Во име на европската иднина, европските вредности, па и какво-такво добрососедство, Македонија во последниве години проголта низа неправди, кои сериозно го загрозија нејзиниот идентитет. Искушенијата и понатаму продолжуваат речиси секојдневно, а дел од „стапиците“ е и тоа заедничко чествување личности и настани од историјата. Сепак, заедничкото чествување личности и настани што симболизираат одредени универзални вредности не значи автоматски и заедничка историја со Бугарија. Време е Македонија јасно да го каже тоа
Македонскиот претседател, Стево Пендаровски, и неговиот бугарски колега, Румен Радев, заедно ќе патуваат во Рим, на 26 мај, да го направат традиционалното чествување на празникот Свети Кирил и Методиј, односно да се поклонат на гробот на Св. Кирил во црквата „Свети Клемент“ во Ватикан, кој таму го завршил својот живот, враќајќи се од Моравската мисија во 869 година. Поради сѐ уште актуелните глобални предизвици на денешницата, односно протоколите за заштита од пандемијата на ковид-19, македонскиот и бугарскиот претседател со своите делегации ќе го посетат Рим на 26 и 27 мај, два-три дена подоцна од денот на празникот Свети Кирил и Методиј, кој се слави на 24 мај, денот кога е започната Моравската мисија за ширење на христијанството кај словенските народи, преку словенското писмо глаголица, создадено од солунските браќа прогласени за сесловенски просветители. Сложената проблематичност на современите македонско-бугарски односи, токму поради историјата, создава секојдневни предизвици да се состави едноставна реченица во која нема да се измешаат минатото и сегашноста. Дури и наједноставната информација за заедничко чествување значајни личности од минатото на лидери на две држави треба да се чита меѓу редови, со откривање скриени пораки и намери што би имале влијание на актуелните политички односи и процеси. Нагласената резервираност, па и скептичност во македонската јавност за гестот со заедничкото патување и чествување во Рим на бугарскиот претседател Радев до македонскиот Пендаровски, во голема мера е очекувана и логична по речиси едногодишен период на агресивно бугарско условување на македонските евроинтеграции со „непристојната понуда“ за наметнување заедничка бугарска историја и бугарски корени за Македонија и Македонците.
Фактот што заедничкото чествување и посета во Рим се случуваат во време кога Бугарија не покажува никаква волја за повлекување на ветото за македонските евроинтеграции на претстојниот јунски самит на ЕУ, во голем дел од македонската јавност ги поттикнува сомневањата за можеби премолчено прифаќање на „заедничката историја“ во бугарска верзија.
Не е тајна, па дури ни за дистанцираната ЕУ од сѐ што „мириса“ на балканска историја, дека иако блиски географски, според обичаите, менталитетот, а во голем временски период дури и судбински поврзани, Македонија и Бугарија исто толку често биле на различни страни на историските случувања, со различен исход од тие историски процеси. Македонија секогаш била на вистинската страна, на страната на победниците, слобода, праведноста, што не може да се каже за Бугарија.
Токму тие различни исходи од настаните низ вековите, во подалечното, но и во поблиското минато, најмногу придонеле во диференцијацијата и формирањето на различните национални идентитети, како македонскиот и бугарскиот. Различните патишта на националниот развој придонеле за создавање на сепак различни култури (колку и да се навидум блиски), поинакви обичаи, различна колективна меморија и, конечно, посебна историја. Контроверзноста во актуелниот македонско-бугарскиот случај произлегува од амбицијата на Бугарија моментите и периодите на споделена историја да ги наметне исклучиво како бугарски, притоа со аспирација (кога ќе почувствува шанса) да го побугарчи и сесловенското културно наследство.
Таквите аспирации се манифестирани токму за Денот на светите Кирил и Методиј, кој е прогласен и за Ден на бугарската азбука. Бугарската азбука, во суштина, е една современа (бугарска) верзија на кирилицата, која, пак, е сесловенска културна вредност. Освен што прогласувајќи го Денот на Св. Кирил и Методиј за Ден на бугарската азбука, преку договорот за заедничко чествување на празникот, Бугарија ѝ подметнува на Македонија, всушност подмолно се обидува да се наметне и како „сопственик на кирилицата“ во ЕУ, користејќи го фактот што во овој миг е единствената земја-членка што го користи ова писмо. Таквиот обид на Бугарија за своевиден „словенски хегемонизам“ во ЕУ делумно беше препознаен од Чешка и Словачка, кои иако го користат латиничното писмо, Кирил и Методиј, односно Моравската мисија претставуваат исто така важен елемент на нивната национална историја. Ова препознавање беше и причина да ѝ се спротивстават на Бугарија во обидот да ја наметне својата верзија на историјата како услов за евроинтеграциите на Македонија.
Бугарските амбиции за наметнување на „заедничката историја“ за Македонија не завршуваат со средновековниот период, туку досегаат до перидот од 1944 година и перверзните обиди, окупацијата на македонската територија за време на Втората светска војна (и своето учество на страна на фашистичката коалиција) да ја претстават како „ослободување“ или барем „администрирање“.
Втората светска војна е можеби најблискиот период во кој сѐ уште е свежо сеќавањето за заземањето на различните, спротивставени страни од историјата на бугарската и македонската национална приказна. Обидите на бугарската политика, кои често го преминуваат прагот на дрскоста за оспорување на македонскиот идентитет, преку „креативно толкување на историјата“, за периодот од Втората светска војна заглавуваат во своевиден парадокс. Колку се поагресивни настојувањата за бришење или сокривање на сопствената вина преку оспорување на македонскиот идентитет, толку повеќе се покажуваат историските разлики меѓу Македонија и Бугарија.
Во име на европската иднина, европските вредности, па и какво-такво добрососедство, Македонија во последниве години проголта низа историски неправди, кои сериозно го загрозија нејзиниот национално-историски идентитет. Искушенијата и понатаму продолжуваат речиси секојдневно, а дел од „стапиците“ е и тоа заедничко чествување личности и настани од историјата. Сепак, заедничкото чествувањето личности и настани што симболизираат одредени универзални вредности не значи автоматски и заедничка историја со Бугарија. Време е Македонија јасно да го каже тоа.