И додека некои европски земји со уважување и почит го доживеаја спортскиот успех на македонската фудбалска репрезентација, на некои наши соседи, кои не се изборија за пласман на Европското првенство, успехот на Македонија им предизвика вистински фрустрации и психолошки трауми, па во нивен препознатлив стил почнаа или да го негираат успехот на репрезентацијата или да го присвојуваат нејзиниот успех
Умните луѓе одамна рекле: „Во животот ништо не те пробива напред толку добро како успехот“. Изреката со полно право се потврдува и за македонските фудбалски ѕвезди: Пандев, Тричковски, Димитриевски, Адеми, Барди, Елмас, Муслиу…, за кои слушнале граѓаните од многу европски земји. Имено, нашите спортисти со своите фудбалски знаења и умеења одамна ја освоија Европа, а голем број реномирани европски клубови им довериле да им ги бранат клубските бои. За најголемиот број од тие нашинци во Италија, Германија, Шпанија, Англија, Шведска, Данска… се зборува со посебен пиетет и со одбрани зборови.
Колку македонските фудбалски ѕвезди се ценети во Европа, најдобра потврда е што на последниот натпревар од Европското првенство на Македонија со Холандија во Амстердам, капитенот на холандската репрезентација, Жоржињо Вајналдум, на нашиот капитен Горан Пандев дури му врачи дрес на „портокаловите“, на чиј грб е испишано неговото име.
Иако според резултатите што ги постигна на Европското првенство македонската репрезентација не постигна некој (по)значаен успех, сепак со самиот пласман на ЕП 2020, Македонија го сврте вниманието на Европа. Сега веќе слободно може да се каже дека македонската репрезентација со своите игри и резултати во квалификациите и пласманот на Европското првенство стана најпријатното изненадување во (фудбалска) Европа. Тоа што ѝ појде од рака на македонската фудбалска репрезентација не успеаја да го направат многу европски држави со поголема фудбалска традиција, а и некои наши соседи како Бугарија, Грција, Албанија, Србија…
И додека некои европски земји со уважување и почит го доживеаја спортскиот успех на македонската фудбалска репрезентација, на некои наши соседи, кои не се изборија за пласман на Европското првенство, успехот на Македонија им предизвика вистински фрустрации и психолошки трауми, па во нивен препознатлив стил почнаа или да го негираат успехот на репрезентацијата или да го присвојуваат нејзиниот успех.
Во знак на очај и психолошка депресија што Бугарија не се избори за Европското првенство, ексминистерот за одбрана Страхимир Каракачанов дури ја „присвои“ македонската фудбалска репрезентација, како втора бугарска репрезентација, додека на соседна Грција прекуноќ почна да ѝ пречи името на ФФМ и побара од македонските власти фудбалската федерација да ги смени името и логото.
Многу ми е криво што бугарските медиуми не ни го доловуваа амбиентот во кој Каракачанов ги следеше натпреварите на македонската фудбалска репрезентација за да видиме како се чувствуваше тој кога неговата „втора бугарска репрезентација“ играше против Австрија, Украина, Холандија и како тој навиваше на натпреварите на Македонија. Сигурен сум дека тој не скандираше „Македонија, Македонија…“, како што го правеа тоа илјадници наши навивачи во Букурешт и во Амстердам. А убеден сум дека не скандираше ни „Бугарија, Бугарија, Бугарија…“. Којзнае како му било на човекот.
Деновиве бевме сведоци како и на Грците почнаа да им пречат успесите на македонската фудбалска репрезентација, па излегоа со барање за смена на името на фудбалската репрезентација на Македонија, што не беше случај пред пласманот на репрезентацијата на Европското првенство.
Иако велат дека политиката и фудбалот немаат ништо заедничко, сепак лично мислам дека во голема мера имаат и во спортот, а особено во дипломатијата. Впрочем, со право многумина велат дека спортистите се најдобрите амбасадори на своите земји. Преку ракометот, кошарката, фудбалот… и имињата на Лазаров, Стоилов, Митревски, Перо Антиќ, Гечевски… Панчев, Пандев, Адеми, Барди… многу европски земји слушнале за Македонија. Сите тие, без ултиматуми и препораки, одамна се граѓани на Европа, кои многу европски земји ги чувствуваат за свои (со)граѓани или сакаат да ги присвојат.
Во изминатиот период не само од Каракачанов туку и од други наши соседи се изнаслушавме негирање, омаловажување, потценување… на нашето право да бидеме тоа што сме – Македонци со свој стовековен јазик, култура, историја и конечно да имаме сопствена, независна, самостојна и суверена држава.
Со пласманот на македонската фудбалска репрезентација на Европското фудбалско првенство, Македонија го сврте вниманието на европската јавност. Иако не постигна некој спортски успех на првенството, сепак со самиот пласман Македонија на многумина им стана ноќна мора. Тоа што со децении не им успева на македонските политичари, да ја внесат Македонија во европското семејство, со пласманот на ЕП 2020 им појде од рака на македонските фудбалски репрезентативци, кои на голема врата ја внесоа Македонија во Европа.
Посебна приказна на ова европско натпреварување беа навивачите на македонската фудбалска репрезентација, кои во голем број ги исполнија трибините во Букурешт и во Амстердам. Боите на репрезентацијата доминираа на стадионите каде што играше македонската репрезентација. За „Фалангата“ на Македонија слушнаа сите европски држави. Голем број европски политичари и „комесари“ видоа и се уверија како се сака својата држава и како за неа се навива. Македонските „тифози“ во секој натпревар доминираа на трибините. Тие на ниеден натпревар не потклекнаа и не беа ни надвикани, ни „надиграни“. Нивното ехо ги носеше фудбалерите на сите натпревари.
Патриотизмот што го демонстрираа репрезентативците и навивачите на првенството треба да биде пример и за политичарите, кои доста често, водени од своите кусогледи и лукративни политики, забораваат на националните интереси на државата.
Селекторот Игор Ангеловски и репрезентативците Пандев, Тричковски, Елмас, Барди… покажаа како се бранат боите на македонската репрезентација. Нивното однесување кон репрезентативниот дрес треба да биде најдобра препорака за македонските политичари како тие треба да се залагаат и борат за интересите на државата, а не како што сега имаме случаи да дејствуваат како раштиман оркестар, во кој секој свири по свои партиски ноти.