Тоа е таа поетска вештина на политичарите – само рефрени и ништо повеќе. А што се однесува до етиката, таа одамна е раздвоена од политиката. Политиката, наједноставно кажано, веќе долго време се карактеризира, пред сѐ, со општествена доминација и со манипулација, со луѓето и со материјалните и нематеријалните добра, вклучувајќи и со информациите, така што потпирање врз некакваси етика на политичарите, тука и сега, би бил навистина преголем оптимизам. Дали и колку воопшто тоа е возможно – времето ќе покаже. Дотогаш, добро би било политичарите, и не само тие, да се потпираат врз Уставот и законите
Додека како првачињата, кои овој пат добро се изначекаа да им тргне учебната година, ги совладуваме новите називи на владините ресори и се обидуваме да сфатиме кој од министрите си го загубил, а кој си го пронашол ресорот и како и зошто од министер се станува национален координатор и обратно, нашите сознанија беа збогатени со уште една драгоцена информација од владината служба за информирање. Имено, на завчерашната седница, како што беше соопштено, премиерот Зоран Заев предложил, а другите, се разбира, прифатиле, вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, (уф, ми снема здив) Љупчо Николовски, да биде назначен за следење и спроведување на новиот, таканаречен кодекс за етичко однесување на членовите на Владата и на други носители на јавни функции именувани од страна на Владата. Министрите, притоа, потпишале изјави за прифаќање на одредбите од кодексот, кој ги обврзувал на отчетно, одговорно, транспарентно и чесно работење. Во согласност со кодексот, како што објаснија од Владата, функционерите на секои шест месеци ќе треба да доставуваат извештаи за направените трошоци и податоци за остварување на плановите, ревизорските извештаи, завршните сметки, списоците на вработени…, кои ќе се „објавуваат“, замислете, не тајно туку јавно.
Кога веќе до толку ја потценија интелигенцијата на јавноста, тогаш владините службеници за информирање требаше да потсетат дека, пред сѐ, Уставот и законите ги обврзуваат владините функционери на одговорно и отчетно однесување и дека веќе постојат и институции што треба да го контролираат и санкционираат (не)извршувањето! И да кажат имаат ли во Владата некоја попаметна работа!
Дали тоа што министрите сега посегнуваат по таканаречениот етички кодекс, како да се некакво професионално здружение, или, не дај боже, полутајна или тајна организација, не ги оддалечува нив, а со тоа и целата држава, од заложбата за владеењето на правото и од принципот на еднаквост и неселективност пред законите? Дали, евентуално, за некој од нив во иднина ќе биде констатирано само дека го прекршил кодексот, а не и некој закон?
Интересно е и тоа дека оваа најнова итроштина многу убаво се вклопува во амбиентот во кој политичките елити, во зависност од моменталната позиција, но со еднаква страст, веќе речиси константно ја заморуваат јавноста со околностите на „политичките судења“ и се обидуваат да испровоцираат сочувство за своите сопартијци како „жртви“ на, според нив, долготрајните процеси, пречестите или одложени рочишта, нарушените процедури, неоправданите или несразмерно изречени пресуди, па дури и на притворските и затворските услови, притоа како по правило, заборавајќи дека истите тие, па веројатно дури и полоши процедури и услови, важат и за обичните смртници. Но врз нивните судбини нема кој да поплаче, освен, се разбира, самите тие. Колку такви анонимни граѓани дневно ги губат битките за своите права додека политичките елити наизменично го реформираат и го прочистуваат правосудството?
Тоа е таа поетска вештина на политичарите – само рефрени и ништо повеќе.
А што се однесува до етиката, таа одамна е раздвоена од политиката. Политиката, наједноставно кажано, веќе долго време се карактеризира, пред сѐ, со општествена доминација и со манипулација, со луѓето и со материјалните и нематеријалните добра, вклучувајќи и со информациите, така што потпирање врз некакваси етика на политичарите, тука и сега, би бил навистина преголем оптимизам. Дали и колку воопшто тоа е возможно – времето ќе покаже. Дотогаш, добро би било политичарите, и не само тие, да се потпираат врз Уставот и законите, но не само како врз бастун, што им е неопходен на тие што имаат тешкотии при движењето, туку како врз цврсто втемелен столб што ги надминува дури и нивните височини.
Дали тоа што министрите сега посегнуваат по таканаречениот етички кодекс, како да се некакво професионално здружение, или, не дај боже, полутајна или тајна организација, не ги оддалечува нив, а со тоа и целата држава, од заложбата за владеењето на правото и од принципот на еднаквост и неселективност пред законите? Дали, евентуално, за некој од нив во иднина ќе биде констатирано само дека го прекршил кодексот, а не и некој закон?
Конечно, нереално е да се очекува етичко однесување од функционерите, кои, со чест на ретките исклучоци, безмалку и гаќите си ги соблекуваат за да дојдат до позиции што им овозможуваат пари, моќ, влијание… А обемот и начинот на кој, особено овдешните политичари, ги консумираат тие „стечевини“, повеќе наликува на неморал отколку на морал. Јавноста пречесто беше сведок на разни девијации во политиката, за сега да очекува едноставно почитување на некакви етички кодекси од претставниците на политичките партии, кои по прогонот на сопствените идеологии, станаа најголеми жаришта на неморалот, а преку партизирањето на државните и јавни институции, и главни генератори на морален и духовен пад на целото општество и така кругот се затвора. Токму затоа на политичарите мора да им се пресечат заобиколните патишта и да се инсистира на доследно и неселективно почитување и спроведување на законите, колку, понекогаш, и да им се несовршени.