Господине Панде Колемишевски, вие во весникот „Нова Македонија“, на 24.7.2018 година, барате од функционерите на власт да ви одговорат зошто преговорите помеѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција завршиле со спогодба, а не со договор и сугерирате да се исправи грешката, да биде спогодба.
Верувам дека долго ќе чекате на одговор. Јас ќе се потрудам да ви објаснам зошто е спогодба, а не договор.
Договорот е двострано товарен. Договорните страни земаат еднакви обврски со договор. По завршување на преговорите со спогодба, земени се обврски само за втората страна. Република Македонија е обврзана да го промени Уставот во кој само во преамбулата стои македонскиот народ, но и во преамбулата како народ ќе се бришеме. Името ќе ни биде Северна Македонија, меѓународно и дома. Го признава Грција македонскиот јазик, кој ни е признаен од Обединетите нации во 1977 година. Термините „Македонија“ и „македонски“ се однесуваат на различен историски контекст и културно наследство. За првата страна, Грција, овие термини означуваат област и народ во северниот регион на првата страна (Грција), како елинска цивилизација. Членот 49 од Уставот треба да го бришеме или менуваме, да не се грижи Македонија за припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците. Има и многу други обврски за производите од фирмите. Секое име на објекти, јавни сообраќајници, споменици, археолошки ископини што ги сметаат Грците дека се од елинско потекло, треба да се означат како нивни.
За првата страна, за Грција, нема никакви обврски. Нема ништо договорено за македонското малцинство во Грција, за нивното образование на мајчин јазик и други права што ги уживаат Грците. Нема ништо за Солунското пристаниште, за наш пристап до него за превоз на стоки.
Затоа, господине Панде, постигната е спогодба, а не договор. Спогодбата е еднострана со обврски, само за Македонија.
Веле Калчиноски
Авторот е дипломиран правник