Пораката за тегнење уши е израз на длабоко непочитување и понижување не само на личноста на премиерот на една суверена држава, на институцијата што тој ја претставува, туку, индиректно, и на сите нејзини граѓани. Ова уште еднаш најсликовито ги покажува тактиката и политиката што Грција и досега ги применувала и сѐ уште ги применува кон Република Македонија. Политика на постојано удирање заушки, закани, уцени и преземање казнено-поправни мерки за секој наш изречен збор што ним не им се допаѓа
Многу прашина се крена деновиве по изјавата на премиерот Заев дека македонскиот јазик ќе се изучува во Грција. Среќа во несреќа е што се работи само за политичка прашина, која веројатно некои ја сметаат за помалку опасна од онаа другата со ПМ 10 честичките, која продолжува да го зема својот данок и да ги полни амбулантите во земјава. И додека македонските граѓани се борат за воздух, изјавата на македонскиот премиер силно одекна во домашната јавност, но вистинскиот татнеж следуваше потоа и дојде од соседна Грција. Со свои коментари веднаш се огласија грчкиот алтернативен министер за надворешни работи, претседателот на државата, лидерот на опозицијата и уште редица други познати и помалку познати ликови. Сепак, најдалеку од сите отиде поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој го кажа буквално следново: „Да бев јас во грчката влада, ќе го потегнев Заев за уши, и тоа преку НАТО, ЕУ и Нимиц“.
Првично очекував дека по една ваква изјава, со реакција ќе се јави нашето МНР или дипломатските служби и ќе побараат извинување или барем дообјаснување. Но, за жал, тоа не се случи. Дури напротив. Како по некое непишано правило, повторно ние сме тие што отпосле мораа да се коригираат, да се извинуваат или дообјаснуваат, што, генерално, само ги покажува нашата слабоста и несигурност во поимањето на политиката и водењето на дипломатијата.
Но, нејсе, да се вратам на навредите и заушките што ни ги испорача Атина низ зборовите на Коѕијас.
Пораката за тегнење уши е израз на длабоко непочитување и понижување не само на личноста на премиерот на една суверена држава, на институцијата што тој ја претставува, туку и, индиректно, на сите нејзини граѓани. Ова уште еднаш најсликовито ги покажува тактиката и политиката што Грција и досега ги применувала и сѐ уште ги применува кон Република Македонија. Политика на постојано удирање заушки, закани, уцени и преземање казнено-поправни мерки за секој наш изречен збор што ним не им се допаѓа. Да не заборавиме дека заканата за тегнење уши доаѓа токму од идејниот творец и потписник на спогодбата од Мала Преспа, кој иако поднесе оставка на функцијата шеф на дипломатијата, неговата политичка партија остана и понатаму дел од Владата на Ципрас.
И сега ако се анализира подлабоко изјавата на Коѕијас, паѓа во очи инволвирањето на меѓународната заедница. Зошто, внимавајте, Коѕијас вели „ќе го потегнев Заев за уши, и тоа преку НАТО, ЕУ и Нимиц“. Што сакал да каже авторот. Па, веројатно дека по него, тегнењето за уши ќе продолжи и од страна на челниците на НАТО, па потоа и од ЕУ и на крајот, ако остане нешто по толкаво тегнење, да заврши со Нимиц. Тој последен би го завршил овој казнено-воспитен обред како претставник за ОН. Научно е докажано дека секој деформитет на ушното ткиво по пат на сила, во случајов тегнење, резултира со негово омлитавување, развлеченост, опуштање на неговата структура, што се нарекува наклапушеност.
И додека не стане предоцна и овие навистина не почнат да нѐ тегнат за уши, уште еднаш јасно да им порачаме: македонскиот народ, држава, јазик и идентитет опстојале низ вековите и не биле покорени и понижени од никого, па нема ни овој пат. Токму денешниот празник Св. Климент е најдобар показател за таа непокорност, континуитетот и нашиот вековен културноисториски идентитет како македонски народ што ја донел писменоста на овие простори
Во тој контекст можеби во нечии мрачни и агресивни умови се врти и некој нов предлог за Република наклапушена Македонија.
Она што ме чуди (а можеби и не треба) е што и Брисел и Вашингтон ги премолчија оваа изјава и закана од грчкиот политичар иако и тие беа директно споменати.
Но заканата на Коѕијас има уште еден подлабок контекст. Неговиот повик на насилство и бруталност асоцира и на напалм-бомбите што Грција ги фрлаше врз македонските чеда кога го спроведуваше егзодусот на бегалците од Егејска Македонија. И за минатите и за сегашните (не)дела и закани некој треба да одговара.
И додека не стане предоцна и овие навистина не почнат да нѐ тегнат за уши, уште еднаш јасно да им порачаме: македонскиот народ, држава, јазик и идентитет опстојале низ вековите и не биле покорени и понижени од никого, па нема ни овој пат. Токму денешниот празник Св. Климент е најдобар показател за таа непокорност, континуитетот и нашиот вековен културноисториски идентитет како македонски народ, кој ја донел писменоста на овие простори.
Затоа заплашувањата и заканите оставете си ги за дома и престанете да се мешате во внатрешните работи на една суверена, самостојна и независна држава, како што е Република Македонија. Македонските граѓани самостојно на гласање, на избори, на референдум го искажале и го искажуваат својот став за одредени политички теми и прашања и на тој начин ги наградуваат или казнуваат избраните функционери за сработеното, односно несработеното.Така било од памтивек, така и ќе остане.
Патем, кога веќе станува збор за македонскиот јазик, го упатувам Коѕијас да се потсети и да ги прочита препораките од 2003 година на Европската комисија за расизам и нетолеранција, која ѝ препорачува на Грција да ја потпише Европската повелба за регионални или малцински јазици, како и да ја ратификува Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства.
Не треба да го заборави ниту издавањето на „Абецедарот“ – првиот буквар за македонските деца отпечатен пред 83 години во Грција, како непобитен доказ дека во Грција се зборувало македонски. Букварот, наменет за описменување на македонските деца, претставува еден од најзначајните докази за постоењето на Македонците во Грција, кое грчките власти упорно го негираат. Книгата беше отпечатена во Атина, во 1925 година како резултат на барањето на Друштвото на народите за да се обезбеди заштита на македонското малцинство во Грција. Понатаму, македонскиот јазик се изучува и во десетина најголеми универзитет во светот, а го предаваат, редовно или повремено, наставници што се вработени на тамошните универзитети. Исто така, меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура испраќа лектори по македонски јазик на универзитетите каде што има лекторати, а такви лекторати има во осум универзитетски центри во светот.
Ако Грција сака да остане затворена во своето гето и надвор од сета оваа писменост и култура, која се шири насекаде во светот каде што допираат македонскиот збор и македонскиот јазик, како тогаш да ја просветлиме?