По Балканските војни, монолитна Македонија е распарчена на три дела и секоја од завојуваните страни од својот дел го брише името Македонија: српскиот дел е наречен Јужна Србија, грчкиот дел е наречен Северна Грција, Бугарија присвоената територија, едноставно, ја именува како Бугарија.
За време на Првата светска војна, кога сојузничките сили се истоварија во Солунското пристаниште, речиси сите воени судири се одвиваат на македонска територија. За британските автори што со будно око ги следат воените судири сеќавањата за Македонија сѐ уште се свежи, и тие не пропуштаат тој фронт да го наречат Македонскиот фронт. Тоа е назив што го дава Џ. Вард Прајс во своето значајно дело „Сказната за солунската армија“ (Скопје: Селектор, 2010). Слично постапува и Е.П. Стебинг, универзитетски професор од Единбург, кој многу впечатливо ги опишува најзначајните завршни битки на Македонскиот фронт, како што е битката на Кајмакчалан, и пробивот на фронтот кај линијата Кенали, каде што е сместен штабот на војската на Алијансата со кој раководи генерал Сарај, пробив што се одвивал на 14 октомври 1916 година. Сето тоа до најситни детали впечатливо е опишано во неговото дело „На фронтот во Македонија“ (Скопје: Селектор, 2011).
Покрај присуството на британски државјани на Македонскиот фронт, во Скопје биле сместени голем број медицински екипи што ги испраќал британскиот црвен крст или српскиот потпорен фонд под покровителство на британската кралица. Прва пристигнала екипата што ја предводела леди Пеџет, која, покрај работата во болницата, која била сместена во едно техничко училиште кај денешната касарна „Илинден“, спроведувала и доброволна активност, делејќи му храна и други потрепштини на месното население. Така, како признание за нејзината голема хуманост до пред Втората светска војна една улица во Скопје го носела нејзиното име.
Друга британска болница што дошла во Скопје е болницата што пристигнала во октомври 1914 година и била сместена кај Мала станица, во два склада за тутун. Во оваа болница, меѓу другите доктори, работел ирскиот лекар Џ.Џ. Абрахам – Britisher, како што се нарекува. Тој е автор на делото „Мојот балкански дневник“ (Скопје: Дирекција за култура и уметност, 2009). Ова дело би можело да се нарече и роман за Скопје, зашто во него е изложена до најситни детали исцрпувачката работа во болницата во која катаден со воз се носеле ранети војници од фронтовите во Северна Србија, како што авторот го нарекува горниот дел на Србија. Нему не му одминале од вид и големиот број културни споменици во градот, како црквата „Св. Спас“ со нејзиниот раскошен иконостас, „Куршумли-ан“, Даутпашиниот амам, претворен во ковачница за потковување коњи; впечатливиот калеидоскоп од националности во градот, раскошниот вез на македонските народни носии, убавата глетка од Калето на запад кон Љуботен на Шара, кој како шеќеросан сомун го потсетува на Фуџијама; кинопретставите во салата „Зрински“ и што уште не.
Меѓутоа значајно место им е посветено на политичката состојба во градот и расположението на месното население, што најавтентично може да се види од прилогот во кој името на српскиот дел од Македонија тој го нарекува Северна Македонија – North Macedonia, во согласност со новонастанатата реалност, а не Јужна Србија.
Следниот ден беше Нова година, 1 јануари 1915. Во словенските земји почетокот на годината е најзначајниот настан и правилно е да им се испратат честитки на сите пријатели и на луѓе што човек не ги сака, но сака да ги смири. Но во Србија беше само осумнаесетти декември според јулијанскиот календар, па, така, кога нас нѐ опсипаа картички како снег од сите официјални личности, помисливме дека е доста шармантно од нивна страна да се сетат.
Баркли, јас и еден залутан Англичанец, рударски инженер од горниот дел на земјата, таа вечер вечеравме со конзулот.
