Во минатото и низ годините имаше најразлични предлози за тоа кои критериуми треба да ги исполнуваат оние што претендираат за високи позиции. Дали се најпресудни искуството, знаењето, титулите или своја улога тука имаат и одговорноста, патриотизмот, човекољубието, конкурентноста? Нема една и единствена формула, туку, веројатно, станува збор за спој од повеќе квалитети. Притоа честа и моралот, секако, мора да се при врвот на критериумите. Но дали е така во реалноста
Изминатите години и децении на домашната политичка сцена се изнагледавме и изнаслушавме сѐ и сешто. Имаше таму швалерисување, секс-афери, биполарни склоности, куп коруптивни скандали, индиции и признанија за употреба на дрога, опијати, алкохолизам, пијанчење, шверц, со еден збор, куп примери за нешто што спаѓа во категоријата неморално однесување.
За голем дел од ваквите случаи јавноста беше запознаена, за некои само се шушкаше низ кулоарите, а некои останаа закопани и прекриени со превезот на мистеријата. Иако во тоа време ги немаше таканаречените бомби и прислушувани разговори, валканиците и скандалите секогаш наоѓаа начин да испливаат на површината. Како и денес кога ечи татнежот на новите бомби, кога се објавуваат нелегално снимени разговори, а на социјалните мрежи се разголува сечија интима. Бомбашите се вратија, иако впечаток е како воопшто и да не заминале. Во нивната пајакова мрежа секој може да се заплетка. Сѐ зависи од желбите и потребите на нарачателот. Македонија доби своја современа верзија на Бошко Буха.
За разлика од порано, денес барем го имаме СЈО, и редица други установи, кои, нели, треба да спречат незаконски и несакани дејства. Сепак прометот и трговијата со прислушувани и нелегално снимени материјали продолжува да цвета. Зошто и за чии потреби нема одговор. Како што не може да се претпостави ниту уште колку недетонирани бомби има и за кого тие се наменети. Стануваме светска велесила по „бомбаштво“. И никому тоа не му пречи, ниту се обидува да го спречи. Како од нечистотии и валканици никогаш да не е доста во оваа наша напатена Македонија.
Она што недостига сиве години и децении е моралот. Во сите сегменти на живеењето, посебно во политиката. Отсуството на високи етички и морални вредности кај носителите на високи државни и политички функции. Се разбира, секоја чест на исклучоците, кои успеваат да останат настрана од сите сплеткарења и да го зачуваат чист својот образ.
Најстариот филозоф Хераклит има кажано: „Судбина на човекот му е етосот односно моралниот квалитет. Моралот и етиката се неразделен дел на човечката егзистенција. Човек без морал е ништо. Само една голема нула“. Така е во теоријата и учењата на мудреците. Но која е реалноста. И сега сама по себе се наметнува дилемата како е можно при толку многу посочувања на улогата и значењето на етиката и моралот во животот, сепак во реалноста и секојдневниот живот да има толкаво големо отсуство на морал.
Да беше поинаку зарем ќе ни се повторуваа афери како „Големото уво“, скандали со непотизам, реобјавување бомби и прислушувани разговори, лаги, измами, изневерени очекувања, сомнителни амнестии и аболиции, пазарење со правото, трговија со идентитетот итн.
Одговорите на сиве овие прашања и дилеми се обидов да ги пронајдам во историјата, истражувањата и пишаните дела посветени на стоте најзначајни филозофи на моралот. Ме интересираше кои се нивните мислења, учења и погледи на животот, како дефинираат тие што е исправно, а што погрешно.
Така, наидов и на етичката мисла на Конфуциј, кој рекол: „Човек што згрешил, а не ја исправил грешката, прави уште една“.
Еден од највлијателните светски мудреци Конфуциј уште пред повеќе од 2.500 години ги поставил темелите на етичката теорија, која оттогаш па до денес е најприсутна и најжива во Кина.
Но неговата изјава како да се однесува токму и најмногу на Македонија.
Зашто се чини само кај нас се влегува од грешка во грешка, од скандал во скандал.
Наместо да ги исправаме грешките правиме уште една, па уште една и така постојано.
И сега повторно, да беше поинаку зарем ќе ни се повторуваа афери како „Големото уво“, скандали со непотизам, реобјавување бомби и прислушувани разговори, лаги, измами, изневерени очекувања, сомнителни амнестии и аболиции, пазарење со правото и трговија со идентитетот итн.
Понатаму барајќи и читајќи ја сретнувам и мислата на Антистен, кој има кажано: „Кога државата повеќе не ги разликува способните од неспособните, тогаш таа веднаш пропаѓа“.
И ова може да се однесува на Македонија. Со таа разлика што пропаѓањето кај нас е со одложено дејство, бавно и на рати. Како во жив песок. И сето тоа само затоа што низ годините не успеваме да ги избереме, препознаеме и одвоиме најспособните од неспособните. Што првите или ги избркавме од државата или ги изолиравме од значајните и одговорни функции, а на вториве им го предадовме кормилото в рака. Од 1990-тите години па наваму. Ете до каде нѐ доведоа.
Аристотел на пример има кажано: „Можно е да се греши на многу начини, но само на еден начин може да се прави она што е правилно“. И сега навистина не можам да разберам како кај нас во Македонија се разработија и научија многуте грешни патишта речиси до совршенство, но секогаш беше тешко да се пронајде оној еден и единствен пат – правилниот начин. Начинот што ќе ги задржи младите во земјава, ќе ги обедини граѓаните, ќе ја крене економијата, ќе го подобри образованието ќе ги заштити нашите идентитетски и национални обележја.
Примери и поуки има уште многу, исто како и размислувања колку и каде погрешивме.
Во минатото и низ годините имаше најразлични предлози кои критериуми треба да ги исполнуваат оние што претендираат за високи позиции. Дали се најпресудни искуството, знаењето, титулите или своја улога тука имаат и одговорноста, патриотизмот, човекољубието, конкурентноста. Нема една и единствена формула, туку, веројатно, станува збор за спој од повеќе квалитети. Притоа честа и моралот, секако, мора да се при врвот на критериумите.
Иако вистинската битка, кога се во прашање честа и моралот, сепак е внатре во секој од нас. Колку е некој цврст да не подлегне пред предизвиците, искушенијата, привилегиите. Колку е подготвен да биде свој. Да остане човек, во едно злорадо време. Простете ако се подзанесов малку, но по толку прелистување и читање мисли од сто најзначајни филозофи на моралот, содржани во книгата „Етичари“ на проф. д-р Кирил Темков, некако ме обзеде и мене чувството да се обидам да го заокружам написот со своја мисла, која, ете, им ја посветувам на сите политичари и која гласи: Повеќето политичари се големи, прекалени борци и бранители на правдата и моралот, особено ако тоа е во нивен интерес. За нив важи правилото дека сѐ е на продажба, најмногу моралот.
Граѓаните, сепак, не мислат така.