Очигледно, работата на долги патеки и стрпливото градење успех кога-тогаш ќе донесат врвен резултат. А потоа, сите спортски приказни со успешен резултат се тие што го раздвижуваат спортот, ја зголемуваат неговата популарност, што се рефлектира и онаму каде што, всушност, сѐ почнува, во младинските категории. Исплатливоста на вложениот труд таму се гледа прво во масовноста на младите и важноста тие да спортуваат, потоа на спортски план ќе се манифестира на резултатското поле на клубовите, а подоцна и на соодветната репрезентација. Развојот на спортската база и врвниот успех (младински или сениорски) потоа дополнително поттикнуваат на работа, тој импулс потоа станува како перпетуум-мобиле, па тој раздвижува, носи поголеми мотиви, амбиции, масовност… Генерално, за спортскиот сон да стане реалност треба многу посветена работа, без застој, без компромис… со мозаик од одлични организатори, идејни творци, врвни стручњаци, трпеливост, прецизност, истрајност… И во Ливерпул и во секој друг спортски клуб
Англискиот фудбалски гигант Ливерпул прекина тридецениско чекање една значајна титула, таа за првак на Англија. Иако може да се каже дека од гигантите и се очекуваат трофеи, впрочем во меѓувреме во тие 30 години Ливерпул двапати беше и фудбалски шампион на Европа, еднаш славеше во Лига Европа, потоа и во Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА), стана и светски клупски првак и освои повеќе други вредни домашни трофеи, сепак, овој успех има поинаква тежина и важност за сите што го симпатизираат тој клуб, но наедно дава и понекој вреден патоказ за секој друг спортски клуб.
Пред четири години спортот, барем во Европа, го обележи уште еден англиски фудбалски премиерлигаш, Лестер, како симбол на изненадувањата, како пример за спортска бајка, како показател за спортска борба, идеја, програма, како единствен модел, но можеби и пример за секогаш раздвижувачкиот спортски инает. И тогаш и во следниот период многумина велеа дека една ваква приказна којзнае кога повторно ќе се случи. Но Лестер и годинава, на пример, е високопласиран со шанси за нов пласман во Лигата на шампионите, а неговата шампионска сезона во, можеби, најсилната фудбалска лига на светот остана како светилник за, условно речено, помалите, дека сѐ е можно во спортот. За секој друг спортски клуб.
Тоа беше година на изненадувањата, во која и Македонија имаше свој удел, со, на пример, директниот пласман (прво место во квалификациската група) на младинската репрезентација на Европското првенство за фудбалери до 21 година, што потоа се одржа во 2017 година во Полска, а на светско ниво имаше уште вакви неочекувани и интересни спортски приказни, како титулата во бејзбол во САД, која замина кај тим со стогодишен пост, па и, на пример, континенталните титули во фудбал, прва за репрезентацијата на Португалија во Европа и нова за селекцијата на Чиле во Јужна Америка итн.
Пандемијата на коронавирусот, пак, годинава го сопре и спортот на одредено време, донесе т.н. „ново нормално“, со нови агли на гледање на нештата, но и иницира нови начини на функционирање, од финансиски, спортски, организациски… аспект. Но пандемијата и изолацијата поттикнаа и нови идеи за премостување на кризата и за превенирање на некоја идна слична ситуација. Сепак, патот до успехот горе-долу останува ист. И за Ливерпул и за секој друг спортски клуб.
Годината како таа кога Лестер, македонската млада репрезентација… го достигнаа врвот, не доаѓа случајно, без претходен труд. Ниту успехот на Ливерпул. Напротив, за одење по победничките патеки мора да се работи многу, оти спортот не познава пократок пат, но за да се трасира тој пат секогаш претходно има некој што осмислува, некој што наоѓа стручен, организациски и друг тим за успех, тренер-лидер, екипа за резултати…
Ливерпул чекаше 30 години за англиската титула, но не седеше со скрстени раце. Истрајно работеше на мозаикот, често беше на чекор до важниот трофеј, но сите делчиња како да се собраа на свое место кога на клупата седна харизматичниот Јирген Клоп. Секако, тој состави и силен тим од фудбалери, но без тимската хемија, без неговото истенчено чувство за фудбал, организација, тактика…, секако и без клупската поддршка, организација, инфраструктура…, успесите можеби ќе почекаа уште некое време.
За германскиот стручњак, кој не сака сѐ сам да раководи, па на многу места ангажира стручњаци од својата област, велат дека е модел на човек што планира и е ефикасен, а тоа го очекува и од другите, инсистира на точност, модел е на менаџер што напорно работи, како и сите оние што стојат зад него, инсистира на детали (можеби најдобар пример за тоа веројатно е ангажманот и на посебен тренер за – изведување аути). „Никогаш не можете да имате доволно специјалисти околу вас. Јас не сум генијалец. Не знам повеќе од остатокот на светот. Ми требаат други луѓе за да добијам совршени информации“, ја пренесуваат британски медиуми изјавата на Клоп.
Очигледно, работата на долги патеки и стрпливото градење успех кога-тогаш ќе донесат врвен резултат. А потоа, сите спортски приказни со успешен резултат се тие што го раздвижуваат спортот, ја зголемуваат неговата популарност, што се рефлектира и онаму каде што, всушност, сѐ почнува, во младинските категории.
Исплатливоста на вложениот труд таму се гледа прво во масовноста на младите и важноста тие да спортуваат, потоа на спортски план ќе се манифестира на резултатското поле на клубовите, а подоцна и на соодветната репрезентација. Развојот на спортската база и врвниот успех (младински или сениорски) потоа дополнително поттикнуваат на работа, тој импулс потоа станува како перпетуум-мобиле, па тој раздвижува, носи поголеми мотиви, амбиции, масовност…
Генерално, за спортскиот сон да стане реалност треба многу посветена работа, без застој, без компромис… со мозаик од одлични организатори, идејни творци, врвни стручњаци, трпеливост, прецизност, истрајност…
И во Ливерпул и во секој друг спортски клуб.