Во центарот на градот Скопје, по улиците Никола Кљусев, Максим Горки, Орце Николов и други, повеќе од две години дрвјата се исушени. Некои од тие дрвја упорно потеруваат од коренот, но нема кој да им помогне да го заменат исушеното стебло. На тие улици во центарот на градот Скопје, од стотина оставени места да се развиваат дрвја, за зелен град, само 20 отсто се зелени, а и тие веќе се на крајот на својата сила да опстојат.
Зар има разлика помеѓу живите животни (кучиња, мачиња), кои имаат право на живот во нашиот, град и засадените дрвја, кои немаат право на ништо (на нега, на вода и сл.). Зар е тоа многу? Зар е тешко на едно засадено дрво во улиците да му посветиш внимание, за потоа само да се бори (летниот и зимскиот период) да опстојува. На зеленилото во градот треба сосема малку да му се посветиме за да ни помогне на нас луѓето во градот. Природата бара малку, а дава многу за здравјето на граѓаните.
Зар има логика да одиме да садиме по ридовите и планините, а во центарот на градот да ни стојат стотина незасадени или необновени дрвја. Тоа ли е определбата и на оваа гарнитура, која се колнеше за озеленување на градот? Овој дел од градот на тој план е целосно запуштен. Чекавме, се надевавме оти напролет ќе се засадат нови дрвја или дека ќе се обновува зеленилото. Но ништо од тоа. Овде, во центарот на Скопје, имате од слика на започнати и незавршени згради до уништено зеленило околу нив и подалеку од нив.
Скорашната изјава на луѓето од министерствата задолжени за зеленилото и чистиот воздух на градот гласеше: „Ние и во летниот период работиме на подобрување на причините за одржување на чистиот воздух и зеленилото на градот. Но тоа сега не е најважно“. Таков јавашлак и таква негрижа за нашиот град (Центарот), за нашата престолнина што постои, не треба да се толерира. А ако премиерот има метла за чистење кадри, потребни му се две метли, за чистењето на раководниот кадар во општината Центар и во градоначалничката управа на Скопје.
Во исто време во овие улици се лоцирани еден голем број видни институции: хотели, банки, амбасади, кафеани и сл., кои, покрај нивните обврски, би можеле да им посветат внимание на десетина засадени дрвја околу нивните објекти. Покрај тоа, тие имаат свои сервисни службеници, кои времето го поминуваат токму покрај овие дрвја, би можеле некои од нив да го навадат или да го удостојат со еден свој потег (да го навадат или да го заврзат и сл). Но, секако, основната одговорност по оваа зеленило лежи кај општината Центар, или општината на градот Скопје.
Јас што го пишувам ова не мислам дека ова за Скопје е најважно, но сепак гостите, туристите што ни доаѓаат сакаат да го видат градот, центарот на градот на оваа Македонија (што ја имаме ние), во убаво зелено светло. Престолнината треба да биде пример за сите помали градови. А ситуацијата е обратна – помалите градови низ државата се пример за Скопје. Тоа е факт. Овие денови премиерот се пофали за големи пари издвоени за решавање на загадувањето на градот. Но не е секогаш во парите, се заборава на основните и евтини навики, перманентно негување на зеленилото и хигиената во градот.
Ете, тоа се тие пародии и фарси што се очигледни, оти ништо не се работи и оти во зимската сезона, која брзо ќе ни дојде по одморите, повторно ќе се најдеме на листата меѓу најнечистите градови во светот.
Стефан Поцев