Во оваа здравственo-економска криза, улогата на локалните заедници е од големо значење за да се дадат вистинските насоки и да се донесат вистинските одлуки за граѓаните. Општините постојат за граѓаните, советниците се избрани од народот и се платени да ги решаваат проблемите на граѓаните. Вонреднава состојба не смее да ги пасивизира општините. Кризата не смее да биде изговор за нечие неработење
Актуелнава состојба со коронавирусот и мерките што ги донесе Владата ги стави граѓаните во изолација, а на голем дел од претпријатијата и институциите им се наметна еден поинаков начин на функционирање. Благодарение на развојот и можностите што ги нуди технологијата и за да нема застој во функционирањето, онаму каде што имаше можност се најде решение за работење по електронски пат, односно работење од дома. Она што пред неколку години постојано го слушавме за е-општество и можеби не можевме да го сфатиме што значи во вистинска смисла на зборот, сега во оваа здравствено-економска криза се чини ни станува многу појасно. Но дали им е доволно јасно на голем дел од македонските општини, на надлежните од многу локални самоуправи, кои, за жал, изминатиот период, се чини, немаат никаква комуникација со своите граѓани.
За жал, евидентен е фактот дека сѐ уште во државата имаме општини што не се погрижиле да им профункционираат ниту општинските страници, а камоли сега во овие вонредни услови советите да им функционираат по електронски пат, како што некои веќе го прават тоа во практика. Жално, но вистинито, на голем дел од помалите општини во земјава на општинските страници можат да се прочитаат само стари вести, на некои последни се информациите од деведесеттите години, па се добива впечаток како таму да запрело времето и како ништо да не се случува. Како да не мрднале од мртва точка со годините што поминале.
Зачудува сознанието што и актуелните политички гарнитури во овие општини не се потрудиле тие општински страници да профункционираат со нови и актуелни информации, особено сега кога тоа е најпотребно. На други, пак, и ќе се најде понекоја информација за некој реализиран проект со поддршка на Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој или за проект финансиран од некоја странска агенција поддржан од Европската Унија, преку ИПА-фондовите… Информации за изградба на некој водовод, атмосферска канализација, локален пат или донација за набавка на урбана опрема, додека некои допрва набавуваат садови за отпад. На некои општински страници можат да се видат само соопштенија за владините мерки во врска со пандемијата и толку.
Во време на оваа страшна пандемија, некои од општините се пожалија дека не можат да обезбедат ниту заштитни ракавици и маски. Но едно е колку некои од општините се финансиски слаби, а друго е колку се потрудиле да се вклучат во современите текови на модерното општество. Ова второво, секако, ќе им ја олесни работата и во сѐ друго. Па, така, додека едни стојат во место и чекаат кризата да помине други општини веќе држат седници на советите по електронски пат и, секако, сето тоа за да донесат важни одлуки, кои токму сега во ова време се од огромен интерес за граѓаните.
Животот во никој случај не смее да запре, а токму локалната самоуправа е таа најблиска нишка до потребите на граѓаните. Во таа насока, целосната неактивност и неработењето на дел од општините во државата се несфатливи.
Од друга страна, за поздравување се општините што и во вакви околности активно работат, ѝ пркосат на кризата и максимално се посветени на потребите на своите граѓани.
Скопската Општина Центар веќе имаше вакво искуство, а Карпош се подготвува за онлајн-седница на Советот што треба да ја одржи кон средината на месецов. Во оваа здравствено-економска криза, улогата на локалните заедници е од големо значење за да се дадат вистинските насоки и да се донесат вистинските одлуки за граѓаните. Општините постојат за граѓаните, советниците се избрани од народот и платени да ги решаваат проблемите на граѓаните. Тоа им е работа и треба да си ја работат, не треба сега да бидат пасивни, како да се на колективен годишен одмор. Напротив, треба да се мобилизираат и да бидат активни како никогаш досега. Народот вели дека на маката се познаваат јунаците.
Од локалните власти се очекува да организираат тимови за помош на старите и снеможени лица, да дезинфицираат јавни површини, паркови, улици, детски и спортски игралишта, маркети, претпријатија, установи, станбени згради… Сево ова, во интерес да се зачува здравјето на граѓаните. Речиси е несфатливо како во време на интернет, во време кога електронската комуникација е неопходна, некои од општините не си создале услови за работа по електронски пат. Најпрвин требало кадровски да се подготват и наместо за паушали и службени дневници да издвојат пари за нормално да профункционираат во ова современо електронско општество. Можат да седат дома, но од дома да комуницираат и да работат по електронски пат за доброто на своите сограѓани. Локалните самоуправи, кои преспале голем дел од годините кога требало да работат на техничко опремување за влез во електронско општество, мора да се разбудат. Мораат да најдат начини и да воспостават комуникација со граѓаните. Ако не работат во интерес на граѓаните, тоа значи не ја вршат работата за која се ангажирани и платени.
Во оваа вонредна состојба никако не смеат да останат пасивни, зашто растењето на бројот на заразени и починати од коронавирусот бара огромен ангажман и мобилност токму од локалните власти, за спас на здравјето на граѓаните и спас на нивните животи. Што ако состојбата, не дај боже, трае уште два, три месеци, зарем надлежните ќе седат дома со скрстени раце. Изминатиот период имаше и голем број реакции на граѓаните дека во некои од скопските општини само чуварот, дел од техничкиот персонал и од архивата може да се најдат на работа, додека раководителите на клучните сектори се недостапни или воопшто не доаѓаат. Така ли со бегање и криење од потребите и барањата на граѓаните ќе се гради функционална и ефикасна локална самоуправа? Кризата не смее да биде изговор за нечие неработење.
Општините и општинските кризни штабови се оние што будно треба да ги следат состојбите на терен, да реагираат и да преземаат активности во интерес на граѓаните. Нивна задача е и да дезинфицираат и да обезбедат помош за своите сограѓани, но и да донесуваат мерки за заштита на своите територии од опасната зараза. Но не само активности во насока на борба со заразата. Нормалното функционирање на општините не смее да се наруши во кој било сектор. Времето на криза значи поголема мобилност за сите, а не пасивност. Истото тоа се однесува и на општинските власти.