На еден или на друг начин и со засилени и почести кампањи за издигнување на еколошката свест и заштита на природните убавини од несовесно фрлање ѓубре и загадување резултатите сигурно нема да изостанат
Снегот се стопи, природата се буди. Зеленило насекаде, планинските и полските цвеќиња, се дел на преубавиот пролетен амбиент низ плодниот и рамен како тепсија Полог. Истиот епитет го заслужуваат и планините што го опкружуваат. Велигденскиот сончев продолжен викенд беше предизвик за туристите речиси од сите краеви на нашава држава и од соседството да ги посетат и да престојуваат во излетничките и туристичките места во западниот дел на Македонија.
Природата плени и никого не остава рамнодушен. Така ќе биде во наредните пролетни, летни и есенски месеци, сѐ додека условите го овозможуваат тоа, сѐ додека не бидат покриени со снежна покривка. Престојот по долината на реката Радика и нејзините притоки, на брегот на Мавровско Езеро, кај изворот на најдолгата македонска реката Вардар, во селото Вруток и по нејзиното течение, во селските населби на подножјето и во пазувите на планините: Шар Планина, Сува Гора, Бистра, Кораб, Буковиќ, Дешат, Стогово и другите.
Одговорноста за заштита на природата и борбата против нејзиното загадување не може да се префрла само на индивидуално ниво или да паѓа само врз одредена институција туку тоа е обврска на сите што ја користат и уживаат во природните убавини. Како што природата не ги селектира своите посетители и им ги нуди своите убавини на сите така и грижата кон неа треба да биде од сите
Навистина секаде е од убаво, поубаво, многубројни се локациите со недопрена природа, со чист планински воздух, со бистри и студени води, амбиент што ретко може да се најде на друго место, а се посакува. Последниве неколку години, бројот на домашните и на странските туристи, особено оние трагачи по возбуди, со велосипед или со мотоцикл, значително се зголемува. Уживаат во дарот на недопрената природа. Тоа ги принудува да го продолжат својот престој за повеќе денови од првично планираните, бидејќи ги опиваат волшебноста на природата, водопадите, планинските езера, безбројните реки и потоци, богатата флора и фауна.
Секако за ова придонесуваат и етно-рестораните и мотелите изградени со впечатливата мијачка архитектура. Гостите покрај прошетките со велосипеди, пешки, јавање коњ, по неколкучасовниот активен престој во природата, уживаат и на македонските специјалитети специфични за овој регион. На брегот на Мавровско Езеро во селските населби Леуново, Маврово и населбата Маврови Анови. Покрај регионалниот пат Маврови Анови – Дебар и во долнореканските села, последниве години беа отворени неколку енто-ресторани, кои ја дополнуваат туристичката понуда и придонесуваат за зголемување на бројот на туристите. Во афирмацијата на овие малку познати туристички места, локалните власти во летните месеци организираат и неколку традиционални туристички манифестации („Галичка свадба“, „Галичка ликовна колонија“, „Реканска пита“, „Ден на овците“ и други).
Придонесуваат во афирмација на традициите, како и да заживеат веќе одамна напуштените мијачки, долно и горнорекански села, и во нив барем за миг да се почувствува живот бидејќи нудат голем туристички потенција. Таа е убавата страна на медалот, која е мамка за домашните и за странските туристи. Но медалот има и друга страна и затоа треба да се проговори и за една лоша навика, односно недоволно развиената еколошка свест. Заврши велигденскиот продолжен викенд, на излетничките места на брегот на Мавровско Езеро, по долината на реката Радика и насекаде каде што престојуваа излетници и туристи имаше отпадоци. Кој каде што престојувал, каде што ќе му текнело таму ги оставал пластичните ќеси со отпадоци од приготвената храна, расфрлени пластични шишиња, конзерви од пијалаци и од храна, хартии и што уште не.
Покрај свежото ѓубре на многу места имаше ѓубре останато од ланската година, дождот и снегот не успеале да го уништат. За жал, еколошката свест сѐ уште ни е на најниско, би рекле под нивото. До кога ќе биде вака! Секој знае да критикува, но ретки се оние што зборовите ги заменуваат со конкретни дела. Многумина како своевидно оправдание знаат да кажат па ете нема канта за отпадок, па затоа се принудени ѓубрето да го положат таму каде што престојуваат. Ретко кому му текнува отпадоците да ги спакува во ќесе и да ги фрли во првиот контејнер за ѓубре што ќе го најде! Одговорноста за заштита на природата и борбата против нејзиното загадување не може да се префрла само на индивидуално ниво или да паѓа само врз одредена институција туку тоа е обврска на сите што ја користат и уживаат во природните убавини. Како што природата не ги селектира своите посетители и им ги нуди своите убавини на за сите така и грижата кон неа треба да биде од сите.
На прагот сме на летната туристичка сезона и локалната власт ќе треба максимално да се ангажира во собирање на отпадот што несовесните патници и туристи го оставаат во коритата на чешмите и околу нив на сообраќајниците во западниот дел. Исто така, на паркинг-местата на овие патишта треба да се постават подвижни нужници, повеќе да не гледаме како лицата на отворено вршат нужда. Малку треба да се надмине и подобри оваа глетка. Треба само малку поголема ангажираност на локалните власти, на ЈП „Македонија пат“ и на Агенцијата за државни патишта. Мала инвестиција и ангажман, а голема добивка во подорување на еколошката заштита. Констатацијата на сите е дека еколошката свест на населението е на ниско ниво.
Таа единствено ќе може да се издигне на повисоко ниво само со еко-патроли што ќе имаат улога пред сѐ да превенираат, предупредуваат, но и да санкционираат доколку не се почитуваат начелата за чиста животна средина еко-патролата треба постојано да се движи, да биде незабалежителна, ненаметлива, пријателски настроена и да биде присутна на сите туристичко-излетнички места, по патиштата, на другите јавни и заеднички површини. На еден или на друг начин и со засилени и почести кампањи за издигнување на еколошката свест и заштита на природните убавини од несовесно фрлање ѓубре и загадување резултатите сигурно нема да изостанат.