Додека во Јапонија министерот за сообраќај без двоумење поднесува оставка затоа што возот задоцнил неколку секунди, кај нас може возовите не да доцнат туку дури и воопшто да не излезат од железничката станица, а за тоа никого уво да не го боли. Да не зборуваме за востановената практика во европските држави кога министри поднесувале оставки поради тоа што со службени картички си платиле приватен ручек, а кај нас се забошотуваат случаи кога функционери со народни пари
им купувале скапи подароци на своите љубовници
Последните денови на македонската политичка сцена како ковид-19 се шири зборот „оставка“. Вообичаено, оставката во демократски високоразвиените општества што ги чинат високосвесни политичари е личен морален чин и се поднесува по свое лично убедување. Кај нас и чинот на оставката е наопаку поставен. Последните денови, преполна уста со зборот „оставка“ имаат и власта и опозицијата при меѓусебните партиско-политички пресметки. Аргументирано или маркетиншки, настапите ги завршуваат со барање оставка, па потоа следува јавен или медиумски притисок за поднесување оставка… Сѐ некако некој од некого бара, врши притисок, се заканува… А има ли кај нас воопшто пример некој политичар лично да си воочи самиот свој пропуст? Своја грешка, намерна или од небрежност, па поради тоа да побара самиот одговорност од своите избирачи или од оној што го именувал? Па, како личен морален чин, да се повлече и да даде оставка?
Кај нас одамна оставката како морален чин е непозната категорија. Зошто е тоа така – е прашање за милион долари.
Се чини дека причините лежат, пред сѐ, во нашата вродена способност постојано маните и неправилностите да ги бараме кај другите, а не кај себе и за сѐ што не чини или е погрешно направено виновни да бидат други, а не ние самите.
За разлика од некои држави во Европа и во светот, каде што политичарите или јавните личности поднесуваат оставки дури и за банални случаи, за кои тие воопшто не биле виновни, кај нас јавните личности за зборот „оставка“ не сакаат да слушнат, па дури ни тогаш кога на сите им е јасно дека ја оплескале работата или заглавиле во калта. Признавањето на своите грешки, слабости или пропусти кај нас е непозната работа.
Додека во Јапонија министерот за сообраќај без око да му трепне поднесува оставка затоа што возот задоцнил неколку секунди, кај нас може возовите не да доцнат туку дури и воопшто да не излезат од железничката станица, а за тоа никого уво да не го боли. Да не зборуваме за востановената практика во европските држави кога министри поднесувале оставки поради тоа што со службени картички си платиле приватен ручек, а кај нас се забошотуваат случаи кога функционери со народни пари им купувале скапи подароци на своите љубовници.
Во демократските држави воспоставена практика е веднаш по изборниот пораз губитникот да му ја признае победата на победникот на изборите и истата вечер да поднесе оставка и да распише внатрепартиски избори. Кај нас веќе е воспоставена практика поразите да се прикажуваат како победи. За признавање на поразот или поднесување оставка не може да стане ни збор.
Оттаму, многу дилеми деновиве предизвикаа во Битола поднесувањето оставка и повлекувањето од пратеничките клупи на носителот на листата во Петтата изборна единица, пратеникот Игор Дурловски. Неговата оставка и збогување со парламентот некои ги коментираат како кукавичлак и изигрување на довербата и волјата на гласачите, кои на неодамна завршените предвремени парламентарни избори гласаа за него и неговата листа, а други како висок морален чин. Трети, пак, сметаат дека со својата оставка, Игор Дурловски испрати јасна порака до јавноста дека политиката не е сѐ во животот и дека на овој свет може да се живее и од нешто друго.
„Мои приоритети се националните интереси. Мене особено ме погодува кога политичката прагма станува поважна од моралот и што тоа што го зборував не можам да го направам. Националните интереси, правда за неправедно прогонетите и нормална држава за нашите деца беа/се мои приоритети. Пратеничката фотелја боде кога политичката прагма станува поважна од моралот. Затоа, го напуштам Собранието на Република Македонија. Тоа што го зборував не можам да го направам, но сега нема да зборувам, а ќе продолжам да го правам! Останувам доследен на моите поддржувачи и нивниот глас“, напиша во својата оставка Игор Дурловски.
Притоа, Дурловски не објасни што е тоа што толку го разочарало од (не)функционирањето на парламентот и го спречувало да се (из)бори за националните интереси, за неправедно прогонетите и кај кои народни избраници пратеничката фотелја била поважна од моралот. Тој остана должен да објасни како во иднина како обичен граѓани, без да зборува, ќе може да се избори за правда на неправедно прогонетите. Колку е да е контроверзна одлуката на Дурловски по само неколку месеци, сам, без да биде принудуван од некого да даде оставка и да си замине од пратеничките клупи, сепак повеќе од јасно е дека неговиот чин заслужува внимание, бидејќи на тој начин Дурловски покажа дека политиката не е за луѓето што имаат високи морални и етички норми. Но неговиот случај е поучен и од аспект на оние што себеси се гледаат во политиката да сфатат дека, политиката покрај задоволства, носи и разочарувања и дека не мора по секоја цена да им се робува на мандатите.
Од неговиот случај може да извлечат поука и оние што размислуваат да се занимаваат со политика добро да размислат дали се подготвени да се справат со предизвиците што ги демнат, а ако бидат уверени дека расчистиле со себеси, да влезат во немирните политички води, па ако имаат некакви дилеми да се откажат од политиката пред да се најдат на кандидатските листи, особено како нивни носители. Вака се остава простор за разни шпекулации.
Можеби Игор Дурловски има право и причини да биде разочаран од (не)функционирањето на парламентот, но тој мора(ше) да знае, коментираат денес битолчани, дека илјадници граѓани застанаа зад неговата кандидатура и му веруваа на неговите зборови и ветувања, а покрај својот глас на изборите, некои потрошија и сопствени финансиски средства. Но, и покрај сѐ, тој се идентификува себеси (а и така го препознаваме) како високоморална личност, со вредности и етика на личност што ретко се пронаоѓа во околности на актуелна глобална општествена ерозија.
Затоа можеби требаше да остане како пример за во политиката, не поради партиските идеологии, туку поради матрицата на личност и карактер каква што треба да имаат оние што се носители на јавна власт, без разлика на која политичка опција ѝ припаѓаат.