Повод: Фељтонот на Стојан Андов
Господине, Стојан Андов, од дамнина сум те почитувал како рационален – обмислен човек, со докажани државнички стопански, дипломатски и други резултати, кои биле за почит и поддршка.
Но со твојот фељтон во „Нова Македонија“ си ме разочарал со тоа што си го оцрнил брат ми Владимир Ралев, наречен од тебе „пиштолџија“. Претпоставувам дека ти си потпаднал под влијанието на „луѓето што ми кажуваа и ми тврдеа дека Владо бил соработник на УДБ“!!!Кои се тие луѓе што тебе ти пренесувале верзии за Владимир? Значи овие верзии не се твои изворни докази, па, според тоа, ти пренесуваш невистини и инсинуации за да си создадеш маневарски простор за мизерни провокации и злодела. Жалосно, Стојане, жалосно!
Никогаш не бил политички бегалец во Швајцарија. Неговата матична фирма „Интеримпекс“ од Скопје во 1968 год. го назначува за свој претставник во Бомбај, Индија, како елоквентен, професионален стопанственик. По престојот во Бомбај, тој се враќа во Швајцарија, каде што се вработува во една швајцарска банкарска корпорација, која го назначува за свој претставник во Карачи, Пакистан, со оглед дека добро ги познава условите за стопанска дејност на индискиот потконтинент.
Назначен е за директор на филијалата во Карачи за целиот тој регион: Пакистан, Индија, Авганистан, Непал, Сингапур, Хонгконг и Шангај. Во тие далечни земји престојува до 1979 година. Во почетокот на 1980 година повторно е во Швајцарија. Во 1982 година отвора сопствена фирма, со која во Карачи започнува свој бизнис во текстилот. Во почетокот со големи предизвици, нови законски и деловни правила и кругови со други манири и табиети. Настапија денови на искушенија и преиспитување со големи обврски и програми: градба на предилници, ткајачници, производство, осигурување, бродски превоз, продажба, банкарски и берзански манипулации и ризици, со неизвесности, надежи и очекувања.
А ти, Стојане, се прашуваш како тоа Владимир на чудесен начин наскоро станал успешен бизнисмен. Како? Тоа најдобро го има доживеано Владимир, кому му беа потребни две децении за да стане свој на своето. Владимир Ралев е познат и признаен филантроп, патриот, родољуб и донатор-спонзор за голем број дејности и за поединци во Македонија и за нашите во Грција, Бугарија, Албанија и во Швајцарија. Со својата хуманост изразил своја филозофија: „Ако имам јас, ќе имаат и другите“, со која се исполнува како донатор во хуманитарни, културни, верски и одбранбени области и како почесен конзул во Женева, лобирајќи за Македонија во голем број меѓународни организации со седиште во Женева.
Се надевам и очекувам дека ќе најдеш време и начин за јавно да си ја исправиш твојата заблуда за Владимир Ралев.
Ристо Ралев