Застрашувачки е податокот од минатата година на Институтот за јавно здравје дека дури 31 отсто од машките деца и 29 проценти од девојчињата во Македонија имаат телесна тежина поголема од предвидената за нивната возраст. Од нив, 16 отсто од машките и 13 отсто од девојчињата се дебели. Податоците се однесуваат на децата на возраст од 7 до 8 години. Крајно време е овие бројки да го вклучат алармот и да се преземат сериозни мерки
Крајно време е часовите по физичко образование во училиштата посериозно да се осмислат и организираат. Доволен показател за тоа е статистиката според која сѐ поголемиот број деца се со искривен `рбет, зголемена телесна тежина, рамни стапала, а сѐ поголем е и бројот на деца што имаат проблеми со менталното здравје како резултат на слабата физичка активност. Во насока на подобрување на здравјето на учениците е и проектот со двајца наставници на часовите по физичко, а кој треба што поскоро да стане дел од системот и да почне да се применува на ниво на државата.
Да се потсетиме, во минатото често се случуваше наставниците во одделенска настава поради различни причини да ги заменуваат часовите по физичко најчесто со предметите Македонски и Математика. Казната од наставничката за нејзините ученици ако ја налутат беше да решаваат задачи по математика цел час наместо да вежбаат во сала. Тоа наставниците го правеа затоа што немаше толкави контроли како сега, не се водеше којзнае каква евиденција, па можеа да ескивираат. И покрај тоа, децата, без оглед на временските услови, надвор од наставата излегуваа надвор, беа физички многу поактивни пред или по часовите, повеќе се дружеа и растеа во здрави личности, за разлика од сега, кога сѐ почесто се затворени дома, најчесто поминувајќи го времето пред компјутерски уреди. Токму затоа е неопходно системски, преку училиштата, да се дејствува поинаку во оваа насока и да се обрне значително поголемо внимание на правилниот раст и развој на децата.
Сепак, ако прашате искусни наставници по физичко образование, ќе ви речат дека претходните генерации ученици се неспоредливи со денешните во однос на способноста да ги изведуваат вежбите. Денес девојчињата ескивираат, послабо вежбаат, а најчесто се правдаат со некој здравствен проблем или со месечен циклус. Некои минати генерации имале одлична координација, примале, воделе и додавале топка без проблем, за разлика од денес, кога голем број деца не го прават тоа како што треба затоа што немаат добро развиена моторика. Ако се воведе настава со тандем наставници од прво до петто одделение, децата веќе во шесто одделение ќе имаат подобра координација, подобра еластичност, ќе имаат подобра основа и ќе бидат поподготвени. Предметните наставници по физичко образование велат дека поради пасивност, значително е зголемен бројот на деца со искривувања на телото. Сепак, добро е, како што велат тие, тоа што, со соодветни вежби и упорност тие искривувања се решаваат, бидејќи до петнаесетгодишна возраст тие искривувања се лекуваат, а во тој процес особено помага пливањето.
Физичкото образование е најзначајно за правилен развој на децата, а клучен период е раниот детски развој, како и периодот во одделенска настава. Затоа, Бирото за развој на образованието, заедно со Факултетот за физичка култура, работи на унапредување на квалитетот на наставата по овој предмет. Во тек е реализација на проект поддржан од програмата „Еразмус плус“, со кој во неколку скопски училишта настава по физичко одржуваат одделенските наставници заедно со наставниците по физичко и здравствено образование. Намерата на одговорните е ова да стане системско решение и да се озакони, бидејќи само на тој начин ќе создаваме здрави генерации. Кога станува збор за здравјето на децата, нема цена. Затоа, не треба да има изговори.
Застрашувачки е податокот од минатата година на Институтот за јавно здравје, дека дури 31 отсто од машките деца и 29 проценти од девојчињата во Македонија имаат телесна тежина поголема од предвидената за нивната возраст. Од нив, 16 отсто од машките и 13 отсто од девојчињата се дебели. Податоците се однесуваат на децата на возраст од 7 до 8 години. Трендот за пораст на бројот на дебели деца е последица на неколку фактори, а главен е лошата исхрана, слабата физичка активност и седењето пред компјутери. Со тоа уште на мала возраст децата се соочуваат со ризици за хронични болести што ги носи дебелината – нарушувања во метаболизмот на шеќерот, на мастите и на хормоните, а значајно влијае и на квалитетот на животот. Крајно време е овие бројки да го вклучат алармот и да се преземат сериозни мерки. Децата денес се толку опседнати со модерните технологии, паметни телефони и компјутери, што воопшто и не излегуваат на отворено да се дружат и да си играат. Деновиве наврна и доста снег, но родители на малолетни деца коментираат дека нивните деца не почувствувале никаква радост од врнењето снег за разлика од порано, кога децата уште при првите снегулки излегувале на отворено и му се радувале на снегот. Ќе дојде време ќе нема кој да направи снешко, или и тоа ќе се прави преку телефон или низ некои игри, се шегуваат загрижените родители. Во тој правец во право е деканката на Факултетот за физичка култура, кога вели дека пофункционалните часови по физичко образование во училиштата се единствениот начин на кој ќе се создаваат здрави генерации. Таа истакнува дека не се работи овде само за нивниот моторички развој, туку и за психолошкиот развој, во кој спаѓа и социјалниот, емотивниот и когнитивниот развој. Децата на возраст од 7 до 10 години се во еден специфичен развоен период, односно во овој период на детето треба некој правилно да му демонстрира вежба, за да знае да го повтори движењето. Ако нема демонстрација, детето не може да го разбере движењето. Затоа се потребни стручни кадри што на децата ќе им демонстрираат правилни движења, оти ако не научат правилно да ги прават, тоа е основа за создавање деформитети. Во оформувањето здрави генерации, се разбира, треба да се вклучат и родителите, кои секое слободно време треба да го користат за поттикнување на физичката активност на своите деца и да ги изнесуваат почесто на планина и чист воздух.