Со сегашните високи стапки на пораст на заболени и заразени од ковид-19, по стотина лица дневно, може да се случи до денот на изборите без право на глас да останат илјадници гласачи. Или преточено во мандати, поради короната, да останеме пократки за неколку пратеници. Тоа е сериозен проблем, од политички, правен и морален аспект. Во минатото за само едно нелегално гласачко ливче или оневозможено право на глас се поништувало и се прегласувало на различни избирачки места, а сега сме соочени со можноста за спуштена рампа на цела армија потенцијални гласачи
Македонија доби датум. Не за во ЕУ, туку за на избори. Во исчекување на историскиот попис барем на 15 јули колку-толку ќе се преброиме на терен на избирачките места. Ова со броењето веројатно на многумина тешко им паѓа, иако има одредени тврдења дека точно се знае и вкупната бројка на население во државата, нивната етничка припадност, социјална и економска положба, месечни приходи, па и здравствена, односно психофизичка состојба на секој поединец. Без намера да прозвучи орвеловски, но за скептиците, еве, една мала загатка.
Сте се запрашале и како без директно аплицирање стотици илјади граѓани, вработени, невработени, ученици, студенти ќе добијат на домашна адреса платежни картички или ваучери за одмор од проектот „Дома си дома“, парична помош или друг вид финансиски додаток. Од каде државата, банките, институциите знаат нечија социјална положба ако немаат увид во тековната состојба и врз основа на тоа одредуваат потоа кому му следува ваучер, кому картичка, кому ништо. Во една мала држава како Македонија не може да има тајни. Сѐ се знае, иако сѐ не се кажува.
Барем не јавно и официјално. Позната е и точната бројка на припадници на албанската малцинска заедница, која е доста под проектираната од 25 проценти. Токму затоа и реториката во албанскиот кампус е толку жешка со уценувачки пораки и барања за премиер Албанец. Политичките лидери кај Албанците знаат дека бројките не им одат во прилог и го креваат влогот на највисоко. Како коцкар, кој веќе нема џокери в раце и му останува само блефот.
Заради тоа и не се брза толку со теренски попис, и тој со години, па и децении се одложува од најразлични причини. За да не се измешаат прерано математиките и да се наруши политичкото спокојство и партиските калкулации. Но притоа се заборава на еден круцијален момент. Технологијата и компјутерите бележат сѐ. Многу држави во светот како поефикасна и поевтина статистичка алатка го практикуваат институционалниот попис, односно вкрстено пребројување и споредување на податоците што ги поседуваат институциите за секој поединец. Такво пребројување и Македонија веќе има направено и за очекување е пред почетокот на изборната кампања да се излезе со точните бројки и показатели. Особено на оние показатели што се однесуваат или може да влијаат на изборниот процес.
Тоа во голема мера ќе придонесе за квалитетот, транспарентноста и демократичноста на изборниот процес и ќе ги намали можностите за каква било манипулација или евентуални обиди за штелување на изборните резултати. Впрочем и ажурирањето на избирачкиот список е само еден сегмент од нешто што потпаѓа под категоријата институционален попис или евиденција на населението.
Граѓаните треба однапред да знаат каква е моменталната состојбата во секоја изборна единица, вкупен број на жители, вкупен број на евидентирани гласачи, етничка структура и слично, заради мерливост и споредливост потоа на добиените изборни резултати и секако дефинирање на изборниот праг.
Поради пандемијата на коронавирусот очекувањата се дека одзивот на овие избори ќе биде релативно помал, иако со години, и без пандемија, одзивот паѓа што е резултат на апатија, разочараност на гласачкото тело, но и на слабата политичка понуда.
Малиот одзив сам по себе носи редица негативности, меѓу кои како највпечатливи може да се издвојат слабиот легитимитет што ќе го има идната владејачка структура поради помалата бројка поддржувачи што стојат зад неа, како и можноста за злоупотреби.
Доволно е само да се потсетиме на некои претходни гласачки циклуси (пропаднатиот референдум на пример) кога токму поради нискиот одзив беа забележани парадоксални ситуации, за неколку секунди истовремено да гласаат десетици лица што е физички невозможно. Такви ситуации не смеат да ни се повторат на овие избори.
