Младост

Холандскиот Ајакс сезонава во фудбалската ЛШ не престанува да импресионира. Ако се погледнат само резултатите, тие не отстапуваат од историјата на овој клуб. Но Ајакс го има убедливо најмладиот тим во ЛШ, со најмладиот капитен, тинејџер. Сево ова не е ништо ново за клубот што се базира на производство, масовно и квалитетно, но е одличен приказ во практиката за исплатливоста на концептот на спортската клупска стратегија потпрена врз развојот на младите спортисти

Откако минатата недела младоста го победи „Младост“, уште еднаш на дело, во практика, се покажа исплатливоста на концептот за базирање на спортската клупска стратегија врз младите и нивниот правилен спортски и друг развој. Холандскиот прволигаш Ајакс сезонава во фудбалската Лига на шампионите не престанува да импресионира, па иако во елитното натпреварување тргна од квалификациите, тој до полуфиналето не се протна, напротив, прво го елиминира актуелниот европски првак, шпанскиот Реал Мадрид, потоа и ланскиот полуфиналист Јувентус, а во групната фаза двапати ремизира со германскиот Баерн и, вкупно, сезонава нема пораз на гости.

Ако се погледнат само резултатите, тие воопшто не отстапуваат од историјата на овој славен фудбалски клуб за сето тоа да биде изненадување, оти Ајакс е четирикратен европски шампион. Поради тоа не може да се смета за неочекуван резултат пласман во полуфинале во Лигата на шампионите на клуб со толку богати витрини.

Но ако се загребе под површината на резултатот, ќе се види еден неверојатен податок, а тоа е дека тимот на Ајакс е убедливо најмладиот сезонава во Лигата на шампионите, а на натпреварот во Торино, реваншот од четврт-финалето, кога беше победен Јувентус (името на клубот на латински значи младост), просечната возраст на екипата беше малку повеќе од 23 години. Згора, Ајакс го има и најмладиот капитен во елитното клупско европско натпреварување, Матијас де Лихт, со само 19 години. Со таква „заднина“, секако дека успехот е изненадување, но и тука има едно „ама“, затоа што младоста е препознатлив знак на Ајакс со децении.

За тоа дека клубот од Амстердам не ги „извади од ракав“ овие фудбалери е и податокот од пред две години, кога тимот настапи во финалето на Лига Европа, во кое загуби од англискиот премиерлигаш Манчестер јунајтед, кој со тоа се пласира и на Суперкупот на Европската фудбалска унија одигран во Скопје. Ајакс на тој натпревар настапи со најмладиот тим во историјата на финалињата во куповите на Европската фудбалска унија, во кој беа и Де Лихт (тогаш 17-годишен), Андре Онана (21), Хаким Зијеч (24), Давид Нерес (20), Дони ван де Бек (20), Френки де Јонг (19), сите што играа неодамна и во Торино, против Јувентус. Просечната возраст на тој тим во тоа финале беше 22 години и 282 дена, а Де Лихт стана најмладиот учесник во натпревар за трофеј во некој европски куп.

Сево ова не е ништо ново за Ајакс, клубот што се базира на производство, во случајот масовно и квалитетно. Со децении холандскиот фудбалски гигант инсистира на младоста, на создавањето, на сопствениот стил на игра, на фудбалската дрскост, а сето тоа поткрепено и со децениска стратегија на раководење со клубот и со школите од неговите поранешни ѕвезди и тактиката секогаш да се биде еден чекор пред другите во планирањето, како што истакнуваат упатените.

Во спортот одамна нема поделба по возраст, туку по квалитет, но ако исплива квалитет во тинејџерските години, тогаш тоа е, сепак, нешто посебно. Во Македонија концепт што се потпира на младите има во неколку клуба, а во спортот број еден, ракометот, предничи еден клуб, во кој повеќе од една деценија се работи посветено, сериозно, стручно… Младите на довербата враќаат со работливост, па кога одамна се поставуваат цврсти темели, прво се берат плодови во младинските, а потоа и во сениорските репрезентативни конкуренции.

Така, врвот на таа младинска спортска ракометна пирамида засега е достигнат на младинското Светско првенство во Алжир во 2017 година, со освоеното шесто место, но сега доаѓа една нова генерација, која чекаме прво на кадетскиот Мундијал летово во Македонија да го покаже сиот свој потенцијал. Така, од генерацијата од планетарното првенство во Алжир се дополни сениорската репрезентација, која и подмладена останува на патот на постојани учества на европските и на светските првенства. Со надоаѓачките кадети, пак, овој спорт обезбедува континуитет, но не се запира тука, оти со младите категории во ракометот постојано се работи, создава…

И за македонскиот фудбал веројатно единствениот пат е продукцијата. Ова поднебје има фудбалски таленти, па, така, од тука се две генерации младински прваци на СФРЈ и победници на младински куп, две сениорски со трофеи, многумина играле и имале значајна улога и во најсилните европски лиги, а одвреме-навреме на површината излегуваат и фудбалски дијаманти, што само кажува колку е потребна уште поголема работа, посветеност… со младите категории.

Пред две години фудбалски исчекори една одлична генерација, која го постави досега најголемиот успех на македонскиот репрезентативен фудбал, со пласманот на младинското Европско првенство во 2017 година во Полска и освојување на 12-то место на Стариот Континент.

Повеќемина од нив сега се и меѓу носителите на играта во сениорската репрезентација, која, пак, чекори кон својот прв голем турнир, Европското првенство во 2020 година. Сето тоа само ја покажува исправноста во давањето доверба, но и потребата од постојано вложување во младите и талентирани спортисти.

Работата со младите, стрпливо и со години, е нешто што може да даде резултати на подолг рок во секој спорт, за постојаност на големите, меѓународно мерливи резултати, младински и сениорски. Како во ракометот. Како во Ајакс.

[email protected]