Во последно време надлежните често ја употребуваат синтагмата за достоинствен исход, како поволно решение за наметнатиот и ирационален спор за името. Од другата страна ни збор за тоа. Ако достоинството е највисока цивилизациска придобивка, неговиот антипод – понижувањето, се наоѓа на најниското ниво на тоа скалило на цивилизацијата и историски е причина за многу зла нанесени во историјата на човештвото. Но ајде да видиме дали надежите за достоинствен исход, на што скоро сѐ фрлија нашите надлежни во овие преговори, се реални.
Нашите историски копнежи низ векови, за формирање самостојна држава, кога се остварија, се поклопија со измената на односите на силите на меѓународната политичка сцена по распаѓањето на комунизмот. Тоа доведе до тектонски поместувања во меѓународното право. Определбите за мирна Европа, беа дефинирани во документот „Ла Валета – механизми за мирно средување на конфликтите“, кои од страна на министрите за надворешни работи на ЕЕЗ (денес ЕУ), во средината на 1991-та, беа прифатени како основни правни принципи во меѓународното право на европските простори. Такви определби за поместување на основните принципи во меѓународното право во корист на мирот, цел на која почиваше Лигата на народите, а потоа од 1945-та и ООН, веќе беа поведени од страна на Генералното собрание на ООН во 1979, а потоа доградени и во 1984 година. Овие изменети правни принципи Грција умешно ги искористи да докаже дека нашето име ја загрозува нејзината територија, најпрво преку Лисабонската декларација, а потоа и пред Советот за безбедност на ООН. Невиден случај во историјата. Соседот така доби крила да нѐ понижува интензивно, а никој отстрана не реагираше.
Во државата наместо да се обединиме и со знаење да бараме поволен исход, имајќи ги предвид споменатите промени во меѓународното право, ние и денес сѐ уште се расправаме и делиме по партиска линија како е најдобро да излеземе накрај, не само за овој проблем.
Така, преговарањето ни остана единствениот пат за излез од овој наметнат ирационален спор/конфликт. За мене и последните обиди да се реши овој проблем се вклопуваат во шаблонот на лутање. Потврда на овие мои оцени е сегашниот наш пристап со промена во приоритетите: наместо да се среди спорот, па да се бара влез во ЕУ и во НАТО, како што и тие ни велат, ние бараме влез во овие институции за да го оправдаме каквиот било исход. Тоа е недозволив пристап, особено во идентитетски спорови за кои не се преговара и во спорови за самоопределување, бидејќи на крајот неповолниот исход станува изненадување заради промена на идентитетот и нерешениот спор околу самоопределувањето.
Таквите исходи, во теоријата за преговарање преку барата, се карактеризираат со тоа ние ќе си го искашкаме чистиот образ, а на другата страна ќе ѝ овозможиме да го исчисти образот и да ја слави „победата“. Би добиле исход: загуба и победа. Најдобар таков пример што е проучуван во оваа теорија, е примерот со начинот на завршувањето на Првата светска војна, како вовед Хитлер да ја почне Втората светска војна, за да возврати на наметнатите неиздржливи и недостојни услови на Германија (територијални, воени и економски репарации) со договорот склучен во еден вагон во Версај во средината на 1919 година. Не сум сигурен дека тоа кај нас е препознато како крвава нечовечка одмазда.
Во моментот надлежните нудат достоинство на страната што е определена за продолжување на нашето понижување во што таа гледа свој триумф – шанса што јасно е дефинирана во текстот од 30 страници, донесени кај нас на градскиот аеродром во меѓународно неименувана земја. За мене останува неизвесно дали нашите правници ќе докажат дека ерга омнес, како принцип на меѓународното право значи обврска да се наметне и во домашното право (преку промена на Уставот) и дали нашиот идентитет ги загрозува суверенитетот и територијалниот интегритет на Грција. Веќе сме во временски теснец, а имаме и непремостлива поделба на правни експерти што се блиски до власта и во кој таа верува и на оние што треба да се елиминираат и понижат.
