Знаејќи ги сите предности и мани на комплицираната безбедносна загатка наречена „повратници на ИСИС“, треба да се заклучи дека е крајно време да се урнат стереотипите што им штетат на Македонија и на регионот. Да се престане со посочувањето на нашата земја и регион како жариште и зародок на проблем што потоа ѝ штети на Европа, односно да се преиспита ставот дали балканските држави ги ресоцијализираат и реинтегрираат радикализираните граѓани многу поуспешно од оние во срцето на Европа
Ужасните терористички напади што изминативе неколку дена се одиграа во срцето на Европа – во Виена, Париз и во Ница, уште еднаш го отворија прашањето за справувањето на секоја земја посебно, но и сите заедно како целина, со ова зло на денешницата, кое добива постојано нови форми на дејствување. Во рамките на активностите на државите чии безбедносни системи се соочуваат со разни форми на тероризам, посебно место зазема третманот на повратниците од арапските земји, кои се регистрирани како учесници во некои од борбените формации, пред сѐ на ИСИС. Во тој поглед, Македонија исто така има стратегија, но и конкретни зафати и активности.
Имено, неодамна неколку сериозни аналитичко-истражувачки медиуми, меѓу кои и американскиот портал специјализиран за безбедносни прашања „Џаст секјурити“, повикувајќи се на безбедносни извори, лиферуваа информации во кои се дадоа низа комплименти за нашата земја во врска со мултидисциплинарниот пристап во решавањето на прашањето со повратниците на ИСИС и членовите на нивните семејства.
Во анализата се истакна дека Македонија прва разработи сериозен план што е ставен во практика, а со кој се намалуваат безбедносните ризици од повратниците од Блискиот Исток. Имено, во анализата се заклучува дека нашата земја обрнува посебно внимание на оваа проблематика од повеќе причини. Прво, поради меѓународните партнери, кои се подготвени да ги транспортираат нејзините граѓани од камповите до дома, како и да помогнат во собирањето воени докази, овозможувајќи на тој начин полесно судско гонење на оние што сториле кривично дело. Второ, поради веќе постоен одреден број осудени терористи што треба да ги комплетираат своите релативно кратки затворски казни (помеѓу три, пет и шест години).
Трето, со помош на религиските организации и невладиниот сектор да се спречи жигосувањето на повратниците и дополнително отуѓување од македонското општество. И конечно, поради фактот дека 83 од 156 македонски граѓани што патувале во Сирија и во Ирак веќе се вратени дома, а бројката е мала и тие можат внимателно да бидат следени од системот, за да не се случи немил настан како тој што се случи оваа недела во Виена.
Анализата резимира дека Македонија заслужува признание за својата амбициозна и добро замислена програма за реинтеграција и намалување на ризиците од тероризмот, и додава дека остатокот од светот, кој е многу помоќен од нашата земја, меѓу кои и некои од членките на Советот за безбедност, не се толку активни на проблематиката за ресоцијализација и посегнуваат кон побрзото решение, кое подразбира репресија, односно се поделени во однос на дилемата како да се справат со проблемот.
Токму затоа, поаѓајќи од ова, сосема збунувачки звучат информациите со кои некои медиуми несмасно се обидоа да ја инволвираат нашата земја во немилите случувања во Виена, инклинирајќи кон заклучок дека нашата држава е „инкубатор за радикалниот ислам“?!
Разбирливо е дека во услови на шок, стрес или паника, особено во првите моменти по еден таков крвав настан како оној во Виена, честопати се случува да се дадат неодмерени изјави или, пак, да се обиде да се префрли вината на друга страна. За жал, изминативе неколку години откога беснеат граѓанските војни во Сирија, Ирак и во Либија, сѐ повеќе држави се справуваат со исти безбедносни закани.
Странски релевантни извори неодамна забележаа дека Македонија заслужува признание за својата амбициозна и добро замислена програма за реинтеграција и намалување на ризиците од тероризмот (и повратниците на ИСИС), и додадоа дека остатокот од светот, кој е многу помоќен од нашата земја, меѓу кои и некои од членките на Советот за безбедност, не се толку активни на проблематиката за ресоцијализација и посегнуваат кон побрзото решение, кое подразбира репресија на своите радикализирани граѓани
Според експертите од оваа област, повеќето од таквите закани, кои проектираат стравотно негативен импакт на сигурноста на граѓаните, потекнуваат од поранешните припадници на ИСИС што се враќаат во матичните земји. Како потврда дека исламскиот фанатизам очигледно претставува енормна опасност, дојдоа терористичките напади годинава, кои навестуваат можност за враќање во најмрачните денови на терористичко насилство што ја потресе Европа помеѓу 2012 и 2017 година. Во овој период од пет години имаше премногу напади оркестрирани од ИСИС, а во нив беа избројани стотици жртви на напади со нож, бомбашки експлозии на стадиони и аеродроми, улици…
Кога сето тоа ќе се сумира од овие појдовни точки, идентификувањето или испишувањето на знакот на еднаквост и поврзување на припадниците на разни терористички групи со Македонија, благо речено е контрапродуктивно, опасно, неприфатливо. Пред сѐ, затоа што со ништо не сме дале повод за ваквите паушални оцени да се потврдат, а од друга страна стојат релевантните позитивни оцени за нашиот начин на справување со значаен дел од проблемот.
Засега ние како држава функционираме задоволително во справувањето со овој проблем, но ние се гледаме само како еден дел од интегралниот пристап за превенирање и спречување на тероризмот, кој треба да биде на европско ниво, па и во пошироки рамки. Затоа, треба да порачаме дека најпрвин секој треба да „измете во својот двор“, а со „безбедносниот отпад“ треба да има заеднички, меѓународен договор за третман на соодветна депонија: или ќе се рециклира, ресоцијализира и реинтегрира, или ќе се изолира за да не се загадат цели општества и континенти.