„…ако изгубите предност, ќе умрете“
(Сун Цу)
Намерата на написот е сосема јасно дефинирана од исказот на големиот претставник на теоријата за уметноста на војувањето. Сакал некој или не, мора да признае дека суштината на исказот целосно се пресликува врз сегашниот пристап на преговарање на нашата страна. Непобитен факт е дека предноста засега ѝ припаѓа на другата страна. Инаку сѐ што слушнавме досега или прочитавме за овој наш актуелен проблем е само епизодно прикажување на процесот на преговарање. А ако денот се познава според утрото, тогаш целосно се потврдува споменатата мудрост на Сун Цу од која јас, за разлика од надлежните, не сум мирен.
Што е тоа што мене ме загрижува, а го забележувам во последниот тек на преговорите?
Прво, односот на премиерот кон овој проблем од добивањето на власта со помош од страна, мене ми заличува на силна желба во која тој и неговата партија со коалицијата, наместо кон одбрана, се однесуваат незаинтересирано за тоа што ќе стане со нашите национални интереси, за да се оправда влезот во НАТО и во ЕУ. Тој претеран оптимизам, заснован на алтруизмот кај премиерот, е некоја вродена особина за жртвување на сѐ што е заедничко и македонско, во интерес на другите страни (меѓународната заедница, соседите, најголемата малцинска заедница и сл.). Не знам дали тој знае дека таквото поведение не може да се пронајде во филозофијата на Ганди! Најпрво да споменам дека еден мој професор од Економскиот факултет во Скопје, во далечната 1966 година, сакајќи да ни ја објасни разликата меѓу споменатите појави и грижи, многу често ни велеше: ако погреши еден лекар, има загуба на еден човек, ама ако згреши еден економист на државно ниво, во прашање е загуба на целата нација. Потоа, овој мој светоглед, стекнат од мојот професор од факултетот, ми се потврди и прошири со сознанијата од западната наука.
Така, теоријата на потребите на Маслов јас ја разбирам поинаку од нашите државници, преговарачи и професорите-нивни советници. Неа ја разбирам како што проф. Џон Бартон ја објаснува во својата теорија и филозофија за вредностите и потребите на која било заедница или народ. Според овој теоретичар, на оваа теорија на потребите и вредностите, инаку едно време директор на Институтот за алтернативно средување на конфликтите на универзитетот „Џорџ Мејсон“ од САД и експерт на ООН, за опстанок на која било нација приоритет се идентитетот, безбедноста и самоопределувањето. Ако го разбравте ова почитувани, верувам ви станува јасно колку нашите политичари се државници, а колку маалски политиканти, целосно погодни за манипулација од кого било од страна. Безмалку речиси сите наши научни работници од сите универзитети, научни институти и од МАНУ не ја разбираат таа филозофија.
Не можете да пронајдете една страна текст за ваквите погледи за проблемите и за утврдувањето и одбраната на националните интереси во нашата политичка наука. Се сеќавам како еден наш професор, пред околу една година, напиша во ѕидниот слободарски весник што ги брани интересите на СДСМ, дека националните интереси се утврдувале според изборните резултати. Ве молам што е тоа: знаење или гатање? А МАНУ ќе го помагал процесот на преговарање со факти!? Ќе завршам со прашањето: ќе се справиме ли со упорниот противник, кој бара победа со нашиот преголем алтруизам, оптимизам и (не)знаење?
Ја потценивме другата страна како преговарач? Веројатно заради очекувањето некој да ни помогне во процесот, па целосно се препуштивме на тие очекувања, без да побараме сопствен исход – стратегија, тактика, сценарио и предлог. А потоа на ова се надоврзува и сериозниот недостиг од знаење за преговарањето, со што ги зацврстивме очекувањата на помош од страна, зголемувајќи ја така надежта за сигурен исход, без оглед каков ќе биде. Многубројни се аргументите со кои може да се поткрепи овој исказ. Пет страници наш текст наспроти триесет страници на другата страна за проблемот не значи дека се квалитетни и доволни, со оглед на искажаното погоре.
Она што јас од досега дадените одговори на прашањата во јавноста, од страна на нашите надлежни и некои професори, го имам како сознание е дека кај нас не е извршена квалитетна подготовка за ова преговарање. На сето тоа се надоврзува и прогласот за целосен мрак во информирањето, без да се знае мудроста дека за да се мотивираат луѓето да ги прифатат целите на водачите, треба тие цели да ги споделат со народот заради поделба и на ризикот од неуспехот.
Мора да се има предвид и тоа дека од другата страна сепак имаме противник што е ориентиран да добие сѐ што ќе посака во сите преговарања, па и во ова со нас. Тоа, почитувани, не е моја оцена, туку на познавачите на теоријата за преговарање. Од друга страна, се докажа дека нашите преговарачи, наместо сериозно да ги бранат, сериозно се попустливи во процесите на преговарањето кога се преговара за македонскиот идентитет, безбедност и самоопределување. Поведение потврдено во претходните случаи – тиранската платформа, договорот со Бугарија и сл. Самиот факт што премиерот прифати географска одредница за името, промена на имињата на аеродромот и автопатот, без да побара адекватни отстапки од другата страна, ја креира нашата слаба преговарачка позиција, која води кон глупав договор, како што се карактеризираат таквите договори во теоријата.
И целосниот пристап на преговарање на нашата страна е свртен кон загуба на нашиот идентитет, не само поради тоа што нѐ убедуваат дека државјанството не било исто што и идентитетот туку и поради тоа што споменуваат некакви компромиси, а за тоа во теоријата за преговарање основен предуслов е да вложат нешто свое двете страни, со цел, со исходот тие еднакво да бидат задоволни или незадоволни. А влог на другата страна нема.
На крајот сосема кратко да споменам, имам чувство дека нашите преговарачи и надлежни не знаат дека се преговара за консензус, а не за компромис, како што мислат и нѐ убедуваат. Во теоријата за преговарање, ваквиот пристап на преговорите, какви што се водат за нашето име, е окарактеризиран како интегративно или принципиелно преговарање. Во таков случај се преговара за алтернативите на двете страни за секое прашање.
Временската рамка нема да нѐ спаси, туку таа како мокро јаже изложено на летното сонце ќе ни го стега вратот сѐ додека не се обезличиме. Засега изгледа дека тоа е нашата алтернатива, бидејќи не знаеме како да излеземе од еден ирационален спор/конфликт. Нашите надлежни очекуваат и посакуваат самоубиство од својот народ, само да се оствари втората цел – влез во НАТО и ЕУ. А има можност за поинаков пристап. Горди и со исправен ’рбет да влеземе во споменатите институции или да дознаеме дали тие го посакуваат тој наш влез или не и без нивна сериозна поддршка.
(Ѓорѓи Трипков, економист-аналитичар)