Со текот на годините се менуваше и квалификативот на меѓународната заедница за тоа какви треба да бидат изборите во Македонија. На почетокот се бараше да бидат фер и демократски, па транспарентни, масовни, кредибилни, веродостојни и сега стигнавме до инклузивни. Терминот инклузија понекогаш се користи и како синоним за потребата од вклучување на лицата со попреченост во развојот во системот на функционирање на државата. Дали меѓународната заедница нѐ третира како демократија со попреченост во развојот, па затоа бара инклузивност? Или во прашање е нешто друго
Корона и избори. Два антипода што деновиве го преокупираат вниманието на домашната јавност. Граѓаните се загрижени поради големиот пораст на бројката на заразени, додека политичарите повеќе размислуваат за изборите. Состојбата со техничка влада е неодржлива на долг рок, особено што наесен нѐ очекуваат засилена меѓународна активност и преговарачки процес со ЕУ. За такво нешто се неопходни политичка влада и меѓупартиски консензус во однос на суштинските државни и национални прашања. Времето немилосрдно истекува. Потребни се брзи, но истовремено и одржливи решенија, кои нема да бидат на штета на јавното здравје.
Од една страна е смртоносниот поход на короната, од друга неопходноста за излез од политичкиот ќор-сокак во кој сме западнати. Можен ли е баланс помеѓу овие две крајности и по која цена? Државата се наоѓа во една незавидна лимбо-ситуација, народски попозната како угоре високо, удолу длабоко. Ова е нездраво време, во кое сѐ некако се врти околу бројки и датуми. Се лицитира со можни датуми за избори, се пребројуваат новоинфицирани и оздравени лица по методологија само нам позната, се бројат извршени тестирања итн.
И кога сѐ ќе се собере и одземе, на површина испливува болната вистина дека сме скарани со математиката. Дека не ни оди баш најдобро со бројките и со датумите. Еве да ги проанализираме на почеток показателите за заразата.
Уште на самите почетоци на ширењето на болеста во Македонија (некаде кон средината на март) нашиот весник меѓу првите предупреди дека излезните решенија треба да се бараат во масовно тестирање на населението. Да се спроведеше тоа уште тогаш, денес веројатно ќе имавме многукратно помалку новозаразени и со ладна глава можеше да се размислува за избори. Вака државата се соочува со своевиден парадокс, односно неусогласеност на бројките и политиките. Првпат вонредна состојба беше прогласена кога имавме само десетина заразени, а се очекува истата таа да биде укината кога имаме енормен пораст, односно дури 175 заразени во еден ден. Тогаш со многу помал број на заразени политичките лидери постигнаа консензус дека нема услови за спроведување на веќе закажаните избори на 12 април, а сега со трицифрени бројки заболени во еден ден има големо разногласие во однос на изборите. На едни им се брза тие да бидат поскоро, други, пак, постојано притискаат на кочница и бараат одложување.
Такво политичко модифицирање на короната за партиски цели, вирусот веројатно не можел да замисли од почетокот на своето постоење. Можеби затоа ковид-19 толку и се одомаќини кај нас.
Подобра клима за опстојување тешко дека ќе најде на друго место.
Понатаму.
Политичката попустливост, погрешните процени, верските празнувања, тактизирањето со мерките, сега многу скапо нѐ чинат. Нема оправдување откако подолг период сте успевале да го контролирате ширењето на заразата, наеднаш да ви се случува ваков ек како што имаме деновиве. Тоа значи дека системот потфрлил. И тука вината не може да се бара кај граѓаните, туку кај оние што ги предлагаат, дизајнираат и спроведуваат мерките за превенција и спречување на ширење на заразата.Чудни и небулозни се изговорите на некои од здравствените експерти кога велат дека тие предложиле построги мерки ама Владата ги носела одлуките. Тоа повеќе личи на ишкање на мувата од капата. Во време на здравствена криза и глобална пандемија, одлучувачкиот збор мора да го имаат епидемиолозите и стручните работници. Во Македонија, за жал, не го почувствуваме тоа. Нејасно е и каков е ставот на здравствените експерти и надлежните комисии околу можните датуми за избори. Што препорачуваат тие дека е најдобро во интерес на јавното здравје? Кој датум за избори на пример го претпочитаат лекарите, кои секојдневно ги изложуваат сопственото здравје и живот на ризик борејќи се со последиците од пандемијата.
