Наместо рекла-кажала чаршиски муабети или таканаречени „бомби“, граѓаните сакаат да слушнат и да видат издржани проекти и програми со визија за иднината на државата
Таман граѓаните на Македонија помислија дека по стивнувањето на заразата со коронавирусот ќе излезат од вонредната состојба и ќе почнат спокојно да живеат и мирно да дишат, македонските политичари деновиве почнаа да шират нова (пред)изборна политичка пандемија, од која засега никој, па ни најдобрите епидемиолози и виролози, не знаат колку граѓани ќе се инфицираат и кога и како ќе ја прележат. Иако во своите политички говори нагласуваат дека засега за нив најбитно е здравјето на луѓето, според одредени постапки и активности се добива впечаток како најмногу да се грижат за изборите.
Но тоа што во овој момент особено загрижува е (пред)изборната атмосфера што како пандемија се шири во државата, во која барем според тоа што досега го имаме видено и слушнато повеќе од јасно е дека претстојната кампања за предвремените парламентарни избори не само што ќе биде бескомпромисна туку ќе биде приземна и мошне валкана.
Во таа беспоштедна политичка битка ќе се употреби сето расположливо оружје што им е на располагање на политичките партии.
Како и на претходните избори така и овој пат партиите ќе јуришаат на противничките „бункери“ со старо-нови (не)испукани „бомби“.
Според тоа што досега го слушнавме и видовме повеќе од јасно е дека двете најголеми политички партии располагаат со доста (не)испукани „кашикари“ и дека досега пуштените и (не)експлодирани „бомби“ за средбите, се само најава за претстојните (пред)изборни офанзиви.
Засега единствено што останува нејасно и непознато е тоа кој колку и какви „бомби“ поседува, од каде ги набавува и кој е терминот за нивно активирање.
Иако барем досега фрлените „бомби“ на прв поглед не предизвикаа некакви лузни по рејтингот на власта или на опозицијата, сепак повеќе од јасно е дека тие се само најава дека допрва следува офанзивата со активирање на многу поразорен потенцијал на вакво, според правна терминологија, нелегално оружје односно нелегално стекнати прислушувани разговори.
И кога станува збор за „бомбите“ како квазиоружје за политичка борба тие веќе неколку години не се никакво изненадување не само за политичарите туку и за граѓаните на Македонија.
Иако се тврдеше дека сите „бомби“ се предадени до СЈО повеќе од јасно е дека во државата има уште многу неиспукани „бомби“ и дека политичкиот терен сѐ уште не е целосно „деминиран“.
Досега ниту власта ниту опозицијата јавно не се дистанцираа од тоа дека во политичката пресметка нема да користат ваков тип оружје и дека на претстојните предвремени парламентарни избори, наместо програмите и проектите, „бомбите“ ќе бидат оружје со кое ќе се обидат да се натпреваруваат еден со другиот.
Слушајќи ги деновиве последните испукани „бомби“, како од страна на власта така и од страна на опозицијата, само по себе се наметнува прашањето од каде се обезбедуваат партиите со ваков тип бомби.
Тоа што особено загрижува е што Македонија, која пред извесно време стана земја-членка на НАТО и се очекува да ги почне преговорите за влез во ЕУ, личи на земја во која секој секого тајно снима или слуша.
Иако власта постојано нагласува дека во државата веќе нема незаконско тајно следење и прислушување, сепак ако се имаат предвид последните „испукани“ неколку „бомби“, како од страна на опозицијата така и од страна на власта, повеќе од јасно е дека во Македонија сѐ уште тајно се снима и се прислушува.
Каква е таа перспектива на обичните граѓани ако секој во Македонија може кога сака да ги слуша и снима и таквите незаконски снимени материјали, да ги пушта во етерот кога сака и како сака, без притоа да одговара пред законот. Оттаму не треба да се чудиме кога повеќето од граѓаните на Македонија во последно време своите паметни телефони во најголем број случаи ги користат исклучиво за играње разни игри и читање пораки или за гледање туѓи фејсбук-статуси.
Во изминатите години Македонија, почнувајќи од аферата „Големото уво“ па продолжувајќи со сите други афери поврзани со тајното прислушување и снимање како „Сина птица“, „бомбите“ во „Вистината за Македонија“, „Рекет“…, не се ослободи од тајно снимање и следење на своите политички противници или неистомисленици, па дури и на обичните граѓани.
Затоа крајно време е државата комплетно и целосно да се разоружи од какви било „бомби“ и нивното незаконско поседување да биде кривично санкционирано, а против „бомбашите“ без разлика од која политичка структура се да бидат преземани најригорозни мерки на законско санкционирање. Наместо рекла-кажала чаршиски муабети или таканаречени „бомби“, граѓаните сакаат да слушнат и да видат издржани проекти и програми со визија за иднината на државата.