Ако досега најголем недостиг од работници се чувствуваше кај занаетчиските и други занимања што бараат средна стручна спрема, сега веќе оваа „чума“ се шири и во другите области. Бизнис-заедницата во неколку наврати алармира дека одѕивот на огласите за вработување е многу мал, честопати дури и нема заинтересирани, односно воопшто нема пријавени кандидати. Оваа состојба е особено изразена кај компании што работат во некои од помалите градови во земјава. Но сега недостигот на работници се проширува во сите сегменти од економијата
Податокот дека имаме намалување на бројот на работниците во индустријата во изминатата недела одекна силно во јавноста. Алармот за недостиг од работници во земјава повторно е вклучен, но овој пат состојбата што одамна создаваше проблеми во одредени сектори, сега се влошува, а токму тоа сознание уште повеќе загрижува. Ако досега најголем недостиг од работници се чувствуваше кај занаетчиските и други занимањата што бараат средна стручна спрема, сега веќе оваа „чума“ се шири и во другите области.
Бизнис-заедницата во неколку наврати алармира дека одѕивот на огласите за вработување е многу мал, честопати дури и нема заинтересирани, односно воопшто нема пријавени кандидати. Оваа состојба е особено изразена кај компании што работат во некои од помалите градови во земјава.
Но сега недостигот од работници се проширува во сите сегменти од економијата. Од една страна се алармира дека има недостиг од соодветно квалификуван кадар, за што веќе укажуваа како занаетчиските комори, така и коморите на другите сектори. Од друга страна, покрај недостиг од квалификуван кадар, се укажува и на фактот дека воопшто нема кандидати за одредени работни позиции, што укажува на општ недостиг од работници. Има компании што нудат и обуки за специфични занимања, но никој не пројавува интерес за посета на обуките и потоа прифаќање на соодветното работно место.
Ваквата состојба наметнува многу прашања, многу енигми, но, сепак, не изгледа дека ги имаме решенијата на повидок, иако и понатаму имаме релативно висок степен на невработеност, кој, според последните расположливи податоци, е 17,1 отсто. Се оди дотаму што дури се предлага државата да размислува за увоз на работна сила.
Постојат многу проблематични сегменти во целата приказна. Тука, пред сѐ, се вработените и потенцијалните работници, кои укажуваат дека платите што им ги нудат работодавците се многу ниски и недоволни за покривање на основните трошоци. Дополнителен проблем е опфатот на сивата економија. Голем дел од населението е опфатено во некоја форма на работа што е полулегализирана, односно нецелосно формализирана, поради што луѓето имаат одредени приливи во семејниот буџет, но нивното работно место не е регистрирано во ниту една државна институција. Како такви работниците добиваат одредена сума од која можеби се, можеби и не се задоволни, но не се одлучуваат да го сменат статусот бидејќи и понудите што им стигнуваат не ги сметаат за доволно примамливи.
Бизнисмените, на кои им се потребни работници и кои за веќе вработените редовно ги намируваат обврските кон државата, имаат значително поголеми трошоци од тие во неформалниот сектор, што ги води кон неконкурентност, поради што не се одлучуваат да ги зголемат платите со оправдувањето дека немаат толку голема заработка.
Но сивата зона не е единствениот проблем во целата приказна. Масовното иселување од државата дополнително ги влошува состојбите, бидејќи најчесто бегаат граѓани што имаат одредени квалификации и кои можат полесно да се снајдат со своите занимања надвор од матичната земја. „Белата чума“ не само што продолжува туку таа се засилува. Сите испитувања и анкети покажуваат дека паралелно со големиот број заминати граѓани, има уште поголем број што размислуваат да ја напуштат државата, а уште пострашен е податокот дека голем дел млади својата иднина ја гледаат надвор од земјата.
Ниските примања, нискиот животен стандард, лошите социјални услуги, како и лошото здравство и образование се само дел од причините што придонесуваат луѓето да ја напуштат државата. Граѓаните бараат подобри услови за живот, почнувајќи од платите што ги добиваат и кои се неопходни за нормален живот, но и подобри услуги од државните институции. Почнувајќи од јавното здравство, како од аспект на инфраструктурата, односно условите за сместување во болниците, така и од услугите, односно третманите на лекување и пристапот кон пациентите. Но не е само здравството проблематичен сегмент. Неопходно е и подобрување на образованието, како и на сите други услуги што зависат од јавната администрација. Никако не смееме да го заборавиме на судството и владеењето на правото, на примената на политиките на праведност и фер услови за работа на сите граѓани и компании.
Доколку сакаме да престане одливот на работници, неопходно е веќе да се применат вистински решенија, кои ќе ги подобрат условите за живот во земјава. На граѓаните им е доста од празни ветувања и ад хок решенија, кои се носат без консултации со најзасегнатите и со јавноста воопшто и кои потоа претрпуваат измени, и тоа неколкупати. Законите треба да важат за сите, и да нема привилегирани и дискриминирани, само во фер општество, каде што граѓанинот нема да се чувствува потиснато и без перспективи, ќе успееме да создадеме желба кај младите да останат и да работат во државата.