Сопствената одговорност, но и колективната, ни е слабост секогаш, па и сега, во екот на најголемата опасност како што е пандемијата. Иако и маските и средствата за дезинфекција се задолжителни за вакви собири, како никој да не обрнува внимание на тоа. Партиите ја префрлаат одговорноста на граѓаните, инспекторатите, пак, се прогласуваат за ненадлежни за контроли. Чија е тогаш одговорноста? Што со превенцијата? Кој треба да врши контроли? Имаат ли партиите редарски служби? Зошто не се почитуваат мерките? Ако се бара одговорност од граѓаните, зошто тоа не се однесува и на кандидатите и партиите?
Има една стара македонска поговорка што можеби најдобро го отсликува поимањето на одговорноста на политичката сцена во Македонија, што е видливо и во кампањата за овие локални избори – „многу лесно ја гледаме раската во туѓото око, но никако гредата во сопственото.“
По тој принцип се однесуваат и кандидатите и партиите, за сѐ што не е добро, вината е кај противникот, но никако кај себе. А и едните и другите најмногу на што заборавија во оваа кампања е токму одговорноста, и тоа од личната, со своето поведение и водење на кампањата, па до онаа на партијата и другите учесници во изборната трка.
На речиси половина од кампањата три работи се карактеристика речиси за сите партии. Едната е што, како и вообичаено, понудите паднаа во сенка на обвинувањата и партиските препукувања, втората, како и вообичаено, нереални ветувања и третата, можеби најзначајната, со оглед на тоа што изборите се спроведуваат во време на пандемија, е демонстрираната неодговорност за заштита на општото здравје на луѓето. Одредени партиски митинзи на моменти личат на потенцијални ковид-кластери, наместо на одговорни собири по протоколи.
Како ќе се одрази тоа на општата состојба со епидемиолошката слика е прашање на кое одговорот ќе стигне по изборите. Иако протоколите на државата јасно предвидуваат дека за настани на отворено за присуство е задолжително поседување сертификат за вакцинација или сертификат за прележаност до 45 дена од позитивниот тест, никој не го спроведува тоа, ниту, пак, го контролира.
И сите ќе кажат дека ваквите ситуации не се ништо ново за нашето поднебје, дека ова се постапки и случувања типични за нас. Сопствената одговорност, но и колективната, ни е слабост секогаш, па и сега, во екот на најголемата опасност како што е пандемијата.
Иако и маските и средствата за дезинфекција се задолжителни за вакви собири, никој не обрнува внимание на тоа. Партиите ја префрлаат одговорноста на граѓаните, инспекторатите, пак, се прогласуваат за ненадлежни за контроли. Чија е тогаш одговорноста? Што со превенцијата? Кој треба да врши контроли? Имаат ли партиите редарски служби? Зошто не се почитуваат мерките? Ако се бара одговорност од граѓаните, зошто тоа не се однесува и на кандидатите и партиите? На крајот, каква порака праќаат учесниците во кампањата со својата неодговорност, но и вперувањето на прстот кон граѓаните.
Сосема е јасно дека како што одминуваат деновите од кампањата, така партиите нема да ги избираат средствата за да дојдат до глас повеќе. Иако некои од партиите протоколарно велат дека се почитуваат сите мерки за заштита, а вината ја префрлаат на граѓаните, сепак тоа не ги ослободува токму партиите од одговорноста, затоа што токму тие се организатори на митинзите како масовни настани и тие мора да воспостават ред на нив преку своите редарски служби. Ако некој од граѓаните не држи дистанца, не носи маска, нема сертификат, на тоа треба да го предупреди партискиот редар.
Најлесно е вината да се префрли на друг, неодговорноста да се посочи кај противникот, а за себе да се каже дека нема никаква вина.
Одредени партиски митинзи на моменти повеќе личат на потенцијални ковид-кластери отколку на одговорни собири по протоколи. Како ќе се одрази тоа на општата состојба со епидемиолошката слика е прашање на кое одговорот ќе стигне по изборите
Зашто не се успева во намерите да се креираат здравствени политики, кои од една страна ќе го штитат населението, а од друга страна ќе значат стимулација на луѓето за почитување на здравствените мерки. Наспроти ова, ние имаме состојба што не води кон прогрес, туку генерира раскол, поделби, деструкција во целото општество.
И така е на повеќе нивоа. Бидејќи во меѓувреме расте и бројот на инфицирани наставници и ученици, во некои училишта е евидентно намалувањето на дисциплината и контролата во однос на почитувањето на мерките за заштита од ковид-19.
Македонија има доволно искуство од изминатите неколку брана на коронавирусот, од кои треба да извлече поука и да не дозволи грешки.
Навремената реакција е најдобрата превентива. Колку порано се реагира, толку повеќе ќе се ублажат ударите од секој нареден бран. Сите треба да ја сфатат опасноста, која е тука и тлее. Истото тоа важи и за одговорноста кога станува збор за справување со пандемијата.
Одговорноста на политичарите, на здравствените власти и на граѓаните е клучна за тоа какви ќе бидат ударот и последиците од коронавирусот во зимскиот период.