Во интервју за руската Национална телевизија (пренесе МИНА на 30 октомври 2018), министерот за надворешни работи Лавров изјавил дека „дента кога се гласаше за отворање на Уставот, поради промена на името на државата, амбасадорот на САД бил цело време во Собранието. Таму бил за да ги поддржи и помогне сите илегални активности“. Лавров истото тоа му го кажал и на Џон Болтон, советникот за национална безбедност на Трамп, кој „се смеел велејќи дека е тоа ’многу тешка земја’“.
Лавров исто така рекол дека „против пратениците на опозицијата немало само поткупи и уцени туку повеќето биле заклучени во канцеларии, мобилните им биле одземени…“, сумирајќи дека сето тоа тој не може да го нарече – нормално.
Ги спомнал и сите западни мршојадци што ни дојдоа и за кои рекол дека „бесрамно бараа од граѓаните да гласаат ’за’ на референдумот за приклучување во НАТО и во ЕУ, ’само’ со промена на името“. За разлика од нив, Русија останала целосно тивка. Навел и дека „прашањето на референдумот било нелегално: според законите дозволено било едно прашање, а во случајов биле – три“. Додал и дека „за двотретинското мнозинство недостигале девет гласа и тие биле обезбедени со принуда и уцена, и со делумни ветувања дека истрагите против пратениците на опозицијата ќе бидат прекинати. Три пратеници беа ослободени од надзор само за да гласаат“.
Сето ова нам ни е добро познато и се грозиме што ни се случува ама добро е тоа да го регистрира и една Русија, која е постојана членка на СБ на ООН.
Реагираше и американскиот амбасадор, Бејли, кој очигледно порано прочитал што кажал Лавров. За телевизијата 21, а пренесува „Слободен печат“ од 26 октомври, тој изјавил: „Не бев во Собранието кога се гласаше“!, што звучи крајно двосмислено. Рекол: „Тој ден бев во мојата канцеларија, учествував на настан организиран вечерта од амбасадата и како повеќето граѓани на Македонија го следев гласањето на телевизија од мојата дневна соба“. За него биле „апсурдни обвинувањата дека САД нелегално се вмешани и влијаеле врз гласањето во Собранието“.
Сѐ што кажал Бејли може да се смета апсолутно точно ама тој воопшто не го демантира Лавров. А, скриена вистина е најголема лага. Бејли не вели дека дента не бил во Собранието. Tој не бил таму само кога се гласало и тоа не е спорно. Арно ама тоа се случи по 22 часот. Каде бил пред тоа? Бејли можел да влезе на пет минути во својата канцеларија и изјавата му е неоспорна дека бил во неа. Во ред, вечерта бил и на некаков настан во амбасадата. Ако задачата во Собранието ја завршил во 21.30 ч., отишол право на настанот, останал половина час и потоа право во дневната соба на ТВ-пренос. Можел, впрочем, и порано да наврати на половина час на настанот и пак да се врати во Собранието.
Според тоа што го изјавил Бејли, тој може да има „алиби“ за еден, еве нека бидат и цели два часа од „црниот петок“, пред гласањето. Тој не ни соопштува каде бил другите осум, девет, десет… часа, додека траеше македонската предавничка и самоуништувачка собраниска трагедија. „Пријателските убедувања“ во Собранието, да се гласа за само урнисување на Македонците, започнале сигурно најдоцна во 10 часот и траеле најмалку до 21.30 часот. Во прашање се скоро 12 часа во кои се одвивала драмата, која пластично и веројатно прецизно ја опишал рускиот министер.
Лавров ќе беше посрамен ако Бејли кратко изјавеше дека во „црниот петок“ не бил во Собранието. Ако навистина не бил, само тоа ќе го кажеше и ништо друго не мораше да објаснува, ниту каде бил дента, ниту вечерта. Тоа ќе беше вистинско алиби. Тоа ќе дадеше сосема поинакво светло на целиот случај. Тој тоа не го вели и, практично, ни потврдува дека бил. Затоа, со голема сигурност може да се тврди дека Бејли бил во Собранието и тоа долго, како што тврди Лавров и, кога ја завршил работата, си заминал пред да се гласа. На гласањето се чекаше скоро цел ден, бидејќи недостигаа гласови за двотретинско мнозинство. Тоа значи дека Бејли веројатно напорно работел за да ги „убеди“ предавниците од опозицијата да ја „согледаат перспективата на земјата“ преку бришење на сѐ што е македонско во државава (МАНУ, МТВ, МИА, МНТ…). Потоа, задоволен од постигнатата цел, си заминал дома и навистина „не бил во Собранието кога се гласаше“, како што изјави. Зошто би останал, кога ја завршил задачата?
