Своевремено Војдан Чернодрински, пред нешто повеќе од 100 години, имаше напишано една драма „Од глаата си патиме“, а очигледно и по еден век не можеме да побегнеме „од глаата“, со која упорно сакаме да удираме во ѕид
Македонија е уникатна земја или, како што порано одеа едни владини реклами, „безвременска“. И навистина се покажа дека е безвременска. Тука времето застанало и никако да мрдне напред.
Последен доказ за тоа е вториот бран на заразата со ковид-19 што ни се случува во земјава, во време кога соседните земји почнуваат да го нормализираат животот, да ги отвораат границите и да прогласуваат крај на епидемијата на ковид-19.
Дури и една Италија и Шпанија, од кои до само пред месец и половина пристигнуваа апокалиптични сцени за крај на човештвото погодено од смртоносна болест, се нормализираат, а кај нас кривата не само што почнува да се растегнува, туку осцилира како ЕКГ или, што би рекол Бајага во една песна, „горе, доле, горе, доле…“.
Последните бројки од над 100 заразени во време кога државата почна да го нормализира животот се само потврда дека кај нас и нормалното е ненормално.
Веќе речиси и не постои соседна земја на чии дозволи за влез македонските граѓани не се на црната листа, односно или не може воопшто да влезат или, пак, ако влезат, треба да седат во карантин.
Во оваа „безвременска“ земја паднаа и алгоритмите, се измешаа и кластерите, политичарите станаа поголеми доктори и од епидемиолозите, така што и нема зошто да се чудиме на ова што ни се случува.
Своевремено Војдан Чернодрински, пред нешто повеќе од 100 години, имаше напишано една драма „Од глаата си патиме“, а очигледно и по еден век не можеме да побегнеме „од глаата“, со која упорно сакаме да удираме во ѕид.
И повторно некој, да не речам секој, ќе праша зошто ни се случува ова.
Си размислувам и самиот и ми се наметнуваат неколку заклучоци што нè доведоа до ова дереџе, да станеме балканско гето низ кое најверојатно во следниот период ќе биде воспоставен сообраќаен коридор преку кој само ќе ги гледаме туристите од Европа како одат на летување, додека ние чмаеме заглавени меѓу карантинот и полицискиот час.
Прва работа што надлежните ја посочија како причина за новиот врв на коронавирусот во земјава беа недисциплината на народот и неговиот менталитет. Но, како што вели една наша народна поговорка, ако не можеш по магарето, удри по самарот, тоа е само класично префрлање на вината на друг.
Имено, 30 години ниту една политичка гарнитура што била на власт не успеала да создаде институции на кои народот ќе им верува, туку во континуитет ги уриваа, партизираа и девалвираа. И кога човек ќе се соочи со државни институции за кои знае дека немаат капацитет да се справат со одреден проблем, зошто би им верувал и зошто воопшто би бил дисциплиниран?
Па, не треба ни да нè чуди онаа огромна бројка на неверни Томи за кои вирусот или не постои или, пак, е еден голем проект на Бил Гејтс за чипирање преку идната вакцина, со што луѓето ќе се претворат во послушници. Кога ќе подразмислам подобро, ова со вакцинава и не е толку лоша замисла, особено за политичарите, вграден чип за работење, а не крадење. Со истиот проект би требало да биде опфатена и администрацијата, па би добиле ефикасна и способна администрација. Ако на сите овие теории се додаде и онаа за 5Г-мрежата, тогаш ќе добиеме брза, ефикасна, стручна и некорумпирана државна управа, па можеби конечно ќе ни тргне.
Втора работа што доведе до раст на заразените, според моето скромно мислење, е мешањето на политиката во науката. Само што измина средината на април, за кога надлежните го предвидуваа врвот, веднаш почна политичкиот диктат до Комисијата за заразни болести. Сите се најдоа стручни да коментираат која мерка да се ублажи, која да се укине, едноставно сите се правеа паметни. А и одлуките на Комисијата се понекогаш толку несфатливи, што човек просто да се запраша дали некој таму пред да донесе одлука прави проекција за можните неповолни сценарија.
Да дозволиш бесплатен превоз за пензионери во јавниот превоз само месец и половина по врвот на ковид-19 е надвор од памет. Затоа по два дена мерката беше укината. Во кафеани да седеле само роднини на иста маса, па зошто да седат во кафеани, роднини и дома ќе си седнат, ем ќе поминат десет пати поевтино.
Господа од Комисијата, ако ви диктираат политичарите какви мерки да носите, покажете малку карактер и заби, бидете доследни на својата професионалност и принципи. Соберете го целиот стручен еснаф, па макар бил и во пензија, и подгответе стратегија со која ќе ги уверите луѓето дека знаете што правите во оваа борба со коронавирусот, за што поскоро да станеме нормална држава.
И во сета оваа заразна кармакаша, упорно се турка идејата за избори. Те во јуни, јули, август, септември, ако немало функционална влада и собрание, не сме биле држава. Па, ние и кога имавме и влада и собрание, без интервенции од надвор ништо не можевме да решиме, а не пак ваква здравствена криза. Оставете ја политиката настрана, седнете заеднички и размислете како реално да му помогнете на народот полесно да се справи со економската криза што ќе следува.
По некоја околност, изминатите месеци се погодија и неколку големи верски празници, така што се случија и непочитувања на мерките и при обредите. Верските лидери повикаа да се почитуваат мерките, но во практика тоа е многу тешко остварливо. Имаше литии, ифтарски вечери, честитања празници и не треба да се чудиме на бројките што сега ни пристигнуваат.
На повидок исплива и неодговорниот однос на работодавците, особено во текстилната индустрија, кои штедат на сè, освен на здравјето на работниците, транспортирајќи ги со мал број автобуси до работните места. Така натискани, едноставно беа осудени на оваа зараза. Но очигледно на државата поважни ѝ се газдите, отколку работниците, па и не контролира под какви услови се работи во некои фабрики.
Да не спомнувам за редиците за субвенции за велосипеди, пред банките, пред помалите маркети, сметките и за овие метежи веројатно ќе ги добиеме по некој ден, да се надеваме дека цехот нема да биде превисок.
Морам да ги споменам и одговорните граѓани, кои ги испочитуваа сите мерки, но тие ни криви ни должни ја плаќаат цената на неодговорните и се осудени да седат дома без своја вина. Ова ми личи како од времето на ученичките денови, еден ќе избегаше од час, цело одделение одговараше.
Да не должам, има уште еден мал милион работи што требаше да се направат поинаку за да се нормализира животот, но наместо нормализација, нам ни се случува втор бран на коронавирусот во јуни. Се плашам дека ако продолжиме сите да се однесуваме вака, тогаш треба да се подготвиме за цунами во септември, а последиците од цунамито ги знаат сите.