На една од телевизиите неодамна гостуваше еден од подобрите наши дипломати. Покрај расправата за пронаоѓањето и пренесувањето на посмртните останки на Чуповски од Санкт Петербург во земјата, мојот интерес го предизвикаа размислувањата на водителите и на гостинот во врска со договорите со Грција од Нивице и со Бугарија. Да не должам и прераскажувам од искажувањата за договорот со Грција, заклучокот што логично се наметнува е дека договорот е направен на друго место и им е даден на страните да го прифатат. Така може да се подразбере дека договорот е наметнат и без поговор, требало да се прифати. Оттаму следува не само што Македонија морала туку и Грција морала да го прифати и така и таа била губитник. Ама воопшто не е така. Овој вовед ми е само повод и јас да го искажам својот став за тоа кога и како настануваше овој договор, што битно се разликува од ставовите на споменатите. Не ги запоставувам оцените на учесниците во споменатата емисија, сепак и покрај сета почит кон споменатите, мислам дека и историски и суштински нивната вистина за настанувањето на овој договор, како и исходот од него, се само нивни претпоставени и замислени желби бидејки не се засноваат на концептот што се примени во преговарањето.
Според мене, сѐ започна по дадената изјава на Заев во Валандово во една предизборна активност, за тоа дека: „…Ако дојдат на власт ќе јадат живи луѓе“, мислејќи на оние од ВМРО-ДПМНЕ. Така тој се претстави пред нашата и странската јавност како човек кому не му е гајле за никого и за никакви интереси на дел од Македонците. Во Берн тој експлицитно го искажа тоа со ветувања за секакви права без обврски за најголемото малцинство. Од друга страна, Груевски одбиваше преговарање за промена на името, па така тој не разбра дека имаме спор што мора да се реши преку преговарање, бидејќи тоа не можеше поинаку да се реши. Беше сосема јасно дека зад таа една патека на решение на спорот прво стоеше ОБСЕ, а потоа се вклучи и ОН.

Што се случи потоа? Заев го посети Израел во исто време кога таму се наоѓаше и Груевски (се сеќавате на рејбан-очилата за што кај нас се создаде пародија) при што тој имаше неофицијална средба со владини претставници на оваа земја иако беше само претседател на СДСМ, а не и официјален владин службеник. Ценам дека на оваа средба Заев сосема извесно прифатил да преговара за промена на името и идентитетот само да се обезбеди влез во НАТО и во ЕУ, а Груевски го одбил тоа. Потоа Груевски со својата реторика на јавните настапи го напаѓаше СДСМ, иако ги доби изборите не формира влада, поради непринципиелната улога на ДУИ, најверојатно под притисок од страна со намера да се реши проблемот за името преку дадените ветувања на Заев.
За да не се помисли дека погоре искажаното е некаква моја слободна интерпретација или претпоставка за суштината на разговорите на Заев при посетата на оваа земја, морам да го споменам основниот мој аргумент, дека самиот концепт според кој се преговараше за договорот од Преспа веќе пред тоа беше стокмен, од страна на директорот на Проектот за преговарање на Харвардскиот универзитет во САД и чекаше негова проверка пред реализацијата. А самиот автор, концептот го градеше врз своите сознанија стекнати при распадот на СФРЈ и водените крвави војни меѓу државите што ја сочинуваа ова заедница пред нејзиниот распад. Авторот бил и активен научен посматрач и помагач при залечувањето на фрустрациите и болките на луѓето што не беа директни учесници од сите националности во тие конфликти, а претрпеле тортури и загуби на своите блиски. Тоа болно искуство е претставено и како сериозна можност за превенирање на проблемот за нашето име што го имаше Грција, што авторот децидно го споменува во концептот. Многу битно е да се каже дека потоа авторот овој концепт го презентирал и проверил во Давос пред определен круг државници нарекувајќи го „Преговарање за непреговорливото“ (читај… за идентитетот), а според мене, и некои други се држат до ставот дека меѓу нив биле присутни Ципрас и Заев.

