Во мојот напис од 18 февруари потенцирав дека според хиерархијата на националните интереси, сѐ уште останува идентитетот на еден народ на врвот од тие интереси, пред безбедноста. Во нашиот случај и во моментот модулирањето на идентитетот е во рацете на нашиот и косовски министер за надворешни работи, кој продолжува да го обликува претходното обликување започнато во Нивице, од страна на неговиот претходник и сегашниот и тогашен two-time премиер. Нема одговор дали Заев и Вицето му го платиле патот до Мадрид. Понатаму ќе споменам некои примери како мора да се бранат интересите.
На оваа тема ни се множат „идеолозите“ во јавната и политичката сфера, кои не ги загрижува македонскиот идентитет. Ќе споменам само неколку примера. Има еден новинар, политички бербер, но и квалификуван историчар, кој таа квалификација ја има стекнато само преку едно вечерно образование на институтот за надворешна работи „Мелиаеп“ од Атина. Очигледно тој добро ги разбира тековите на парите, што му е фамилијарна карактеристика. За таквите постапки на други е строг и непоколеблив критичар. Читајте го неговиот став во „Добро утро цивили“, под наслов „Скандалите се моќна алатка – визијата е закон“ и јасно ќе ви стане како човекот одработува во корист на интересите на Бугарија, како и во споменатиот пример со историјата, а потоа и лобирањето за Преспанскиот договор. Цехот си е цех, мора да си го добие надоместокот, би рекол овој финансиски мешетар. Сепак треба да му се признае дека има добар стил на изразување преку литерарен наратив, ама само за оние од кои добива награда. Интересите на својот македонски народ не му се познати.
За време на протестите против Тиранската платформа – заповед за Заев, јас учествував во протестите, но не влегов во Собранието ниту ќе го направев тоа.
Не заради погрешните чекори што би ги сторил, туку заради тоа што немаше кого внатре да погледнам, не па да исплукам. За мене потезите за избор на претседател на Собранието ми се плод на неизживеаните политичари како оние од НСДП или СДСМ, кои оддаваа почит при пеењето на албанската химна и на целата процедура, надвор од секој законски акт во која било друга држава, слично како и при промената на Законот за јазиците и сл. Сето тоа на крајот заличуваше на инфантилни детски политиканти иако во него директно учествуваа, за да ја докажат моќта на СДСМ, и некои наши професори и професорки од високообразовните институции, кои во епизодата ни се прикажаа како вредни и висококвалификувани камермани и стенографи, а работеа за своите лични интереси, заборавајќи дека добиваат плата или пензија преку 90 отсто од парите на Македонците, бидејки другите не плаќаат толку редовно даноци. Ете затоа требаше друг пристап, а не влез во парламентот. Требаше да се искористат упатствата на Џин Шарп за мирна промена на власта.
Како на овие наши политички глупости ќе реагираа Словенците. На преминот во далечната 1967/1968 година, јас со уште неколку претставници од другите тогашни републики во СФР Југославија, неколку месеци присуствуваме на некакво оспособување преку една сојузна програма во Шкофја Лока. Попладне бевме слободни и излегувавме во центарот на градот. Еден ден појдовме да прошетаме, а потоа на враќање сакавме да си купиме овошје.
Откога заминавме од центарот дојдовме на еден мал простор на кој беа поставени повеќе лимени продавници на зеленчук и овоштие. Пред нас двајца постари граѓани, очигледно Словенци, ни покажаа вистински пример како се бранат националните интереси, од што останавме вчудовидени. Слушнавме дека сакаат да купат јаболка. Застанаа пред продавницата на „Хепок“ (еден босанско-херцеговски земјоделски комбинат). Сопругот одлучил да купи јаболка од споменатата продавница, кои беа вистински примерок на убаво и добро јаболко. Меѓутоа следуваше пресврт. Сопругата го повлече за ракавот од мантилот и ја сврте главата нагоре кон фирмата на продавницата што ја споменавме. Мажот ја следеше и погледна нагоре. Се свртеа и влегоа во словенечка продавница и си купија нивни јаболка, кои ние пак воопшто не ги перципиравме како добри за нас и си зедовме од подобрите од „Хепок“. Ќе споменам уште два примера, кои се добро познат за постарата генерација. „Треска“ беше наш најдобар производител на мебел. Посака да го следи примерот на многуте словенечки фирми за мебел, кои во Македонија беа присутни, и купи или изнајми една продавница во Љубљана. Но не и успеа и покрај напорите од нашите надлежни поради пречките во нивните административни процедури. Вториот пример беше интересен за тоа зошто Љубљана има постојан број на население и за тоа сакавме да го искористиме нивниот пример по напливот на доселеници во Скопје, од нашите села, но и од Косово и Метохија. Суштината на нивната идеја беше за да добиеш работа мораше да имаш стан, а не можеше да купиш стан ако немаш работа. Во моментот племенски партии бараат ултимативно решение од страна на најголемото малцинство во Собранието, другите не прифаќаат. А ниту едните ниту другите имаат аргументи. Не ги интересираат нормите и прописите, ниту светските искуства.
И сега уште еден пример како се бранат своите интереси. НАТО партиципираше со 20 или 25 отсто од вредноста на набавката на пешадиската опрема за нашата мултиетничка армија. Си велам браво, бидејќи арачиновци не плаќаат даноци, а треба да ги користат тие средства, па бенефициите мораше да следуваат.
