Човештвото е принудено да го менува начинот на живеење и функционирање, а образованието и професионалниот развој не смеат да бидат занемарени во услови на криза. Затоа е неопходно менување на начинот на кој се учи, но тие промени мора да бидат сериозни, долгорочни и стратегиски. На потег се оние што имаат обврска да го прават тоа – Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, Државниот просветен инспекторат и уште многу други институции, кои имаат обврска да им овозможат квалитетно образование на учениците и студентите, во редовни и во вонредни услови
Наставничките совети завршија, оцените во дневниците веќе се заклучени. Свидетелствата на деветтоодделенците им беа поделени вчера бидејќи им се потребни за денешните уписи во средно училиште, а на преостанатите ученици во другите одделенија и класови ќе им бидат поделени, веројатно, на крајот на месецот. Традиционално и годинава некои од оценките беа подарени, но сега, во вакви услови, тоа е донекаде разбирливо. Основците и средношколците, но и студентите, во последното тримесечје учеа во поинакви, вонредни услови. Доволно тешко им падна самото тоа што не се на вистински распуст, па затоа наставници, педагози и психолози предупредуваа дека во вакви услови треба да се има разбирање и да се покаже грижа, покрај за физичкото и за менталното здравје на учениците. Затоа, годинава имаше многу солидни оценки добиени со помалку труд, имаше тестови за кои наставниците даваа рок и по цел ден за да се решат, имаше разбирање за доцнењето со домашните задачи. И сето тоа овој пат е оправдано и е во ред.
Во ова тримесечно учење на далечина, наставниците имаа насоки како да ја изведуваат наставата, но главно сѐ беше оставено самите да одлучат како ќе го реализираат образовниот процес. Па, така, имаше наставници што се однесуваа како да се во училница, барајќи од децата да исполнат сѐ што би требало да исполнат како да се присутни на училиште. Имаше и професори што не умееја да реализираат настава на далечина затоа што не знаат како (особено во училиштата за средно образование). Но имаше и професори што предаваат во училишта средно образование, кои беа загрижени што многумина од учениците станале апатични, летаргични и демотивирани заради фактот дека им се променил животот, а тоа за нив беше доволна причина да покажат разбирање и да не им прават притисоци кога станува збор за учењето и совладувањето на материјата предвидена со наставната програма.
Точно е дека пандемијата на ковид-19 затекна неподготвени многу образовни системи во светот, но она што треба да го знаат македонските образовани власти, на чело со министерот Арбер Адеми, е дека е потребна сериозна стратегија за следната учебна/академска година. Искуствово покажа дека не може секој наставник да реализира настава како сака. И дека не е онлајн настава праќањето материјали на мејл и сето друго да се остава на родителите. Адеми не смее да дозволи од новата учебна година системот повторно да биде неподготвен. Тешко е да се предвиди што ќе се случува од септември затоа што не се знае каква ќе биде епидемиолошката слика, но властите пред себе имаат цело лето да разработат добра стратегија за тоа како ќе треба да се одвива наставата, бидејќи сериозните образовни системи веќе имаат планови, модели и сценарија за функционирање во вонредна состојба. Недозволиво е заради изборниот процес фокусот летово да падне на политиката, кога образованието е носечкиот столб во државата. Адеми не смее да си дозволи импровизации и мора, не само декларативно, да покаже дека навистина му е важно воспитно-образовниот процес да биде квалитетен.
Тешко е да се предвиди што ќе се случува од септември затоа што не се знае каква ќе биде епидемиолошката слика, но властите пред себе имаат цел распуст за да разработат добра стратегија за образованието. Недозволиво е заради изборниот процес фокусот летово да падне на политиката, кога образованието е носечкиот столб во државата. Адеми не смее да си дозволи импровизации и мора, не само декларативно, да покаже дека навистина му е важно воспитно-образовниот процес да биде квалитетен
Не мора да се оди далеку, може да се земе како идеја хрватскиот план. Тамошното Министерство за образование и наука има разработено акциски план за следната учебна и академска година за реализирање настава на далечина. Во него се образложени подрачјата што треба да се унапредат, а најважен им е стратегискиот пристап во воведувањето настава на далечина. Тие теоретски процениле дека треба да се земат предвид три сценарија – наставата да се одвива претежно во живо, односно сите ученици да се вратат во училишните клупи и најголем дел од времето да го поминуваат во училиштата. Вториот е мешан модел на настава – учениците и студентите да бидат дел од наставата, но и од дома, со посредство на информациско-комуникациските технологии, притоа сите ученици да имаат пристап до дигиталните материјали и виртуелна средина за учење и подучување. Наставата дел ќе се одвива на училиште, а дел дома. Третиот модел е целосно изведување на наставата од далечина. Оставаат простор сите три сценарија да се комбинираат, зависно од веројатноста и сериозноста на вториот бран на епидемијата, од ширењето на болеста, од тоа дали децата и младите се во ризик од заразата.
Нивната досегашна анализа покажала дека има подрачја што мора дополнително да ги унапредат и во кои треба брзо да инвестираат ако сакаат добро да се подготват за трите сценарија од септември. Toa се инвестиции во обуки за сите што се дел од наставата на далечина, инвестиции во дигитална опрема нужна за реализирање настава на далечина, како и опрема за училиштата и факултетите.
Човештвото е принудено да го менува начинот на живеење и функционирање, а образованието и професионалниот развој не смеат да бидат занемарени во услови на криза. Затоа е неопходно менување на начинот на кој се учи, но тие промени мора да бидат сериозни, долгорочни и стратегиски. На потег се оние што имаат обврска да го прават тоа – раководствата во Министерството за образование и наука, во Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, Државниот просветен инспекторат и уште многу други институции, кои имаат обврска да им овозможат квалитетно образование на учениците и на студентите, и во редовни и во вонредни услови.