„Она што треба да го запаметиш, како одговор, е дека нивниот Божиќ е следната недела, а нивната Нова година по една недела“, рече тој. „Очекувам непријатности во Новата година“, додаде сериозно.
„Зошто?“ реков јас.
„Затоа што Северна Македонија – North Macedonia треба да стане дел од Србија, официјално на први јануари. Народот ќе излезе на избори за да изберат членови на Скупштината.
„Но зошто тоа би предизвикало непријатности?“
Конзулот се насмевна и продолжи да молчи; но инженерот, кој имаше официјална воздржаност, одговори: „Зошто? Бидејќи тие ќе бидат обврзани за регрутација. Ќе ги повикаат младите за да ја зајакнат соголената српска војска, а тие не го сакаат тоа. Многумина од нив се бугарски симпатизери. Како што се плашат Мохамеданците да не ги соберат да се борат против нивните соверници. Албанците и Циганите не сакаат да се борат за никого освен за себе и меѓу себе. Значи тука сме! Просечниот Македонец не е ниту Србин, ниту Грк, ниту Бугарин. Тој е она што му одговара на времето Боже! Македонското прашање! Ќе настане ‘мал пекол‘ кога ќе почнат да се молкнат како регрути во Скопје. Чаршијата веќе врие од револт“.
Конзулот се насмевна сериозно.
„Националноста во Македонија во голема мера е прашање поврзано со верата“, рече тој. „Едно време сиве овие луѓе припаѓаа кон Грчката црква, па така беа класирани како Грци, иако најчесто тие не умееја да кажат ниту збор на грчки! Потоа Српската православна црква беше признаена од сложниот Турчин, кој сакаше да ги раздвои христијаните, па, така, луѓето што ѝ припаѓаа на оваа црква беа сметани за Срби. Се разбира, Србите набргу почнаа со пропаганда за да ја прошират својата црква; и свештениците од двете секти почнаа да се тепаат за телата на новороденчињата, запишувајќи ги во нивните одделни училишта. Потем, Бугаринот замеша рака. Нивната црква – егзархијата – е нешто поинаква, и луѓето што се „егзарси“ ги сметаат за Бугари. Грците и Србите не ја признаваат егзархијата, па, така, двете цркви меѓусебно се екскомуницираат една со друга“.
Инженерот се поднасмевна на некои сеќавања.
„Си спомнувам за во старо време, нешто како пред пет-десет години, скитачки банди Комити преобраќале цели села кон Грчката, Српската или кон Бугарската црква со помош на мечот“.
Забележувајќи го мојот зачуден изглед, тој продолжи.
„Знам. Звучи неверојатно. Но вистина е. Оние што не се преобратиле, едноставно биле ограбени, а понекогаш и испоклани од нивните сожители христијани. Турците набљудувале и се потсмевнувале. Тоа извонредно им одговарало на нивната политика овие христијани да се љубат на ваков начин. По правило, на ваквите случувања од едната или од другата страна тие им гледале низ прсти, како што им одговарало; но кога нештата станувале премногу жестоки, тие навалувале врз двете страни безрезервно, и така се случуваше уште еден македонски масакр за да ја згрози Европа. Како ли само Турците мора да се смееле!“
„Но дали овој македонски народ навистина расно се разликува?“, прашав јас.
На извесен начин да и не. Едноставно, тие се Македонци. Правите Срби и правите Бугари се сосема различни раси. Бугаринот не е Словен, иако зборува словенски јазик. Македонскиот е еднакво разбирлив и за Србинот и за Бугаринот. Во него има малку од грчкиот. Луѓето овде сега велат дека се Срби; но ако следната недела дојде Бугаринот, тие ќе бидат Бугари. Во минатото двете земји имале превласт, и двете полагаат историско право, но не и расно еден на друг.
„Боже! Каква каша“, рече Баркли, подзевајќи малку, додека станувавме да си одиме.
„Мојот балкански дневник“, стр. 118-120
Превод од англиски: В. Цветковски
Проф. д-р Владимир Цветковски, редовен професор во пензија