Државата мора да има посебни фондови што ќе се користат за тековно одржување и корекции на веќе постојните патни правци и железнички пруги и мостови, не само за непречено одвивање на транзитот на стоката туку и поради безбедноста на сите учесници во сообраќајот
Прекинот на железничкиот превоз кон Гевгелија, поточно кон Грција, значително ја отежнува состојбата за бизнис-секторот во Македонија. Блокираниот превоз кон Солун, односнo кон пристаништето во овој град, драматично ја влошува состојбата на стопанството во земјава.
Напукнатиот бетонски столб на еден од железничките мостови на Црна Река, во близината на археолошкиот локалитет Стоби, целосно го прекина железничкиот превоз кон најбитното пристаниште за македонската бизнис-заедница, а штетите од овој прекин, кој сѐ уште трае и не се знае кога точно ќе биде обновен превозот, допрва ќе се пресметуваат.
Домашните бизнисмени и стопанственици веќе алармира дека прекинот на превозот до единственото пристаниште, кое е од клучно значење за нашата економија, не само што ќе ги зголеми нивните трошоци за превоз, кои мораа да наоѓаат нови маршрути за превоз, туку го доведува во прашање и нивното непречено работење.
Некои од бизнисмените ќе мора да активираат и дополнителен камионски превоз, што влијае врз зголемување на трошоците за транспорт… Секако, проблем за компаниите е и зголемувањето на времето потребно за превоз, во согласност со тоа и непочитувањето на роковите за испорака, или, пак, прекин во набавката на репроматеријали… Како што порачаа некои од нив, се доведува во прашање и нивната работа, но и кредибилитетот пред клиентите, кои поради прекинот во железничкиот превоз ќе ја добијат договорената стока подоцна од планираното…
Овде неизбежно се наметнуваат многу прашања, од тоа како поскоро да се воспостави железничкиот превоз кон Грција до прашањето кој ќе ги плати трошоците за ваквите нарушувања, потоа зошто не се внимавало навреме на толку битен мост и како можеле да се направат толку големи оштетувања, зарем никој не го одржувал.
Можеби едно од најбитните прашања е зошто државата и надлежните институции досега не воделе сметка редовно да се одржува еден толку значаен мост, зошто не се одвојуваат средства за одржување на железницата воопшто, со оглед на значењето што го има за стопанството, а секако и за граѓаните, кои сега останаа без превоз кон Гевгелија. Познато е дека железницата во Македонија е поврзана со другите железници само кон север и југ, поточно кон Србија и кон Грција, поради што тоа е и единствениот најлесен и најбрз пристап до солунското пристаниште, кое, пак, е главна транзитна точка за македонските компании. Најголем дел од извозот и увозот на стоката во Македонија доаѓа и заминува од ова пристаниште, па сега веќе оневозможениот пристап до него значително го попречува непреченото функционирање на одредени компании.
Домашните бизнисмени и стопанственици алармира дека прекинот на превозот до единственото пристаниште што е од клучно значење за нашата економија не само што ќе ги зголеми нивните трошоци за превоз туку го доведува во прашање и нивното непречено работење
Иако некои од компаниите, а веројатно и сите, бидејќи мораат, ќе најдат и други решенија за превоз на стоката, овој прекин на железничкиот превоз значително ќе го наруши работењето на компаниите од металуршкиот сектор, кој многу потешко од другите сектори ќе најде алтернативи за железничкиот превоз. Од друга страна, стоката што транзитира низ Македонија и која се превезува низ земјава, од ЕУ кон Грција, исто така ќе добие нова маршрута, а загубите поради неиспорачаната или непревезената стока ќе паднат на грбот на железничките компании што превезувале. Сепак, уште поголем проблем или поголема загуба за македонските железници и домашниот буџет ќе биде ако таа никогаш не се врати да транзитира по нашата железница.
Факт е исто така дека железничката пруга по коридорот 4 сѐ повеќе го презема транспортот на стоката што оди на север од Истанбул или од Солун. Досега коридорот 10, или пругата по овој коридор имаше мала предност, близината, поточно по коридорот 4 е потребно повеќе време за превоз на стоката, бидејќи е подолга патеката. Но, од друга стана, транзитот по коридорот 10 е ограничен поради поголемиот број гранични премини, па опасноста за намалување на количествата на стока што транзитира низ земјава и по поправката на мостот на Црна Река останува голема.
Ако се вратиме, пак, на домашната економија и загубите што ги трпи поради прекинот, неизбежно мора да се спомене дека Македонија воопшто нема инвестирано во железницата. Од осамостојувањето постојано се прават планови за комплетирање на железничката пруга по должината на коридорот 8, но таа никако да се направи. Со ова, домашните економисти повторно се во незавидна позиција, бидејќи им се ограничува пристапот кон Бугарија и кон Албанија, а со тоа и кон пристаништата во Драч, Бургас и Варна. Ваквата состојба јасно упатува дека е неопходна поголема грижа за патната инфраструктура во земјава, било да станува збор за автопатишта, регионални патни правци или, пак, за железничката пруга. Државата мора да има посебни фондови што ќе се користат за тековно одржување и корекции на веќе постојните патни правци и железнички пруги и мостови, не само за непречено одвивање на транзитот на стоката туку и поради безбедноста на сите учесници во сообраќајот и избегнувањето несреќи како онаа во Италија, кога се сруши мост во Џенова, при што имаше и човечки жртви.