднаш се поставуваат две прашања, кое е тоа мало стадо кому му се упатува пораката и му се нуди царството, и кое е тоа царство што отецот треба да му го даде на малото стадо.
Асоцијацијата е сосема јасна. Малото стадо е католичката заедница во Македонија, која е помалку од еден процент од популацијата. Тоа го потврди Католичката црква во Скопје, а го пренесе само Јасминка Павловска во „Нова Македонија“. Ним им е ветено „царството“. Царството (што се ветува) е на православниот македонски народ. Тие се големото стадо што со Преспанскиот договор и уставните измени насилно е однесено на идентитетска кланица. Отецот во овој случај е самиот папа. Нели тој е татко на Римокатоличката црква. Да потсетам, на далматински татко се нарекува папе, на француски л’папа, а на латински патер. Папата со овој чин фактички најавува експанзија на Католичката црква во Македонија. Тоа јасно и гласно го поткрепи со отворањето на новата католичка епископија во Струмица, со најавата за градење храм на апостол Павле во Паљурци и на Мајка Тереза во Скопје.
Втората порака е онаа што ни ја упати од Софија, но и од Скопје, а се однесува на бегалците и ги засега сите држави и народи на Балканот. Станува збор за сет пораки од типот „отворете ги срцата и домовите за бегалците“, „вие сте позитивен пример на мултикултура и солидарност со бегалците“ и „пример за исправен пат кон евроатлантските интеграции“. Од друга страна, со пораките „сите заедно без граници“ и „сонувајте заедно, а не едни против други“, папата посредно ја поддржа политиката на Брисел за создавање една нова творба наречена Западен Балкан во која ние ќе бидеме „изгубени во преводот“.
Јас сочувствувам со кутрите бегалци, кои талкаат по светот, но не можам да не кажам дека ова се политички пораки со кои папата сака со еден куршум да убие два зајака. Ги следи и ги поддржува плановите на моќните западни воени профитери, кои планираат да го претворат Балканот во одбранбен бедем што ќе спречи наплив на бегалци во ЕУ, а од Македонија и од нашите соседи бараат да ги интегрираме бегалците на тој начин што ќе им изградиме домови и ќе им дадеме работа и државјанство. Од друга страна, на овој начин Ватикан конечно ќе издвојува победа во верскиот судир меѓу Истокот и Западот и ќе го елиминира православието на Балканот на многу елегантен начин со промена на етничката и верската структура на населението.
Ако папата навистина беше загрижен за судбината на бегалците, ќе се обидеше да ги попречи бегалските бранови. Ќе фрлеше анатема врз воените профитери што со своите „демократски бомби“ убија милиони луѓе и предизвикаа милионски бран од бегалци – бездомници и сираци што талкаат по светот. Тој заборави да ги прекори оние што со нелегални војни уриваа легално избрани режими. Наместо тоа, Ватикан се промовира како поддржувач и би рекол соучесник со воените профитери, олигарси и лихвари. Ние денес имаме состојба во која над 90 отсто од светското богатство е во рацете на десетина фамилии. Можеше да им порача по христијанскиот обичај да одвојат дел од своето богатство за разорените и разграбени држави. А како да го стори тоа кога и самиот Ватикан, иако најмала по територија, е една од најбогатите држави во светот. Затоа за мене нема дилеми. „Грижата“ за сиромашните и хендикепираните е само театар и добар маркетинг.
Трета порака што ни ја упати папата е онаа со која го поддржа проектот Северна Македонија испланиран со антицивилизацискиот Преспански договор. Ги поддржа владините и политиките на Брисел за промена на уставното име како услов за влез во ЕУ и во НАТО на балкански начин, со брутално газење по домашното и меѓународното право, спротивно на волјата на народот изразена на референдум.
Се поставува прашањето зошто Ватикан го поддржа овој проект. Тоа е затоа што и ЕУ е проект на Ватикан и значи обнова на Рим, поточно новиот Рим (не знам кој по ред). Да не заборавиме во ЕУ, таква каква што ја знаеме, основен модел на владеење е токму римскиот заснован на принципите, „подели па владеј“, „брутално газeње по меѓународното право“ или поточно политиката на сила и моќ и се разбира „модерното ропство“ наречено глобализам што најдобро го гледаме ние овде на Балканот.
На крајот морам да го изразам моето разочарување од посетата на папата и неговите пораки. Ги изневери моите очекувања: не очекував да го поддржи проектот Северна Македонија издејствуван со уцени и закани од типот „прво име па дури потоа ЕУ и НАТО“ и со уцени и закани по мирот и безбедноста. Очекував да ги афирмира светите браќа Кирил и Методиј како македонски и сесловенски просветители. Наместо тоа, од Софија порача дека нивна родина е Бугарија. Не очекував такво непознавање на историјата од негова страна. Затоа морам да го потсетам. Светите браќа се родум од околината на Солун, а работеле и живееле во Константинопол. Во овие градови никогаш не живееле и не владееле Бугарите. Јован Каменијат 904 год. во делото „Од основање на градот Солун“ вели: „Пријателе Солун е најголемиот и најубавиот град на Македонците“. Од друга страна, Прокопиј во првата половина на шестиот век во „Историја на војните“ запишал: „Јустинијан ѝ припаѓал на мнозинската партија на сините“ – идентификувани како Венети, што е синоним за Словени.
Од друга страна, папата заборава дека Моравската мисија на светите браќа е по налог на Византија за спречување на германизација на Моравците. Тоа е период во кој Бугарија е во сојуз со Германија. Тоа значи дека Моравската мисија на светите браќа е антибугарски чин. Како во тој случај тие можеле да бидат Бугари. Особено ме разочара со тоа што заборави да ги спомне Македонците и нивната улога во ширење на христијанството во Европа, кое започна токму од Македонија. Ова не е мое тврдење, туку факт забележан во Библијата – Нов завет каде што Македонците се спомнати дури 28 пати.
Од сето изложено се наметнува заклучокот дека мисијата на папата не беше верска, туку политичка во поткрепа на глобалната политика на Брисел со скриена агенда и пораки. Како да заборави дека христијанството е религија на љубовта. Затоа, според моето мислење, ова не беше чиста апостолска туку мисија со поинакви цели.
Љубе Христовски (Дардан Венетски)