Во таа насока пред почетокот на кампањата најголем предизвик и клучна цел на политичките субјекти е да успеат да ги поттикнат и мотивираат граѓаните да излезат колку што е можно помасовно на овие избори. Тоа нема да биде нималку лесно во актуелните околности на страв од зараза, неконзистентни и променливи политики, сѐ уште немање или необелоденување на партиските програми итн. Се добива впечаток како и на партиите да не им е многу грижа колкав ќе биде одзивот, поради несигурноста во самите себе и сопствената понуда. И во едни вакви околности за помалку од еден месец имаме избори.
Несомнено најголемиот и најопасен противник на политичките субјекти на овие избори ќе биде токму ковид-19. Заразата не само што директно ќе влијае на одзивот туку може да им го ускрати гласачкото право и на оние што сакаат и се решени да излезат да гласаат.
Зошто ако сакаат да го остварат своето законско и уставно право на глас, граѓаните не смеат во никој случај да се заразат, пред избори. Крајниот рок е 6 јули?! Заразените со ковид по овој датум го губат правото на глас, иако во согласност со Уставот сите граѓани меѓу кои се и болните, затворениците, старите и изнемоштени лица имаат право на глас. Е, овие со ковид-19 немаат. Така предвидуваат здравствените протоколи. Зарем и ковид-19 сега ќе ни се меша и ќе ни ги крши Уставот и законите. Сега тука нешто друго е повод за страв и размислување.
Со сегашните високи стапки на пораст на заболени и заразени од ковид-19, по стотина лица дневно, може да се случи до денот на изборите без право на глас да останат илјадници гласачи. Или преточено во мандати, поради короната, да останеме пократки за неколку пратеници.
Тоа е сериозен проблем, од политички, правен и морален аспект. Во минатото за само едно нелегално гласачко ливче или оневозможено право на глас се поништувало и се прегласувало на различни избирачки места, а сега сме соочени со можноста за спуштена рампа на цела армија потенцијални гласачи. Како ќе се одрази тоа на вкупната оцена за изборите и на легитимноста на целиот процес е крајно нејасно.
Да не се најде потоа во извештаите на ОБСЕ и ОДИХР некоја забелешка и квалификација за дискриминација на граѓаните заради болест. Такво нешто и загрозување на изборниот процес од кој било аспект воопшто не ни треба кога се подготвуваме наесен за почеток на преговори со Унијата.
И додека партиите се подготвуваат за кампања, граѓаните и стопанството грчевито се борат како да преживеат, очекувајќи стимул и помош од државата. Короната некако го оживеа ваучер-системот, кој потсетува на перидот на болната транзиција и приватизација кога преку ваучер-систем се предлагаше поправедна распределба на општествениот капитал. Ваучерите тогаш не поминаа, но ете после толку години пак се вратија. Дали и колкави ќе бидат ефектите од нивната примена на долгорочно ниво останува да видиме. Сепак, постојат отворени сомневања дека голем дел од парите што домаќинствата и фирмите сега ги добиваат во форма на стимулирачки чекови или ваучери, ќе мируваат на банкарските сметки поради загриженоста за иднината и намалување на можностите за трошење. Огромниот пораст на банкарски резерви на домашно и светско ниво се само показател дека ваквиот вид стимулативни политики нема да нѐ извадат од економскиот ќор-сокак.
На економијата и на стопанството му требаат многу поенергични и посеопфатни мерки, кои ќе влијаат директно на зголемување на економскиот раст, преку зголемување на производството, продуктивноста и конкурентноста на стопанските субјекти. Ваквите економски мерки и потези може да бидат ефикасен контраудар и на последиците од пандемијата на коронавирусот, која во нашата земја добива застрашувачки размери со рапиден раст на бројот на заразени.
Ако се анализираат условите и состојбите во другите држави, кои многу поуспешно се справија со заразата, може да се воочи дека државите со повисок и одржлив економски раст многу поефикасно и поуспешно се справуваат со последиците од пандемијата и кај нив стапката на смртност е на ниско ниво. Овие анализи и податоци мора сериозно да се сфатат. И секако да се антиципираат во идните програми и насоки за дејствување.
Зашто најважната лекција, покрај зачувување на здравјето на граѓаните, секако е и спас на економијата. Двете работи не може да се одвојат една од друга, туку одат заедно во пакет.
За жал, неговата испорака до граѓаните засега или доцни или е неефикасна.
И од економски и од здравствен аспект.