Производството на храна и руралниот развој постојано се наоѓаат во високите приоритети на развиените земји, на регионални и мултинационални асоцијации, како и на Светската трговска организација. Примарното земјоделско производство и прехранбената индустрија се соочени со сериозни предизвици во ерата на глобализација. Покрај производството, и трговијата и маркетингот на прехранбените производи се во голема зависност од политиката (САР) на Европската Унија и Светската трговска организација, но и од билатералните и регионалните трговски договори.
Зголемувањето на потрошувачката на разнообразна храна заради различни типови исхрана приспособени на животниот стил доведе до зголемен натпревар на светскиот пазар. Големите мултинационални компании развија систем на директни инвестиции на големите пазари низ целиот свет. Се виде дека намалувањето на трансакциските трошоци на глобалниот пазар е можно само преку големите инвестиции.
Глобалниот пазарен систем придонесе да се оствари напредок во намалувањето на трансакциските и другите пазарни ограничувања, со што се зголеми степенот на конкуренција меѓу извозниците (фирми и земји). Како последица на тоа, на глобалниот пазар силно се зголеми трговијата со храна, што се должи на домашната поддршка и промените во пазарниот пристап, кои придонесоа за зголемување на ефикасноста на производството и извозните перформанси на земјоделските производи во целиот свет. Меѓутоа, нестабилноста на светското производство на храна и натаму е сериозен проблем.
Покрај општопознатиот факт за нерамномерно регионално производство на храна, сериозен проблем е нестабилноста на светското производство. Ова произлегува главно од три особености на производството.
Прво, од улогата на храната за опстојување на човештвото и за задоволување на побарувачката. Нестабилноста и колебањето на темпото на пораст на производството и понудата на прехранбените производи на пазарот предизвикуваат сериозно влијание врз исхраната, односно исхранетоста на населението и вкупното ниво на стандардот. Честопати колебањето на производството на храна произведува ширење на гладот и неисхранетост во земјите во развој. Во развиените земји, пак, недоволното производство може да доведе до инфлаторни процеси и нарушување на економската стабилност. Можностите за брза ликвидација на колебањето на производството на храна се ограничени, бидејќи голем дел прехранбени производи не може да се складираат и да се чуваат подолго време.
Втората специфичност произлегува од големата зависност на производствените резултати и задоволувањето на комплексните квалитетни барања од природно-климатските услови. Системите во земјоделството функционираат практично во неконтролирани услови од човекот. Тие се подложни на поголема нестабилност во користењето на основните производствени ресурси. Пресудно влијание врз нивното функционирање имаат колебањата на метеоролошките услови. Глобалното затоплување на планетата, како и ефектите од озонските дупки, веќе предизвикува сериозни проблеми со уништувањето определени ресурси, како и акцелерација на климатските промени.
Третата особеност произлегува од преплетувањето во производствениот систем на економскиот циклус со биолошки процес, растење и развој на живите организми, растенија и животни. За биолошките елементи на системот секоја нестабилност во производствените услови има особено тешки последици, вклучувајќи и смрт. Поради тоа се релативно поголеми штетите од колебањата во природно-климатските услови во земјоделството врз обемот на произведената храна во споредба со аналогни состојби во други стопански области. Сето тоа ги објаснува интересот и вниманието што владите на определени земји и специјализираните меѓународни организации му ги посветуваат на колебањата (нестабилноста) во производство на храна.
Под нестабилност на производството се подразбира секое несакано отстапување од востановени трајни тенденции во развојот на производството на прехранбени производи. Светското производство на храна не се развива рамномерно. Подложно е на колебливост, која понекогаш во одделни земји и региони добива решавачко значење за исхрана на населението. Тие колебања се резултат на севкупното влијание на сложен комплекс на фактори. Нивото на стабилноста на производството на прехранбени производи може да се определи со користење различни методи и изрази со помош на голема разнообразност на показатели.
Развојот на производствените сили и претворањето на националните пазари во регионални или светски, интеграцијата на земјите во економски сојузи со единствени инвестиции, развојот на монетарната политика, потоа договарањето на увозно-извозни квоти, изедначувањето на социјалното и работното законодавство и слично, претставуваат нова ера, во која слободниот пазар останува спомен.
Неоспорно е дека глобализацијата и наметнатите производствени технологии од силно развиените производители на храна доведоа до сериозни неправилности во исхраната на луѓето. Светската здравствена организација изразува загриженост за здравјето на луѓето поради преголемото консумирање производи од животинско потекло произведени во интензивен земјоделски систем. Понатаму, во земјоделството во некои земји (според СЗО) повеќе се стимулира комерцијалното фармерство наместо да се води сметка за здравствените аспекти и оптоварувањето на животната средина.
Прашањето како да се управува со снабдувањето со храна во светот и притоа да се поддржат посебните барања од популацијата во исхраната е предмет на континуиран дијалог на различните вложувачи, меѓутоа решенијата може да имаат неповолни последици во аграрната политика за заштита на животната средина и за светскиот пазар на храна.
На производството на храна, авиобизнисот и на руралниот развој силно се одразуваат голем број глобални проблеми што го оптоваруваат светот или големи делови и континенти.
Не може да се одмине макар само со кратко навраќање глобалниот светски пазар и развојот како предизвик, без функционирањето на пазарот на капитал. Големи можности се полагаат во странските директни инвеститори. Тој систем, секако, даде и завидни резултати во развојот и доближувањето до Европската Унија речиси на сите земји од бившото социјалистичко уредување.
Проф. д-р Борис Анакиев