Во врска со концептот, по потпишувањето на Преспанскиот договор имам напишано неколку написи во овој дневен весник, во кои спорев со еден наш дипломат, кој го повтори искажувањето на нашиот министер за надворешни работи и преговарач со Грција, дека со договорот и со сериозни негови психолошки напрегања сме ја составиле Рубиковата коцка, што е суштина на концептот чија цел е решавање на конфликтите преку релацискиот или поделениот идентитет. Ова искажување на преговарачот и министер, заедно со другите „инспиративни“ негови оцени за средбите со преговарачот од другата страна во Атина, но и со исходот од членот 7 од договорот не само што се потврдува дека е преговарано според споменатиот концепт за нашиот идентитет туку и дека тој е променет во релациски во однос со Македонците во Северна Грција. Значи преку релацискиот концепт од договорот од Преспа веќе ни е сменет идентитетот, а министерот (сега на нова функција) и неговите послушници сѐ уште нѐ убедуваат дека тој е зачуван, манипулирајќи нѐ со изјавите за некаков компромис. Во тоа и успеваат поради тоа што кај нас има сериозно незнаење, а и неразбирање на проблематиката. Поради тоа морам да објаснам уште една тотална заблуда што постои особено кај оние од СДСМ и нивните приврзаници за овој проблем. Сигурно има вистина во ставот на Димитров и Заев за тоа дека тоа е наше чувство и никој не може да ни го земе. Но има по ова едно големо НО, чија суштина е ако некој надвор од државата не ти ги признава името и презимето, за што Заев и Димитров преговараа и се согласија за промена на идентитетот, тогаш за сите други држави вашиот идентитет службено ќе биде северно… Македонец.
Така тргна и настапот на некои странски државници и дипломати, по потпишувањето на Преспанскиот договор, но тоа замре или попрецизно им беше речено да се стрпат додека не дојде време тој наш идентитет да се употребува широко и да се заштитат нашите преговарачи од нивните противници тука во нашата држава. Моја претпоставка за тоа е дека треба овој проблем да се досреди со Бугарија и да влеземе во ЕУ и потоа сите нас кога ќе престојуваме во странските држави ќе нѐ ословуваат со нашето име и презиме, односно како севернозападни Македонци.

Инструкциите, без оглед од каде се дадени на Заев и Димитров пред преговарањето исто така ја потврдуваат оваа моја оцена. Не сум злобен, ниту претерано сакам да го нагласам своето размислување, но овој пат морам да нагласам. Тие ги одбија моите опомени, пред и за време на преговарањето, дека се на погрешен пат и дека е потребен поинаквиот пристап што јас само им го навестив. Така тие ја истакнаа својата злоба како нивна битна особина и ги потврдија нивното незнаење и неспособност, претерано потенцирајќи го своето его изразено преку тоа дека само тие и никој друг не е роден за преговарање и политика. Порано во овој весник јас споменав дека постои нов пристап за преговарање на послаба со многу посилна страна во некој конфликт што е спротивен на споменатиот по кој се преговараше – послабата страна мора да попушти пред помоќната. Ќе го споменам тоа и сега и тука. Дел од креаторите на споменатиот проект на „Харвард“ се оние што само го споменуваат тој пристап во нивното дело „Како да се добие да“, објавено и кај нас. Тоа е џиу-џицу концептот, кој не е разработен од нивна страна, туку само споменат како можност. Филозофијата на оваа боречка вештина е да се искористи силата на противникот за да се совлада: А тој концепт сакав да им го претставам и да помогнам. И покрај сѐ, мора да се спомене и тоа дека самиот концепт на релациски идентитет „е врвно мајсторство што е и прагматско“, според Вилјам Јури, еден од креаторите на Проектот за преговарање. Јас само би додал дека тој и таков концепт бара и сериозни и целосни знаења од областа на преговарањето за да го користиш односно да пливаш меѓу политичките интереси како меѓу сцили и харидби за да го добиеш тоа што го сакаш преку преговарањето односно да ги одбраниш националните интереси, во случајот името Македонија, кое го имаме само ние и ниту една друга држава околу нас. Наивноста и незнаењето на нашите преговарачи се изрази во тоа што го добија тоа што го посакуваа (познатите краткотрајни интереси (ЕУ и НАТО), кои и денес се гледа дека делумно и со натамошни сериозни отстапки се остваруваат) со придржувањето до концептот за сметка на нашите национални интереси (како константа). Токму такво знаење им недостигаше на нашите надлежни и на преговарачот при преговорите за Преспанскиот договор, а се наслонија само на инструкциите и подготовките. Јас овој пасус ќе го завршам само со едно прашање до преговарачот и до премерот зошто ги задоволивте само своите лични материјални интереси, а не се сетивте да побарате знаење што ќе биде од корист на сите во државата, а таква шанса имавте?