А што работел Бејли толку долго во Собранието, бидејќи не вели дека не бил, знаат само тој и тие поради кои бил таму. Еден ден сѐ ќе излезе на виделина ама нема да има никаква корист од тоа ако сега капитулираме како народ. Бејли си ја тера политиката на Вашингтон, за што е платен и испратен. Крајот на мандатот со право му го одложуваат поради неговите „обврски“ за докусурување на македонскиот народ, кои, еве, привршуваат. Веројатно не треба да се врати и пред да го стави Груевски во затвор? Не навлегувајќи во тоа што работел додека бил во Турција, Бејли кај нас има лични заслуги за докусурувањето на македонскиот карактер на државата. На сметка на уништувањето на фундаменталните интереси на македонскиот народ, тој најверојатно ќе направи скок во кариерата. Во поранешна етапа од американското сценарио за бришење на Македонците, врз истите заслуги, слично се случи и со Рикер. Сепак, набргу потоа тој падна во немилост, што е нов доказ дека лошите дела не носат траен бериќет.
Лавров сигурно ништо не извадил од ракав. Тие имаат најсофистицирани начини да дојдат до вистината. Сите знаеме дека ЦИА ја прислушувала и Меркел, која сигурно има одлична заштита. Истото тоа масовно го прават и Русите, Французите, Германците, Британците… Впрочем, фактите на Лавров се можеби и од руската амбасада во Скопје, што би било сосема логично. Затоа и постојат амбасадите.
Во колумна во „Фокус“, од 2.11.2018 г. („Сергеј Лавров – личен шарм и државни интереси“), и Денко Малески се осврнува на интервјуто на Лавров. Главно ги пренесува истите цитати и заклучува дека зборовите на Лавров „можат да ја заведат и слабо информираната македонска публика“?! Каде живее човеков? Невидената кампања што досега ја правеа и ја прават странските мршојадци и домашните предавници, кои бескрупулозно лажат, не го заведуваат народот, а тоа ќе го сторел Лавров со една изјава, која скоро и не доби место во нашите медиуми! Ееееј, до каде стигнуваат манипулациите!
Малески е сепак во право дека Лавров ги брани интересите на Русија, што му е и работа. А, што прават Американците и другите наши „стратегиски партнери“ во земјава? Ги бранат нашите? Барем толку мора да разбира Малески, кој тврди: „Интересот на Западот е трансформација на земјата (наша!) во слободна и правна држава, како дел од евроатлантската зона на демократии“! Ако е така, Малески, зошто САД и Западот со години не ја признаваа Македонија? Зошто крајно нелегално и насилно ѝ го суспендираа историското и уставно име во СБ, флагрантно кршејќи ја Повелбата (Уставот) на ООН? Зошто дозволија Грција две и нешто години нелегално да ни ја блокира јужната граница и да го уништува нашето стопанство? Зошто истите тие срамно ја игнорираат пресудата од Хаг со која 14 меѓународни судии едногласно пресудија дека ние сме во право? Дали веќе 30 години ни го прават сето тоа поради демократски принципи и слободи, за да ни помогнат? И, дали за „трансформацијата на земјата (наша!) во слободна и правна држава“ Западот треба со срамно насилство да нѐ прекрсти и како држава и како народ? За наше добро, нели? Или, сето тоа не е важно? Да се правиме дека не го забележуваме? Е, Малески, Малески…
Просто е неверојатно како овој професор по меѓународно право и неколку години шеф на македонската дипломатија ги толкува работите што му се струка. Запад и САД веќе три децении ја уништуваат Македонија поради свои интереси, а тоа тој не сака да го види тоа. Малески тврди и дека нашата „демократска трансформација“ не им одговарала на Русите“. Нека е и така. Каде е тука проблемот? Нивно право е да избираат што им одговара, што не, сѐ додека не го праќаат амбасадорот во Собранието да ја спречи нашата „трансформација“? Русија, Малески, само вербално и многу доцна, ги поддржа универзалните права на македонскиот народ да остане тоа што е. Нивната осуда на американската агресија врз Македонија, која трае долго, треба да нѐ радува.
На Малески мора да му е јасно дека Бејли и сличните го бришат македонскиот народ само поради интересите на Вашингтон. Подолго од четврт век, скоро секојдневно, САД потврдуваат дека им пречат Македонците и играат на картата на Албанците, за кои го отцепија Косово со бомбардирање на Белград. Нам, пак, ни организираа агресија во 2001 г., зачинета со ОРД и, за финале, ни ја сервираа „тиранската платформа“.
Малески ќе заклучи: „Лавров е во право. Западните политичари и нивните амбасадори во земјава употребуваат разни дипломатски и недипломатски средства да се променат трагичните состојби во Македонија“, и тука ќе застане. „Недипломатските средства“ не ги критикува, а камоли да ги осудува туку ги поздравува и поттикнува со оцена дека сакале да ни помогнат. Целта, нели, ги оправдува средствата. Ситуацијата кај нас е трагична, Малески, само поради предавниците меѓу нашите „политичари“ и „интелектуалци“, кои немаат основна самопочит и достоинство и викаат ура на бришењето на вековниот македонски народ. Сироти „Европејци“! Колку е страшно да се срамиш од својот народ и од самиот себе! Тоа што се обидуваат да нѐ направат сите нас недоветни е само од очај. За среќа, такви излегуваат само тие самите.
Албанците никогаш не би дозволиле да им се случи ваков резил. Тие знаат што сакаат. За Македонците се поважни кучињата-скитници.
Ристо Никовски