И нека не замерат љубителите на грашокот на „злоупотребава“ на омилениот им зеленчук, но навистина тешко беше да ѝ се одолее на потребата целата приказна да се искористи како илустрација за тешката клиничка слика на општеството. Политичарите, очекувано, поради сопствените калкулантски причини ги игнорираат или ги негираат проблемите, но зачудува тоа што јавноста, барем оној нејзин дел што сака да се именува како свесен и совесен, и тоа во добра мера знае и да го материјализира, упорно одбива да навлезе во темните страни на реалноста
Додека владите на државите од поблиското и од подалечното опкружување, дури и само од лукративни причини, повеќе или помалку успешно, бараат и наоѓаат решенија за справување со депопулацијата, таа тема во Македонија веќе со години останува во длабока сенка на постојаните политички и секакви други кризи и на незаинтересираноста или неспособноста, сеедно, на надлежните да ја наметнат како еден од врвните национални интереси. Два месеца од завршувањето на „историскиот попис“, кој покажа значително намалување на бројот на населението, власта не престана да се занимава сама со себе, да се рестартира… Дел од јавноста предадено ја следи во тоа, дел си тера сеири, а цела Македонија како да спие на зрно грашок. Не на онакво зрно грашок на какво што спиела принцезата од сказната на Ханс Кристијан Андерсен, туку на грашокот што едно мошне симпатично дете не сакало да го јаде и со што речиси сите „слободни умови“ во земјава, како поединци и како граѓански организации, крајно посветено се занимаваа безмалку цела недела. Убаво од сите нив што направија напор да застанат во одбрана на правата на детето, родителите, продуцентите, грашокот… Но ќе беше многу поубаво ако барем малку од таа „слободоумност“ потрошеа и на проблемите што резултираат со сѐ поизразен тренд на депопулација на пример. А се разбира, има и многу други што би можеле да се квалификуваат барем како приближно приоритетни.
Депопулацијата не е само еден од негативните демографски процеси, таа дефинитивно е најсигурниот индикатор на општата состојба во државата, во случајов, мошне илустративен и сигурен показател дека многу нешта не чинат и затоа смртноста е голема, наталитетот е слаб, а иселувањето е незавидно. Луѓето умираат не само затоа што им дошло време туку и поради лошиот квалитет на животот, слабата здравствена заштита, очигледно небезбедните услови за работа, во сообраќајот… И се разбира, поради големата стапка на смртност во пандемијата. А се раѓаат сѐ помалку, поради сето тоа, но и поради тоа што на младите не им се нуди здрава основа за креирање семејна и професионална иднина. Се иселуваат, не затоа што не сакаат да јадат грашок и не можат да си купат хамбургер, туку затоа што преку главата им е од сето наведено. И нека не замерат љубителите на грашокот на „злоупотребава“ на омилениот им зеленчук, но навистина тешко беше да ѝ се одолее на потребата целата приказна да се искористи како илустрација за тешката клиничка слика на општеството. Политичарите, очекувано, поради сопствените калкулантски причини, ги игнорираат или ги негираат проблемите, но зачудува тоа што јавноста, барем оној нејзин дел што сака да се именува како свесен и совесен, и тоа во добра мера знае и да го материјализира, упорно одбива да навлезе во темните страни на реалноста.
Но да се вратиме на демографијата.
Два месеца од завршувањето на „историскиот попис“, кој покажа значително намалување на бројот на населението, власта се занимава сама со себе заради рестарт, дел од јавноста предадено ја следи во тоа, дел си тера сеири, а цела Македонија како да спие на зрно грашок. Не на онакво зрно грашок на какво што спиела принцезата од сказната на Ханс Кристијан Андерсен, туку на
грашокот што едно мошне симпатично дете не сакало да го јаде и со што речиси сите „слободни умови“ во земјава, како поединци и како граѓански организации, крајно посветено се занимаваа безмалку цела недела
Претходната влада, во соработка со Фондот за население на Обединетите нации, во 2015 година ја донесе стратегијата за демографски политики за периодот од 2015 до 2024 година и воведе одредени, не баш евтини мерки. Никој од надлежните, во меѓувреме, не информира за ефектите од тие мерки, за евентуалната одговорност на нивните креатори за промашувањата…
Актуелната влада или Владата во оставка, во текстот за приоритетите од програмата за тековнава година наречен „Изградба по план“, посочи само дека „во соработка со локалната самоуправа ќе продолжи да спроведува политики на хумано планирање и уредување на просторот преку акциски планови и реализација на годишната програма за просторно планирање за населените места, кои немаат изработено урбанистичка документација, со што ќе се обезбеди долгорочен и одржлив економски, социјален и демографски развој на населените места“. Со оглед на моменталниот статус на Владата и на актуелната политичка ситуација, прашање е дали воопшто ќе има нешто од таа „Изградба по план“ или повторно сѐ ќе се урива за наново да се почне.
А за да се создаде демографски отпорно општество, конечно мора сериозно да се земат предвид пораките на луѓето од струката, дека демографските трендови се под директно влијание на комплексен збир на општествени, културолошки, економски, еколошки и политички фактори и затоа бараат сеопфатни, решителни, издржани, а во случајот на Македонија и итни политички одлуки. Или, како што велат, мора да се отстранат бариерите што ги спречуваат луѓето да имаат онолку деца колку што ќе посакаат и да живеат таму каде што сакаат, односно да се спроведуваат политики што ќе создадат средини во кои луѓето ќе се чувствуваат безбедно по сите основи.