Светот живее во време кога секој од нас согледува колкави биле и колкави се важноста и смислата на носечкиот столб на секое општество – образованието. Ова е време кога согледуваме каде застанало тоа во изминатите 20 години. Во ера на ковид-19, се соочуваме со одговори на многу прашања, кои се однесуваат на тоа како постапувал и постапува секој од нас, вклучувајќи ги и политичарите, чија основна задача секогаш била и е да градат и да унапредуваат функционален систем на сите нивоа. И како, всушност, не го правеле тоа
Ова невреме што го живееме, а кое го стави човештвото на тест, совршено јасно ни покажува како сме се однесувале кон себе како индивидуи низ животот. Ни покажува дека живееме од денес за утре на многу нивоа. Ова е време, кога се гледа колкави се важноста и смислата на носечкиот столб на секое општество, образованието, ова е време кога согледуваме каде застанало тоа во изминатите 20 години. Во ера на ковид-19, се соочуваме со одговори на многу прашања, кои се однесуваат на тоа како постапувал и постапува секој од нас, вклучувајќи ги и политичарите, чија основна задача секогаш била и е да градат и да унапредуваат функционален систем на сите нивоа.
Како резултат на новата пандемија, милиони основци, средношколци и студенти во светот се принудени да учат од дома.
Оваа вонредна состојба ги стави на тест образовните системи, се разбира, и оние на побогатите и помоќни држави, кои секојдневно бараат начини како да се носат со ситуацијата, а образовниот процес да не трпи и некако да функционира. Дури и за универзитетски професори во Кина, искуството со учење преку интернет е цело ново искуство, во чија ефикасност и тие немаат доверба, па се бараат потенцијални решенија и начини за надминување на проблемите. Истото тоа се случува и кај нас. Онлајн-наставата, меѓу другото, ја покажа и страната на одговорност и на совесност кај секој професор во извршувањето на своите задачи. Пример за тоа е функционирањето во училиштата за средно образование. Има професори од една страна, кои работат со своите ученици, но има и такви што не се заинтересирани да им даваат материјали за учење.
Но образовните власти во светот се согласни дека во услови кога не може да се обезбедат еднакви услови за учење за сите ученици, не може да се очекуваат значителни објективни и квалитетни резултати. Затоа, она што е примарно кога станува збор за образованието во овој момент, е сите луѓе што работат во овој ресор да бидат, пред сѐ, позитивни и афирмативни кон своите ученици. Не е мудро некаде да се брза.
Кога станува збор за македонското образование, можеби сега е вистинскиот и единствен клучен момент, кога Министерството за образование и наука, во наредниот период, не треба да брза со притисоци и одлуки во делот на наставата, оценувањето, обврските. Сега е, можеби, вистинскиот момент да се формираат тимови што во следниов период ќе излезат со подолгорочен план, а во меѓувреме, наставниците да се остават самостојно да ги бараат најдобрите начини за да комуницираат со своите ученици. Сега е моментот информатичките факултети, педагошките факултети, приватните компании, заедно со одговорните лица во Бирото за развој на образованието, да направат сосема нов концепт, да обезбедат соодветна опрема и еднакви услови за сите деца, да смислат модели за обуки на наставниците што не се обучени и не се дигитално описменети, за да може целиот процес со онлајн-наставата, која е единствена опција, да функционира како што треба.
Ова е неопходно, бидејќи се случува професори до недоглед да велат: „Јас не знам како да го правам ова“, а во меѓувреме, може да се случи оваа ситуација да потрае и во наредните пет месеци.
На учениците, на студентите и на професорите им се потребни еднакви услови за работа. Како ќе ја реализираат наставата ако немаат компјутер? Што ако некое семејство не може да си дозволи да има основна опрема за да може да функционира онлајн? Не може сево ова да функционира како што треба ако сите немаат еднакви услови. Токму ова е и причината зошто ниедна земја не влегува во фаза на оценување. Образовните власти се внимателни во однос на пристапот и барањето начини за решавање на предизвикот со оценувањето на учениците и на студентите. Сите го одолжуваат оценувањето, затоа што не можат да се соочат со овој предизвик, кој е вистински сериозно прашање. Никој не е подготвен за концептот за оценување. И ние не сме.
Целата ситуација со (не)функционирањето на онлајн-платформите, покажува само колку сево ова што се случува глобално нѐ затекна неподготвени. На површина излегоа проблемите со квалитетот на кадарот, со немањето опрема, со немањето услови за реализација на онлајн-наставата. Ова ни покажа дека нашите власти воопшто не размислувале за ова прашање во изминатите децении. Никој не му бранел на ниеден министер за образование досега, во мирни услови, постепено да работи на градењето на овој систем на учење и да зборува за тоа. Бидејќи ова не е нешто што се решава во 10 дена. Овие ад хок платформи не се исти за основното, средното и високото образование. Секое ниво на образование си има свои протоколи по кои функционира. Потребни се стратегии за секое образовно ниво посебно, кои ние како држава ги немаме.
Предизвикот пред кој сме исправени е уникатен. Како што светот бара решение за вирусот со вакцина, така универзитетите бараат решение како учењето да биде најефикасно. Не смее образовниот процес да запре, но не смее ниту да се брза со некакви некорисни решенија. Како ќе се справи Македонија со предизвикот, времето ќе покаже.