Во преговори со страна што е определена да земе сѐ, за да ја оправда „мегали-идејата“ вградена во општеството на оваа држава, преку образовниот систем, е тешко да се добие достоинствен предлог за двете страни. За да не изгледа оваа моја оцена неаргументирана и субјективно конструирана, ќе го погледнам процесот со очилата на Моделот за достоинство во преговарањето, на проф. д-р Хајкс од универзитетот „Харвард“. Од досегашното претерано достоинствено однесување на надлежните од наша страна, без возвраќање од другата страна со иста мера, ми се чини дека некој попусто сонува просо. Но, она што според мене е битно тоа е дека е воспоставена само врската меѓу двете страни на високо културно и претерано љубезно ниво, бидејќи во процесот нема навреди и понижување, туку почит. И толку од моделот. Но има данајски поклон, скриен во барањата на другата страна, прифатен од нашата страна, која се топи во преголемата љубов и желба да добиеме влез во евроатлантските институции, а не да се одбранат името и идентитетот.
Надлежните понудија прифаќање на географска одредница за името и така го доведоа во прашање нашиот идентитет, со што на другата страна ѝ го зацврстија барањето, изменетото име нашата држава сама да го потврди со измени (вградување) во нашиот устав. Со таквата наша постапка, надлежните несвесно (поточно не знаејќи) го предизвикаа данајскиот подарок и излегоа од моделот на достоинство и самопочит, бидејќи не ги испочитуваа двата најбитни принципа на споменатиот модел за достоинство, кои се дефинирани како обострано признавање на идентитетот од двете страни и негово потврдување. На тоа наше самопонижување, другата страна се надоврзува и ја продолжува играта со непочитување на нашата национална психолошка безбедност, иако навидум нема понижување и навредување.
Според оваа оцена на проф. Хајкс, другата страна воопшто не е европски ориентирана во преговорите, бидејќи преку барањето за промена на Уставот ни ја ограничува слободата во нашата држава да се чувствуваме и да ја изразуваме нашата припадност достоинствено. Не знам дали тоа не е иредентизам и фашизам? Според оваа оцена, доколку некој од нашите надлежни во процесот прифати отворање на Уставот за да се задоволи и ова барање на соседот, тогаш тој сам без срам јавно признава дека работи во корист на интересите на другата страна, а против нашите интереси, без оглед на мотивите. Поведението на соседот укажува и на тоа дека кај него нема промена во односот кон нас, бидејќи нема разбирање од негова страна за нашите возвишени национални вредности, не само сега, туку и откако ни го наметна спорот/конфликт, а историски и порано.
Да заклучам. Ние засега немаме никаква корист од ваков пристап на преговарање, поради отсуство на достоинствен процес. Достоинството ѝ припаѓа само на другата страна. Не го знам вашиот став почитувани, ама кај мене, имајќи ги предвид оцените на проф. Хајкс, сомнежите остануваат не само непроменети, туку зголемени за сметка на губењето на нашата корист во овие преговори. Дали, пак, некому од нашите му била дадена лекција за достоинство што не ја разбрал, јас немам аргументи да ценам, ама дека сме надвор од суштината на концептот за достоинство во преговарањето сосема ми е јасно.
Ако ние побрзо не направиме пресврт во овој процес и останеме цврсто на позициското преговарање, тогаш преговорите можат да се прекинат и вината во очите на другите пак да биде наша, како и досега. Во таков случај нема да ни помогне ниту „Охридската група“, составена од нам познати меѓународни политичари од порано, преговарањето да заврши со достоинствен исход. Силен аргумент за тоа ми е изјавата на лордот Робертсон, дека „…Македонците… треба да се заложат да донесат одлуки, кои можеби нема да бидат лесни и популарни…“. Со сиот респект на сите членови на групата, според оваа изјава треба да очекуваме наши натамошни отстапки, во делот на ерга омнес и промена на Уставот за да влеземе во ЕУ и НАТО, недостоинствено, обезличени и понижени. Очекував оваа група да ни помогне да постигнеме договор со исход подобар од двојната формула – уставното име за меѓународна употреба, и име што другата страна сама ќе го избере за тоа како ќе ни се обраќа. Само таков исход според мене е достоинствен исход, бидејќи во спорот Грција нема свој влог, како што е нашиот влог на идентитет, самоопределување, историја, јазик и култура.
Верувам дека на претставниците на „Охридската група“ ова им е подобро познато отколку на мене, ама дали тоа е така и со нашите надлежни јас се сомневам. Поради тоа помошта на оваа група лесно може да биде и одмагање за нас, а во интерес на соседот, со што наедно групата ќе го оправда своето постоење, но и своите одлуки како учесници во креирањето на спорот. Затоа повеќе од кога ваква помош за пресврт во процесот на преговарање, за да се добие исход што би бил најблизок до разумниот компромис.
Ѓорѓи Трипков