Долго размислував како јас овие практики на Словенците и на споменатиот за НАТО, да ги искористам за одбрана на своето по Тиранската платформа. Се присетив и на познатиот совет на Џон Кенеди до Американците: „Не мислете што за вас ќе направи државата, размислете што вие ќе направите за државата“. Одлучив и еве што направив. Го раскинав договорот со провајдерот од кој користев телевизиска програма, а на нивното прашање зошто – јасно им кажав да си ги побараат своите поддржувачи да им се приклучат на нивните услуги за подобра одбрана на Платформата, која постојано ја бранеа во нивната ТВ 24 часа. ТВ Телма ја следев во тоа бурно време, ама од сопственикот на истата таа, кој ги поседува и бензинските пумпи за гориво, јас повеќе не купувам гориво, бидејќи сметав дека работат за туѓи интереси. Во една нивна емисија наречена Топ тема, во текот на протестите против споменатата платформа – наредба, која ја водеше оној според некој бард, кој денес е ангажиран во Утринскиот брифинг на слободарскиот ѕиден весник, вклучи еден наш докторанд од Италија, кој ја објаснуваше потребата од проширување на јазикот на малцинството на цела територија на Македонија, споменувајќи го примерот со Финска. Жестоко реагирав кај овој наш докторанд преку неговиот фејсбук-профил и му кажав дела треска зелени. Секогаш сум за примери како поткрепа на тезите, ама примерот на споменатиот научен работник беа далеку од реалноста. Го прашав дали го знае политичко-историскиот контекст зошто Швеѓаните во Финска имаат такво право за еднаквост на двата јазика. Тој ми изнесуваше факти, а јас разбрав дека ги добил од Википедија и не го знаеше одговорот што јас го очекував. Едноставно му кажав дека тоа што ми го кажа не е точен контекст и дека не е добро запознаен со суштината на проблемот. Му објаснив дека за време на УНПРЕДП, во кој учествуваше и фински контингент на војници, од кои некои дојдоа со семејствата, го издадов мојот стан на еден од офицерите од овој контингент, бидејќи моето семејство беше во странство. Во разговор со нив ја дознав вистината дека пред Финска да се осамостои од Шведска и да стане самостојна суверена држава, Шведска условувала со еднакви права на јазикот на своите граѓани што учествувале во вкупниот број на жители на Финска од 5 отсто и ќе останат да живеат во неа.
Дали, почитувани, ние баравме осамостојување од Албанија и затоа настана Тиранската платформа според која на македонските Албанци законски требаше да им одобриме право што е над сите права секаде во Европа и во светот? А јас во 2006 година пред договорот во Клубот на пратеници, со кој ВМРО-ДПМНЕ го прошири правото на јазикот на малцинството над рамката од Охрид, само да се докопа до власта, посочив научни аргументи од институтот ИДЕА од Стокхолм дека покрај правата, мора да следуваат и обврски. Ама кој подобро ги знае проблемите од преговарачката, која силно го сврте буџетот на Собранието кон својот џеб, поддржана од кандидатот за премиер во тоа време, ве молам.
Си следев и други селективни пазарни постапки. Ајварот на мајка му ниту го погледнував ниту ќе го погледнам додека сум жив, макар и да лаже со играта за златник во секоја тегла. Од грчките производи на нашиот пазар, купував само маслинки, сѐ до појавата на нашите маслинки од Дојран… Околу Гарванлиев ѝ советувам на комисијата да му предложи да побара целосна финансиска поддршка од неговите поддржувачи, Бугарија и Албанија, за кои леташе орли, а да настапи исклучиво под македонското знаме. МТВ се финансира преку буџетот, односно од наши пари, и никако не треба да се поддржи патувањето на „Евровизија“. Немам ништо против Заев и Вицето да го финансираат и да настапи според неговиот избор на едно знаме, може тоа да биде и свастиката.
На зелените пазари уште немам селективен пристап заради почитта што ја имам спрема луѓето што таму заработуваат за своите семејства. Ама овој став можам да го променам ако продолжи трендот на уништување на сѐ што е македонско и ако не се почитуваат Македонците, а Ахмети продолжи да се затскрива зад неговата правдина и споменатите останат зад овие правдини на нивните атамани. Ова не се националистички постапки во ниту еден поглед. Јас само ги следам искуствата и знаењето на другите споменати погоре, но и на оние од Арачиново, како се бранат и своите и интересите на блиските од племето. Ако градиме мултиетничко општество, ајде да го градиме на рамноправни односи, сѐ што е лошо сите да го осудиме, доброто да го браниме, а не селективно да осудуваме или поддржуваме, макар и премолчено.
Да завршам. Не знам дали некој од учесниците во протестите и нивните блиски, особено на затворените за 27 април го знаат овој пристап. Им советувам да размислат како што јас размислив и пронајдете си ги своите патишта на одбрана на своите интереси, бидејќи незнаењето нашите политичари го дополнуваа со присвојување на нашите пари, а сѐ започна со грабежот на општествената сопственост и бркањето на странските советници за транзицијата веднаш по осамостојувањето.
М-р Ѓорѓи Трипков, економист-аналитичар, пензионер