Како исклучително отворена економија и, за жал, со висок степен на увоз, особено екстремно зависна од увоз на енергија, значително зависна и во секторот на исхрана, Македонија со оваа економска структура и со малиот габарит, во основа, е апсорбер на светските шокови
Македонската економија е зависна од увозот, со висока изложеност на надворешни фактори на ризик и без значајни предности што овозможуваат избегнување закани и искористување на потенцијалните можности.
Како исклучително отворена економија и, за жал, со висок степен на увоз, особено екстремно зависна од увоз на енергија, значително зависна и во секторот на исхрана, Македонија со оваа економска структура и со малиот габарит, во основа, е апсорбер на светските шокови. Затоа, светскиот пораст на цените на храната и енергијата неизбежно се вградува во нашите индекси на цени и трошоци на живот. Храната е основен продукт, Македонија има многу плодно земјиште, но неговата искористеност е намалена за една третина, а и тоа што се обработува е со намалено производство, со што станавме зависни од увоз на храна. Македонија како држава е 100 отсто зависна и од увоз на нафта и гас, единствено што можеме да произведеме е електрична енергија. Но и тука, за жал, бројките се поразителни.
Во образованието како најважен сегмент има премногу експерименти и неуспеси, а со тоа и одлив на кадри. А процесот на образование е клучен и мора да е во приоритетите на Владата, бидејќи изгубените години во образованието ќе се одразат врз државата по неколку години.
Светската економија е нераскинлива со екологијата, бара неодложно приспособување на стандардите за управување со квалитетот на животната средина. Но ние и кон екологијата и приодните богатства не водиме грижа и не ги заштитуваме. Токму најновото истражување за заштита на природните богатства ја рангира нашата земја во долниот дел на табелата за разлика од земјите од Европа и соседството.
Македонија останува заглавена во негативните показатели во многу сфери и за да се постави државата на стабилни нозе, треба полека да се ослободува од сите овие зависности и сама да си обезбеди храна, енергија, силно образование, затоа што економски зависна држава станува и политички зависна и се претвора во протекторат.
Во насока на намалување на трошоците за исхрана на граѓаните, каде што можеме најмногу да дејствуваме, бидејќи агробизнис-секторот е еден од најпотенцијалните за извоз и неговото унапредување ќе значи и поттикнување на целокупниот економски развој на земјата, државата треба да го поттикне домашно производство на храна, односно со поддршка да цели на домашните производители на храна за тие да покриваат голем дел од домашните потреби. Порастот на цените на храната на глобално ниво неизбежно се пренесе и во нашата држава, како нејзини увозници, а последователно на овој процес е падот на животниот стандард на граѓаните, кои се главните консументи на овие производи.
Најдобро решение и најстабилна цена за храна би имале кога ние сами би произведувале количества што се за наши потреби и кои би ги финансирале. Во спротивно, со зголемувањето на цените на храна на глобално ниво, може да очекуваме нова закана за и онака нискиот стандард на граѓаните.
Во економските теории општопознат факт е дека кај сиромашните држави најголем дел од средствата оди за храна. Така се мери и животниот стандард на граѓаните, колку повисоко учество на храната во вкупните трошоци толку посиромашна држава, а Македонија важи за сиромашна земја, со висок процент на исхраната во вкупните животни трошоци.
Во областа на енергетика, Македонија е земја со голем потенцијал за производство на електрична енергија од обновливи извори, особено користејќи го сонцето како извор, со тоа би се ослободиле од фосилни горива и од увоз на електрична енергија. Енергетиката мора да биде одржлива, односно да се развива преку проекти што ќе бидат одржливи на долг рок и финансиски исплатливи. Но ако енергетиката се развива преку политички и популистички проекти, во еден момент ќе немаме воопшто енергија.
Во економијата е потребно да се елиминираат ограничувачките фактори на растот, при што најзначајните меѓу нив треба јасно да се идентификуваат и да се осмислат пристапите за нивно надминување и да се искористи потенцијалот што го нуди самата држава.
Примена на нови технологии, модернизација и ревитализација на производството, извозно ориентирани компании, професионална институционална инфраструктура што ги опслужува бизнисот и граѓаните, квалитетен образовен систем што продуцира кадри според потребите на пазарот на трудот, квалитетна патничка, железничка и енергетска инфраструктура се дел од реформите што гарантирано ќе генерираат повисоки стапки на раст. И секако посигурна, постабилна и попредвидлива иднина за граѓаните и државата, ослободени од сите зависности.