Во едни вакви околности на растечка загрозеност на јавното здравје, навистина крајно несериозно дејствуваат обвинувањата што меѓусебно на дневна основа си ги упатуваат Владата и МВР. Како виновник за ширењето на заразата Владата го посочува МВР, додека оттаму ја враќаат топката кон Владата. Наместо заеднички да се работи на наоѓање мерки и решенија за надминување на проблемите и справување со здравствената и економската криза, како да се работи на креирање нови проблеми и барање изговори за нечие (не)дејствување.
Граѓаните не ги интересира кој министер од која партија доаѓа. Ги интересира само вкупниот ефект од работењето на Владата да биде во полза и во интерес на граѓаните. На крајот се брои само резултатот. Неважно е дали некој играч одиграл добро, промашил пенал или бил во офсајд. Најважно е Македонија да победува.
И лека-полека со овој победнички жаргон доаѓаме до изборите. Зашто, нели, кај нас по обичај однапред се знаат победниците. И без датум за избори, партиите сами се прогласија за сигурни победници. Што би рекле, прават сметка без крчмарот. Но, нејсе. Во таа нивна математика немаме намера да навлегуваме.
Она што е многу поинтересно е квалификативот што го добија претстојните избори од страна на меѓународната заедница. За тоа на странците навистина треба да им се симне капа. „Крајно иновативни“ се во смислувањето придавки за Македонија и околу Македонија. Сега нивните очекување се изборите да бидат инклузивни. Ол инклузив, што би рекле туристичките работници. Во првите години по осамостојувањето се бараше да имаме само фер и демократски избори. Потоа акцентот беше ставен на слободата и транспарентноста на процесот. Во некои немирни времиња клучно беше изборите да бидат мирни. Па, кога меѓународната заедница ќе намирисаше можен бојкот, повикуваше на масовни избори. Еден период се споменуваа кредибилни избори, па веродостојни избори итн. Сега клучниот збор е инклузивни избори, што во превод значи вклученост, заедништво.
Терминот инклузија понекогаш се користи и како синоним за потребата од вклучување на лицата со попреченост во развојот во системот на функционирање на државата. Дали меѓународната заедница нѐ третира како демократија со попреченост во развојот, па затоа бара инклузивност? Или претчувствува дека домашните политички субјекти тешко ќе се договорат за датумот за изборите, па самата се препорачува како воспитувач и ментор. Мотивите може да се најразлични, последиците исто така.
Сепак за македонски услови и состојби единствено и најприфатливо толкување на терминот инклузивни избори е доколку тие обезбедат вклученост на сите политички субјекти и масовен одзив на гласачите, со што ќе се потврди легитимитетот на целиот процес. Понатаму највисоки безбедносни гаранции за здравјето на гласачите и другите учесници во изборниот процес. Ажурирање и прочистување на избирачкиот список, како и усогласување на изборниот законик, со што ќе се отстрани секој сомнеж за можна дамка врз изборниот процес. И, секако, обезбедување широка домашна и меѓународна набљудувачка мисија на целиот предизборен процес, денот на гласањето и верификација на резултатите.
Под вакви околности на ол инклузив, изборите може да почнат. Без разлика кој ќе биде датумот.
П.С.
Терминот ол инклузив е искористен поради симболиката и барањата за инклузивни избори, но и во контекст на најавите за отворање на границите кај соседите и објавената туристичка понуда со сѐ вклучено, за привлекување македонски туристи. Во ол инклузив за привлекување на туристите од Македонија влегува и корона-тест, но и евентуално бесплатно лекување доколку некој заболи од корона. А бре, Македонче каде се спремаш?