Веќе сме во последната недела од изборната кампања. Доколку партиите и во следните неколку дена продолжат со невкусна политичка битка за гласови и дискредитација на опонентот, големи се шансите да предизвикаат контраефект кај граѓаните, особено кај оние неопределените. Затоа крајно време е да слушнеме позитивна реторика меѓу политичките опоненти и пораки за мотивираност кон гласачите и за посветла иднина
Чувај го минатото во спомените, живеј ја сегашноста, а гради ја иднината. Оваа максима можеби е една идеалистичка форма на општествениот и политички профил на личноста во овој современ свет, која би требало да го отсликува карактерот на оние што претендираат да бидат политички и државни лидери. Но балканските, а пред сѐ, македонските околности честопати знаат да создадат модификации и комплетно да ја променат ваквата максима и водени од свои лични и партиски интереси да ја трансформираат во нешто слично на: оцрни го противникот свој, зборувај му само за минатото на гласачот, обезбеди ја иднината своја.
Македонската политичка кампања со години не ја менува својата структура. Како по навика, меѓу редовите црнила, навреди и историски приказни, тешко може да се прочитаат пораките и понудите за иднината, за развојот, за концептот кој и што реално нуди за иднината. Велат кампањи задоени од омраза и црнила, навреди и омаловажувања, се форми со кои треба да се затскрие недостигот од идеи за тоа како да се оди напред кон иднината.
Власта станува желба за моќ и доминација, наместо предизвик за развој и општествено издигнување и демократизација на колективната свест за просперитетна иднина на следните генерации. Во Македонија како да станува правило дека сѐ почнува и сѐ завршува со изборите и со изборот што ќе произлезе од нив. Со секои нови избори се почнува од почеток, нема континуитет, ниту на националните стратегиски интереси. Единствен континуитет е желбата на политичките ривали да ја користат моќта во интерес на своите интереси.
Дали некогаш ќе научиме да се свртиме кон иднината, наместо кон минатото? Ќе дочекаме ли избори во кои изборот нема да биде ние или ништо?
Има ли надеж Македонија еден ден да стане поле за општествен и културен натпревар на политички понуди, на идеи, наместо арена на крволочна борба на омраза со омраза, зачинета со флоскули дека ако го изедете со заби противникот свој, ќе блесне нова сјајна иднина?
Врвот на едно демократско општество се изборите. Тие се пиедестал на оваа филозофија на живеење. Тоа е денот кога граѓаните, народот, индивидуата, а не само партиските заробеници или, пак, зависниците од моќ, одлучуваат кој и зошто треба да ја води државата во следните години до денот на следните избори. Тој ден во ова општествено уредување на демократија подразбира празник за сите. Подразбира одговорност за секој да излезе и да го направи својот избор. Тоа е избор на огромното мнозинство граѓани.
Оваа кампања е уникатна и по форматот, кој поради корона-кризата е сведен на мини-собири, средби од помалку граѓани и презентирање на ставовите преку социјалните мрежи, електронските и традиционални медиуми, жестината не е намалена. Отсуството на големи митинзи и бројки на присутни, сега е пополнето со „бомби“ што осамнуваат на Јутјуб.
Веќе сме во последната недела од изборната кампања. Доколку партиите и во следните неколку дена продолжат со невкусна политичка битка за гласови и дискредитација на опонентот, големи се шансите да предизвикаат контраефект кај граѓаните, особено кај оние неопределените. А ризикуваат и слаб одзив на изборите. Така, граѓаните поради слаба мотивираност од она што ги очекува во иднина, можат да останат дома и да не излезат на гласање. Секако, за очекување е дополнително ситуацијата со коронавирусот и здравствените ризици значително да го намалат одзивот.
Затоа крајно време е да слушнеме позитивна реторика меѓу политичките опоненти и пораки за мотивираност кон гласачите.
Токму во време кога граѓаните секојдневно се окупирани со високиот број заболени и смртни случаи од коронавирусот, кога слушаат за преполнетите болнички капацитети, каде што здравствените работници се борат за секој човечки живот и кога на прво место им е нивното здравје и здравјето на нивните блиски, учесниците во оваа изборна трка треба да наметнат повеќе позитивна енергија и ентузијазам кај нив. Да покажат поголема политичка толеранција, грижа кон граѓаните и надеж дека нивната иднина по овие избори ќе биде подобра од секој аспект. Или, со еден збор, повеќе да се свртат кон иднината.