За благодатите од ветерот, кои толку ни помагаат и ни носат спас, само што не клекнуваме да се молиме како земјоделците за дожд. Во масата човечки грешки што сме ги направиле се бориме за живот како луѓето во гасните комори.
Ветерот не може да го негува единка (еден човек), но може во него да ужива единка. Во тоа е можеби и несреќата за односот спрема него. Затоа само организирани и функционално одговорни општества за својата животна средина и за урбаната поставеност спрема природата можат да го негуваат и респектираат неговиот благодат. Општествата многу малку ја сфаќаат потреба од негување на ветерот, и покрај тоа што се свесен оти активности на човекот во животната средина, а и материите што ги користи, многу се зголемени и тие бараат и воздух и простор.
Поради многуте негативи појави што ги предизвикува, помалку се позитивните, на глобален план ние го занемаруваме ветерот, не го респектираме, малку ги планираме неговите потреби.
Колкава е неговата помош кога во нашите градови се задушуваме како во гасни комори и го чекаме да дувне, да нѐ спаси, и тоа е навистина вистински спас за нашите зачадени градови. И сѐ повеќе се уверуваме дека ветерот е спасот во оваа немоќ.
Односот на општеството спрема ветровите при лоцирање на населбите на нашите предци им бил основен принцип за тоа каде треба да се постави населбата и тоа е секаде следено и го правеле строго придржувајќи се на тие законитости. Но во подоцните периоди во развојот на населбите, тие принципи се нарушени, и, за жал, при поседување развиена техника, мерни можности за негување, ветровите во градовите најмногу се нарушени. Советите на климатолозите и на другите слични професионалци воопшто не допираат до надлежните. Секако, повеќето од одлуките ги носат политичарите. Кои се тие луѓе политичари, тоа се луѓе што „избегале“ или ја промашиле, „згрешиле“ својата професија. Како политичари тие знаат сѐ, можат сѐ и не одговараат за ниедна направена грешка.
Големи грешки при лоцирањето разни објекти (фабрики, градежни населби и сл.) во тој правец се направени во нашата Македонија. Некои од нив ги коригираме, но со големи загуби (материјални и човечки) и штети за државата, на пример топилницата во Велес. Овчарите велат: „Ветерот дува низводно по долината на реката и што оти?!“ А има уште многу такви примери, каде што основните принципите на нашите населбите оставени од предците не се почитувани.
Скопје е град помеѓу Водно (извор на чист и секогаш ладен воздух) и Вардарската Долина, како ветровита долина, поврзувањето на овие два природни ресурса би биле бели дробови на градот. Ладниот воздух од Водно заради неговата специфична маса (1,30 гр/л при нула степени, а при топол воздух е 1,15 г/л) ќе се лизга (ако може од зградите) кон градот навечер, оти е потежок. Порано, пред земјотресот, зимно време по Водњанска да одиш до болницата било и ладно и ветровито, денес веќе не е така.
Треба многу градови да се посветат на изучувања на овие феномени и како да се дојде до некое решение преку давање предност на природата (ветерот) или да се размислува на основната концепција на поставеноста на овие населби, нивниот развој. Овие грешки мораат да се исправат, гледаме дека не можеме да продолжиме.
Како богданчанец сакам да славиме еден ден празник за ветерот, бидејќи преку ветерниците се снабдуваме со струја, а сега како скопјанец ми го спасува животот од „гасните комори“ што ни се случуваат, барем во овие периоди кога сите сме многу загрижени. Тоа би било и најважно за никогаш да не забораваме на факторот природен ветер, за неговото негување при изградба на нашите градови.
Негувањето значи спроведување определба (стратегија) што трае постојано. Тоа е определба што не се менува, на пример: негување на ветровите, негување на името на државата, на името на личноста и сл. што бара упорност во опстојувањето на определбата (временски) и ако дозволиме да се променат, тогаш доаѓа до закана за постоењето на определбите (ветерот, државата заедно со името и сл.).
Д-р инж. Стефан Поцев, проф. во пензија