Низ децениите патување, фудбалот често се наоѓаше на крстосници на кои се избираше еден нов пат. Фудбалот денес е на нова голема крстосница. Македонскиот фудбал нема да биде одминат од евентуалните промени, но како и досега единствениот излез за фудбалот ќе биде продукцијата. Ова поднебје има фудбалски таленти, фудбалски ген. За да се дојде до фудбалските дијаманти како и во минатото потребни се работа, организација, посветеност… од сите чинители. Без разлика на генералниот курс на светскиот фудбал
Убавата игра на 26 октомври прослави 155 години постоење, бидејќи на тој датум во 1863 година е формиран првиот фудбалски сојуз, тој на Англија. Низ децениите патување, фудбалот често се наоѓаше на крстосници (најмалку со менувањето на правилата на играта) на кои се избираше еден нов пат. Фудбалот денес е на нова голема крстосница. Се чини дека се отвораат неколку нови патишта, по што светот на фудбалот може да тргне во нова насока.
Како прво скршнување од дотогашниот пат беше признавањето на професионализмот во 1885 година, по долгото одбивање уште во раните години на играта да се прифатат на зелениот терен тие што примаа плата за да играат фудбал. Потоа фудбалот толку се разви што по 41 година постоење сама се наметна идејата за формирање светско управувачко тело, па во 1904 година се роди ФИФА, со осум земји-основачки.
Во годините потоа фудбалот, организиран преку заедничката куќа, грчевито се бореше да добие место под спортското сонце, да биде повикан во олимпиското семејство. Откако се случи тоа во 1908 година, на четвртите Летни олимписки игри (на претходните две во форма на демонстрациски спорт играа тимови, а не репрезентации), се јави дилемата дали олимписките игри да бидат првенство по кое победникот ќе се нарекува светски првак или да се формира посебно светско првенство, со најсилните репрезентации, оти на професионалците тогаш не им беше дозволено да играат на олимписки игри. Така, во 1930 година почна историјата на мундијалите.
Многу, многу години подоцна дојде, на пример, правилото Босман, кое целосно го смени изгледот на фудбалот, па од раните 90-ти години на минатиот век следуваше поголема слобода за движење на фудбалерите помеѓу клубовите што, пак, беше и зачеток на интернационализацијата на тимовите какви што ги знаеме денес. Некако во тоа време заврши и, на пример, ерата на клупски натпревари на „исти со исти“, односно годините кога играа шампиони против шампиони во Купот на шампионите, победниците на националните купови играа меѓу себе во посебен куп, а врвни екипи од домашните првенства, но не прваците, се натпреваруваа во Купот на УЕФА. Така се роди Лигата на шампионите.
Овие и многу други настани го обликуваа спортот што имаше бавен почеток, но за 155 години прерасна во најпопуларен планетарен спорт (има 211 членки на ФИФА) и стана вистинска и доходна индустрија, со стотици милиони вработени и неколку милијарди следбеници.
Динамичниот спорт не престанува со „движење“, па во изминатите неколку месеци има најави за нова можна смена на досегашниот курс на фудбалот. Така, новите патишта што се појавуваат се, на пример, проширувањето на светските првенства од 32 на 48 репрезентации, идеите на ФИФА за ново и со зголемен број екипи светско клупско првенство и за глобална Лига на нации. Последна во низата е шпекулацијата дека елитни клубови од Европа наводно сакале од 2021 година да ја напуштат Лигата на шампионите и да формираат своја суперлига со дваесетина екипи од неколку земји.
Мечевите на репрезентациите во нови натпреварувања, како Лигата на нациите на УЕФА, се добра варијанта на разновидност, оти послабите селекции добија постојаност во компетитивни натпревари, а посилните добија нова форма на силни тест-средби меѓу себе. Така веројатно би било и со предложената глобална Лига на нации.
Актуелното светско клупско СП не ја претставува вистинската слика за силината на светските тимови, па логично изгледа идејата за ново светско клупско првенство, погледнато од перспектива на функционирањето на Лигата на шампионите како што е сега. Претпоставената суперлига, пак, би направила сосема нова слика на клупскиот фудбал, слично како во кошарката.
Европската фудбалска унија во минатите дваесетина години ги амортизира обидите за поделба во европскиот клупски фудбал, па веројатно по сличниот модел сега е многу важен дијалогот на европската куќа на фудбалот со сите клубови за иднината на можеби најголемиот европски спортски бренд.
Македонскиот фудбал нема да биде одминат од евентуалните промени, но како и досега единствениот излез за фудбалот ќе биде продукцијата. Ова поднебје има фудбалски таленти, па така од тука се две генерации младински прваци на СФРЈ и победници на младински куп, две сениорски со трофеи (куп и првенство), многумина играле и имале значајна улога и во најсилните европски лиги, а одвреме-навреме на површината излегуваат и фудбалски дијаманти. Така, иако Македонија досега нема репрезентативен успех и има ретки клупски дострели, таа има успех на младинската репрезентација и еден податок што не е за потценување – има тројца европски прваци од земја со малку повеќе од два милиони жители (еден шампион на околу 670.000 жители, повеќе од многу земји) што, сепак, зборува дека фудбалскиот ген е тука. Но тоа кажува и дека за да се дојде до дијамантите потребни се работа, огромна работа, потоа организација, посветеност… од сите чинители. Без разлика на генералниот курс на светскиот фудбал.