Пилот-проектот покажал дека децата научиле правилно да прават колут напред, правилно да трчаат и да скокаат, правилно да ги прават сите природни форми на движење. Ова значи дека е поставена основа. А кога има основа, потоа полесно се учат другите спортови – ракомет, фудбал, кошарка. Ако во периодот на раст и развој на детето се утне работата, потоа следуваат искривувања на `рбет, рамни стапала и други дијагнози на кои треба дополнително да се работи за да се отстранат
Во време кога децата голем дел од денот, особено сега за летниот распуст, сакаат да минуваат пред компјутер, телевизор, таблет, телефон или лаптоп, неопходно е, освен родителите, и државата преку институциите да покаже грижа за нивното здравје. Дека има слух за работите што вредат, видовме токму со носењето на новиот Закон за основно образование, кога беше најавено озаконување на идејата на деканката на Факултетот за физичка култура школските деца од прво до петто одделение да имаат двајца наставници на часовите по физичко образование – покрај одделенскиот, и предметниот. Поддршка за оваа револуционерна новина даде и весникот „Нова Македонија“, кој имаше серија написи за придобивките од ваквиот нов начин на работа во училиштата.
Реално, еден од проблемите со овие часови е тоа што тие не се одржуваат во потполност, особено во одделенска настава. Тоа е така затоа што на наставниците, особено оние повозрасните (не сите, се разбира), полесно им е да ги контролираат децата кога се во училницата, давајќи им да решаваат задачи по математика или да обработуваат текстови по македонски јазик, а тоа потешко им оди од рака кога децата се во спортска сала, растрчани и среќни што имаат можност да „побегнат“ од училишното столче. Целодневната настава трае цели осум часа, а во периодот на раст и развој незамисливо е децата да немаат физичка активност во текот на денот. Оваа новина се очекува да ја промени ваквата практика, бидејќи отсега одделенскиот наставник ќе биде тој што ќе треба да умее да воспостави ред во салата, а наставникот по физичко образование правилно да им ги демонстрира вежбите на децата.
Пред да стане дел од новиот закон за основно образование, делот што предвидува тандем наставници на часовите по физичко образование, во пет училишта беше спроведен пилот-проектот. Тоа траеше девет месеци, односно една учебна година. За една учебна година децата напреднале со системска и планска работа, односно кај нив биле забележани подобар моторички развој и подобри моторички вештини. Биле следени две групи ученици, едните имале физичко само со одделенскиот наставник, а другите работеле во тандем. Тој пилот-проект на крајот во практиката покажал дека тандемските часови повеќе придонеле во развојот на мускулно-скелетниот фитнес, што е и статистички докажано.
Така, на финалното мерење, во споредба со иницијалното мерење, учениците од експерименталната група просечно направиле четири подигања на трупот повеќе (39 отсто), наспроти две подигања на трупот во контролната група (22 отсто), скокнале повеќе во далечина 18 сантиметри (17 отсто), наспроти 10 сантиметри во контролната група (10 отсто) и ја подобриле силата во тестот за динамометријата на дланката за три килограми (21 отсто), наспроти два килограми во контролната група (18 отсто).
Тандемската настава значително придонела во развојот на координацијата, агилноста и брзината на учениците. Децата научиле правилно да прават колут напред, правилно да трчаат и да скокаат, правилно да ги прават сите природни форми на движење. Ова значи дека е поставена основа. А кога има основа, потоа полесно се учат другите спортови – ракомет, фудбал, кошарка. Ако во периодот на раст и развој на детето се пропушти градењето на основата, следуваат искривувања на `рбетот, рамни стапала и други дијагнози на кои треба дополнително да се работи за да се излечат. Оттука, наставата со двајца наставници е одлична затоа што ќе создава здрави генерации. Низ тој процес учениците ќе учат да комуницираат, а со секоја правилно направена вежба ќе стануваат посигурни во себе, тоа ќе влијае на зголемување на нивната самодоверба.
Оваа историска новина е тренд на високоразвиените земји, кои одамна развиваат спортска култура и социјализација кај децата. Кога кај нив во првите нивоа на образование ќе биде изградена основата, потоа во периодот на пубертетот ќе им биде многу полесно да работат правилно на часовите по физичко, затоа што веќе ќе имаат спортска навика.
Кога се воведува реформа за здрави деца, тоа не трпи импровизација во практиката. Министерството за образование и наука мора да вработи наставници по физичко образование онаму каде што има недостиг, за наставата на овие часови да се изведува како што е замислено, бидејќи ова е клучен период за правилен раст и развој на секое дете. Секако, своја улога во правилниот психофизички развој на младите имаат и родителите, кои во овој период, додека децата се на распуст, треба да ги поттикнуваат на што поголема физичка активност, пешачење, вежбање во природа, наместо седење по цели денови пред компјутер или мобилен, играње игри и стекнување зависност од тоа.