Така, сѐ заедно и со погрешно избраните цели што ги најавија однапред, имавме крајно слаба позиција во преговарањето што имаше одраз врз исходот, кој без исклучок е губитнички за нас, а добитнички за другата страна. Да не се повторувам, ама и не сакам да не го споменам само тоа, но морам, дека исходот според џиу-џицу концептот имаше цел да докаже дека нема разлики во името и за нас ќе беше добитен, а за другата страна немаше да значи загуба. И ако тој пристап, кој е помудар, не го прифатеше другата страна и меѓународната заедница, тогаш нашиот народ ќе знаеше што треба во иднина да прави. Но тоа не се случи и нѐ доведе во ситуација на меѓународен план да се зацврсти ставот за крајно слаба и неспособна за опстанок држава. Поуката е сосема јасна: да те учи некој да ловиш риба за да преживееш (да ти понуди концепт) е благодат, ама ако и после тоа не знаеш да ловиш (како да го примениш тој концепт) ти следува пропаст. Тоа најубаво сега го користи нашиот источен сосед за да нѐ столчи како Македонци.
Така, премиерот и преговарачот ни докажаа дека беа плодно поле за манипулација од оние што имаат супериорно знаење за преговарање и намера да ги остварат своите интереси на тој начин. Со тоа нашите одработија за интересите на другата страна за сметка на нашите национални интереси. Тоа од друга страна, е и речиси единствен случај во меѓународните односи, во кој губитниците си ги задоволија нивните материјална интереси, како награда за нивниот „труд“ наспроти националните интереси на оние што ги избрале.

Значи да не знаеш колку не знаеш во суштина е незнаење за избор меѓу поголемото и помало зло што е погубно во политиката што кај нас станува основен принцип. Она што треба да се искаже по погоре споменато заличува на тавтологија, но сепак ќе го искажам. Нашите политичари речиси без исклучок, навистина се чиста „табула раза“. Колку, пак, на таа нивна политичка маса е сервирано знаење, а колку не е друго прашање, кое бара друга пригода, а се однесува на нашето образование за политиката и преговарањето, кое го водеа и во последно време водат оние што и не се целосно дообразовани и способни.

М-р Ѓорѓи Трипков, економист аналитичар, пензионер


Дипломатијата на Западен Балкан сè уште има одраз на советското минато

Многу ме погоди кога ја прочитав статијата на Валери Хопкинс и на Мајкл Пил со наслов „Бугарија ги сруши надежите на С. Македонија за членство во ЕУ“ објавена во „Фајненшел тајмс“ на 18 ноември, во која се пишува како Бугарија одлучила да стави вето на влезот на (Северна) Македонија во Европската Унија (ЕУ).
Европската иднина на Западен Балкан е важна за стабилноста во Европа. За жал, се чини дека вредностите и одлуките на Бугарија како членка сè уште се под влијание на нејзиното минато од советската ера.
Спор за нечиј идентитет и јазик во 2020 година, во еден ваков брз и поврзан свет, е апсурд.
Сите луѓе имаат право на определување на својот идентитет. Македонскиот јазик е меѓународно признаен уште од 1971 година, а ако Бугарија може агресивно да спори за прашањата за идентитетот и за јазикот на една нација денес и да го малтретира помалиот сосед, тогаш замислете како беше во минатото откако Османлиите се повлекоа од Балканот и каква историска вистина Бугарија сака денес да ѝ наметне на (Северна) Македонија.
За жал, балканскиот регион денес е преполн со лидери што ги кочи нивната историја наместо да гледаат кон иднината. Лидери што свесно сонуваат за држави поголеми од нивните граници додека им ја загрозуваат иднината на милиони сиромашни луѓе и на такви што страдаат во регионот.
Национализмот од внатрешнополитички причини има долготрајни ефекти врз идниот просперитет на жителите на Балканот. Ваквото однесување мора да биде осудено од страна на ЕУ и на нејзините членки.

Горјан Лазаров, Прага, Република Чешка