Зацрцореа жетварките уште рано наутро, навестувајќи уште еден пеколно жежок ден над оваа напатена македонска земја. Постарите уште додека не запекло убаво си ги завршија обврските со пазарувањето, па сега, во ладовина, се мезат со салата и пивнуваат студена ракија, онака за циркулација. Патем, меѓу две голтки ги листаат денешните весници. Тоа е тој ритуал што сè уште го практикува онаа генерација што растеше во некои поинакви времиња, кога, како што милува да каже, Господ одеше по земјата.
Но времињата се сменија, „Господ“ одамна не стапнал тука долу, особено не во Македонија, која веќе три децении е оставена како стрвина на Балканот, од која сите сакаат да гризнат.
Таа е можеби единствената земја во светот што во име на некакви европски и цивилизациски вредности направи голем број болни отстапки само да ги постигне вредностите врз кои почива Европската Унија.
Нејзината тридецениска голгота беше проследена најпрво со промена на државното знаме, потоа на Уставот и на крајот на името, сето тоа под притисок на меѓународната заедница и институциите што во меѓународни рамки требаше да бидат синоним за почитување на индивидуалните и националните права.
Кога пред три години беше потпишан Преспанскиот договор, сите помислија дека конечно заврши тридецениската сага за името со Грција, што несомнено ја спречи Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија, во најдобар случај уште со Словенија. И само што помисливме дека идентитетскиот бетон конечно стегна, тој почна да пука, оти очигледно „мајсторите“ не ставиле арматура внатре, а без неа нема цврстина, нели? Сега Грција ја користи „мекоста на материјалот“ и повторно смислено почнува да го толкува Преспанскиот договор онака како што неа ѝ одговара и да бара од Македонија да ја исполнува секоја точка, иако самата речиси ништо не исполнила од одредбите што се однесуваат на неа. Одеднаш почнува да ѝ пречи што приватните субјекти продолжуваат да го употребуваат терминот Македонија, па бара и тие да станат „северни“, иако немаат таква обврска. Сега, очигледно, Атина ќе се обиде да издејствува дополнителни отстапки од Скопје во следниот период, за да дојде до посакуваната цел, целосна „северизација“ и на државни и на приватни компании, здруженија, невладини организации, спортски друштва, медиуми…
Да не се лажеме, за Грција, Преспанскиот договор е далеку од завршена работа, така што треба да сме подготвени за нови барања, толкувања и реакции. Во недоглед.
Ако јужниот сосед имаше проблем со името на државата и нејзината античка историја, она што сега го прави Бугарија е олицетворение на нов фашизам (се извинувам за говорот на омраза) во 21 век. Да му се спори на еден народ како ќе се самоидентификува, како го именува јазикот на кој говори и во каква историја и митови ќе верува е за секаква осуда, а уште повеќе што тоа доаѓа од земја-членка на ЕУ што токму овие геноцидни барања ги именува како европски и ги наметнува како услов за почеток на пристапни преговори.
Веќе на сите земји од Унијата им е јасно дека Софија игра на картата на уцена и прави обид за идентитетско редефинирање на својот сосед, нешто што е надвор од секакво европско однесување, па затоа и отпорот на другите земји-членки кон Бугарија сè повеќе расте.
Несомнено, Софија тешко може да ги оправда причините поради кои ја блокира Македонија, па се жали дека сојузниците ѝ го свртеле грбот, иако повеќе од јасно е дека сојузниците почнуваат да се однесуваат принципиелно и бараат да се знае што се европски критериуми, а што бугарски сон.
На крајот, и ЕУ треба да реагира. Ако толку жестоко се нафрла врз Унгарија во врска со спорниот закон со кој е засегната ЛГБТ-заедницата, исто толку жестоко треба да реагира и кон Бугарија, која се обидува да изврши геноцид врз цел еден народ. Европа треба да најде начин да си ги воспита своите земји-членки, па макар тоа значело и суспендирање на нивното право да ставаат вето сè додека не покажат демократски капацитет. Тоа чисто ако сакаат да направат функционална европска држава, во спротивно, ако исполнуваат сечии неразумни желби, ќе останат нефункционални и заглавени какви што се сега.
Од сето погоре кажано, фактичката состојба на земјава во моментот изгледа вака: бугарска блокада без шанси таа да се тргне ако Македонија не се самоизбрише, можност за нови грчки уцени и нови толкувања на Преспанскиот договор во иднина, реално непостоење на желба за вистинско проширување на ЕУ, нова здравствена и економска криза во најава, сето тоа проследено со политичка криза, која трае во континуитет.
Според моето скромно мислење, ова се само неколку работи над кои одговорните во државата треба добро да размислат како понатаму, или, да се послужам со јазикот на Мисирков (додека Бугарите не ни го зеле), шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?
Знаеме „шчо напраифме“ и сега подобро да се фокусираме на тоа „шчо требит“ да правиме во иднина. Тоа, кажано на современ јазик, се вели подготвување стратегија, документ врз кој ќе работат најголемите умови во земјава, а политичарите ќе треба само да ја спроведуваат.
Во неа јасно да се истакне дека околу крупните политички ставови што се однесуваат на нашиот национален идентитет, национални белези, јазикот, историјата, како и на сите државни атрибути, нема одредување ни црвени, ни зелени, ни сини линии. Тие треба да се „света книга“, од која нема никој да отстапи додека постојат светот и векот. Тоа треба по сите можни канали да му се презентира на светот и да стане семакедонска кампања.
Второ, подготовка на земјата за нови партнерства, бидејќи ЕУ-перспективата не смее да биде единствена алтернатива. Алтернативи секогаш постојат, само некој треба да ги најде и да ги договори, се разбира врз рамноправни основи. Тоа значи поголема соработка пред сè со САД, потоа тука е балканскиот мини-шенген, па зачленување во ЕЕЗ, соработка со Кина, со Русија, со Евроазиската Унија, со БРИКС, нешто по урнекот на надворешната политика на СФРЈ, која соработуваше со сите и беше ценета и од Западот и од Истокот.
Се разбира, ако ЕУ некогаш реши дека ѝ треба Македонија, ние сме подготвени веднаш да се зачлениме, но како Македонци што говорат македонски јазик и што имаат своја историја, а не како народ паднат од небо во 1945 година. И да престанат со оние излитени фрази од типот „Местото на Македонија е во ЕУ“. Ни здосадија.
Тоа за надвор. Дома сите сили треба да се насочат кон департизација на општеството, реформи на сите сектори, неселективна борба со криминалот и корупцијата, непартиско судство, воспоставување на мерит-системот при изборот на кадри за да се обезбеди квалитет во раководењето, квалитетна и ефикасна администрација, здрав образовен систем, добра инфраструктура… Сето тоа ќе придонесе за внатрешно поставување на државата на здрави нозе. И конечно да ѝ се стави крај на етничката желботека, која, и покрај тоа што се исцрпе со рамковниот договор, продолжува да испорачува нови желби.
Ова се барем мал дел од работите што треба да се осмислат со таа идна стратегија, оти ако се продолжи со истата мантра дека „нема друга алтернатива освен ЕУ“, тогаш, очигледно, некој нема визија и вистинска желба за развојот на својата земја. Повеќе од јасно е дека таква слаба, корумпирана, заглавена и поделена земја ќе стане лесен плен за сите одоколу што ѝ се стрват повеќе од еден век. А не се малку.