На самиот почеток на моево размислување, во врска со насловов, морам да речам дека мене ми е непријатно да расправам за теми за кои има многу покомпетентни и поповикани поединци и институции, кои имаат пишувано томови и томови од областа на хидрографијата на нашава земја, а тоа значи и за нашиве езера, меѓу кои и за Преспанско. Имав можност во медиумите да слушам и да гледам емисии искажувања на повеќе и помалку стручни лица на оваа тема. Сепак, јас со достоинствено почитување ги уважував нивните укажувања како повик за аларм.
Но сега би ги споменал некои институции како Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ), кој внимателно ги бележи параметрите и на ова езеро, па многу професори од Природно-математичкиот факултет (ПМФ), поточно од Институтот за географија, МАНУ, ИЗИС-Скопје, Центарот за примена на радиоизотопи во стопанството… Овде ќе наведев и други институции, но не сум сигурен дели тие институции сѐ уште постојат, дали некој ги укинал, а стручњаците ги понижил и ги пуштил во мирување. Да не се во пензија? Да не земаат пензија за да молчат? Да бидат во некаква хибернација, како некои други видови во природата? Се сеќавате тоа било направено и со Институтот за македонски јазик, кој го дотерале на 1 (и со букви: еден) вработен, и тоа пред пензија.
Веднаш ќе ни паднат напамет Владата на Република Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, особено ресорот за водостопанство. Е, ова министерство уште пред повеќе години требаше да ја преземе работата со, ајде така да ја наречеме, „пандемијата“ на ова езеро, да формира работна група (штаб) што ќе направи програма за санација за состојбите на езерото и, ако треба, да ангажира, компетентни стручњаци. Се сеќавате, во таква претсмртна агонија се наоѓаше и Дојранско Езеро, но нашите експерти, за кои имам високо мислење, го санираа и денес тоа како да е преродено. Секако, најпрво ќе се воспостават врски со нашите соседи Албанија и Грција на ниво на влади, односно ресори, и ќе почне санацијата. Овде просечниот читател ќе праша зарем тоа санирање е можно и на ова езеро, оти состојбата е многу посложена. Можно е. Ама би рекле нивото на езерото секогаш, во разни временски интервали, се покачувало или спуштало (денивелирало), па така и сега, во друг временски период ќе почне да се покачува. Дали е тоа сигурно? Не, никој не гарантира дека нивото пак ќе се покачува. Ништо не е сигурно.
Но денешново ниво на знаење на нашите експерти и денешнава техника на градежништво во хидроприродните објекти овозможуваат интервенции. А, инаку, што се однесува до Балканов, и во поблиското минато многу езера исчезнаа и денес не постојат.
Но дека животот на едно езеро може да се регулира, како прво, потврдува примерот со Охридско Езеро. Ете, таму има институција што го регулира нивото на езерото до сантиметар, и тоа на толку едноставен начин, со обични прегради од талпи на излезот од Дрим, со кои истекувањето го зголемува или намалува по потреба на целиот хидробиолошки свет во Охридско Езеро. Второ, истекот на Преспанско Езеро може слично да се регулира и тоа не е тешко. Затоа овде нема да го елаборирам тоа и им го оставам на експертите што ги споменав предмалку.
Но ќе направам споредба со преградувањето на Дунав со Ѓердап, за да се стават темели за браната на толку голема хидроцентрала. Ако можеше да се направи тоа со толкава голема река, што станува со неколку понорни вертикални и хоризонтални отвори во дното или во крајбрежните делови на Преспанско Езеро? Тогаш, не само што ќе се спречи прекумерното истекување ами и ќе се регулира истекувањето на бараната висина и ќе се зачува целиот биодиверзитет.
Каде истекува водата, тоа многу одамна се знае, дури и од кој, од понорите, каде тече водата: дали кај Св. Наум, кај Пештани, кај Поградец во Албанија или во некои крајбрежни делови на Охридско Езеро. Важно е да се знае од што се предизвикани тие поголеми истекувања. Секако дека тие се природни процеси предизвикани од самата природа, но исто така тие се предизвикани и од самото човечко (општествено) дејствување или, поточно речено, недејствување.
