Открив зошто републиканците станаа демократи и зошто дозволуваат администрацијата на Обама уште да управува со Стејт департментот. За инает на Русите. Колку и да се мразат двете партии меѓусебно, и двете повеќе ги мразат Русите. Инаетот владее со Вашингтон. Крајната цел на надворешната политика на САД е да го прошири империјализмот на САД (додека ги игнорира светските критики за истото тоа) и, како шлаг на тортата, да ги разбесни „лошите Руси“. Новата стратегија (во која Македонија е играчка) е да се внесе Македонија во НАТО. Зошто да не се внесе земја на која не ѝ треба тоа и која не може да си го дозволи тоа во непотребна организација, која требаше да изумре заедно со Советскиот Сојуз, но која, сепак, постои само за да ги исполни горенаведените цели? Бруталните несакани последици во овој случај (а секогаш ги има кога се работи за американската надворешна политика) се што Македонија е принудена да ги смени името, идентитетот, јазикот, етничката припадност и историјата за да му угоди на својот најголем потчинител, Грција.
Новото име на Република Македонија би било Северна Македонија и Северномакедонци, а ова, се разбира, ја менува самата дефиниција на Македонец. Се разбира, бришењето на името и идентитетот на една етничка група претставува геноцид и кршење на меѓународното право и конвенциите за човекови права, но ова нема да ги запре САД, самопрогласената и брутално иронична „најдобра демократија на светот“. Тука не зборуваме само за бришење на Република Македонија. Западот, со својот безграничен расизам, ја распарчи цела Македонија во 1913-та и им подели делови од неа на Србија/Југославија (делот што сега е независна Република Македонија), на Бугарија, на Грција и, подоцна, на Албанија. Редефинирањето на нашата вековна националност им оди во прилог на сите наши потчинители и нивната стратегиска цел – бришење на нашето постоење. Македонците насекаде, со меѓународна поддршка, кои се бореа против пресијата на Грција, Бугарија, Албанија и на Србија, сега се оставени на цедило (и се дозволува нашата народност да изумре) само затоа што на САД им е поважно НАТО од човечката пристојност и демократијата.
И да не заборавиме – САД го добиваат она што го посакуваат. И покрај отпорот, ако го има, од страна на меѓународната заедница.
Се разбира, едноставното решение да се задоволи опсесијата на САД со проширување на НАТО, а сепак да се почитува правото на постоење на цел еден народ, е да се отстрани механизмот на вето од страна на само една земја во НАТО, нешто за што се залагаше дури и Џорџ Буш. Ако, сепак, се сменат правилата на НАТО, што е преголем напор за некомпетентната сегашна администрација на САД, САД лесно би можеле да побараат (односно да ѝ наредат) на Грција да се воздржи од употребата на вето за потенцијална земја-членка на Алијансата.
Кога Доналд Трамп би обрнал внимание, на што било, веднаш би го запрел овој дебакл, не заради нешто друго, туку за да го спаси својот најдобар пријател/шеф Владимир Путин од поразот што НАТО прима уште една земја-членка. Да не даде господ (а господ наводно ги чува републиканците) Трамп да се однесува како вистински претседател и да воведе своја надворешна политика. Причините се повеќекратни и вклучуваат здрав разум, почитување на човековите права и меѓународното право, заштеда на милиони долари на даночните обврзници на САД преку понатамошно неимплементирање од Владата на Македонија, со која управува Сорос, и – инает, нешто што на Трамп би му одговарало исто како уште еден „биг мек“.
Ова е маѓепсаниот круг што ја движи надворешната политика на САД. Македонија е заглавена во него и се врти во кругови како на рингишпил. Но наместо да се чека на Трамп или на кој било американски политичар да развие совест и да дејствува, маѓепсаниот круг ќе заврши кога нештата во него ќе престанат да се движат. Македонијо – запри. Престани да си дозволуваш да бидеш пион во нездравата игра „Ризик“ на САД. Но, овој случај, како што објаснив и во „Играта Македонија“, играта ѝ припаѓа на Македонија и таа може да престане да игра во кој било момент.
Па, македонски политичари, ќе почнете ли конечно да ги браните Македонија, човековите права и здравиот разум и ќе ја запрете ли веќе оваа катастрофа со промена на името? Одбранете се себеси и светот ќе ве брани, наместо да бидете уште едно американско чергиче за нозе.
Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права
—- Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) активно работи на полето на човековите и националните права на Македонците и другите обесправени народи од своето основање во 1986 година.