Во кратки црти, да ги наведеме овие (хипо)тези. Значи, знаеме дека Галичица е варовничка планина. Дека дождовната вода, која содржи јаглена киселина, ги растворала карпите по хемиски пат, како на површината така и во внатрешноста на планината. И така на површината се создале површински варовнички релјефни форми, а во внатрешноста пештери и јами. Овде не ги објаснуваме нив во детали, сметам и дека не се битни. Но овие внатрешниве, пештерите и јамите, низ нив тече вода, подземни токови-понорници. Е, тие му ја носат водата на Охридско Езеро. Тоа со сигурност се јамите што имаат пад од понорите на Преспанско до Охридско Езеро. Значи, понорниците се планински подземни реки. Покрај дождовната вода, денес не знаеме како се испитува и хемиското дејствување на отпадните води од домаќинствата, се мисли на детергентите и разните раствори за миење садови.
Тие води од кујните ни прочистителните станици не можат да ги одвојат од водата што се упатува кон понорниците. Значи, водата е хемиски фактор за проширување на понорниците. Но водата низ овие понорници (јами) со својата кинетичка енергија има голема ерозивна моќ, совладува висина од над 150 метри и дејствува на проширувањето/стеснувањето на потесните делови на понорниците што се викаат сифони. Инаку, и понорниците, покрај сифони, имаат и проширени делови, кои се наречени хали. Потенцијален фактор, или како што се вели иницијална каписла за стеснување/проширување на сифоните се и земјотресите, како за халите така и за нивните потесни делови сифоните.
А, како што се знае, тие, земјотресите кај нас, како и во цело Средоземје се честа појава. Тие често дејствуваат во проширените делови на понорниците-халите, да се срушат карпи од таваните на халата, и тоа со поголема тежина и да предизвикаат дополнителни затресувања, кои ги чувствува и локалното население. За понорницата во овој случај најважно е што откинатата карпа од таваницата може да ги прошири или стесни сифоните (долниот дел на,,инката“). А во сегашниов случај со езерово, да ги прошири и да се зголеми количеството на истекот на вода во езерото. Изгледа во сегашниов случај имаме пообемно истекување од Преспанско Езеро.
А што се однесува до улогата на општеството во овие алармантни состојби за Преспанско Езеро, веќе спомнав погоре. Не можам да забележам организирано дејствување ни на локално ни на регионално или државно ниво. Ако правам превиди, јас однапред се извинувам, простете ми. А зошто е тоа така? Еден заменик-министер за состојбиве рече дека ова е ширење лажни вести?!
Многу упатени со состојбите со езерово мислат дека не е мало зафаќањето од подземните води од Преспанската котлина за наводнување во земјоделството. Денес се прават огромни напори тоа да се рационализира со системот капка по капка. А над Јанковец, околу 2 км, се наоѓа локација со одлични услови за градење брана на Чешинска (Златарска) Река. Проектот бил направен пред 40-50 години за акумулационата брана за наводнување, а не земање вода директно од езерото или за прекумерно користење на подземните води.
Проектот во Министерството за водостопанство чмаел во фиоките. Но секогаш ќе се најде некоја преку потребна друга инвестиција, со политичка заднина, и таму ќе се насочат средствата. Ова го ставив овде без да ги кажам изворите.
Нема да ми биди замерено исто така ако ставам овде уште две-три реченици за она што спаѓа во доменот на градежниците што вршат интервенции во вакви хидродинамични објекти. Но, сепак, јас ќе спомнам некои примери. Не е пожелно, но за вертикалните отвори како што е Завир, наместо талпи, две бетонски греди поставени хоризонтално горе и долу и повеќе вертикални со димензии 0,40 м на 0,20 м и со должина од 7 до 9 метри, како и за хоризонталните отвори со димензии по потреба на големината на отворот (понорот), би го регулирале истекот на водата. Овие армиранобетонски греди би се однесувале како вентил за понорите (зголемување/намалување) според потребите. А инјектирање (затнување) со бетон или со други материјали никако не би доаѓало предвид. Тоа би било катастрофално за цело езеро и за Преспа.
Како што реков, за ова е потребно прво итна координација со истите ресори во Албанија и во Грција, а второ итно правење работна група (штаб како за пандемијата), група од неколку експерти: инженер геолог, геоморфолог, хидроинженер, градежник на објекти, како и професори од Институтот за географија што добро ги проучуваат спелеологијата и понорниците.
Никола Масалковски