Доктрината демонстрирана од РК Металург е во спортски облик, но во своето битие, таа е длабоко патриотска, во која е вградена љубов кон татковината, семејството, пријателите… Она што Металург го демонстрира на дело преку своите млади играчи, тоа е само мал дел од манифестирањето силна волја за изградба на здрава ментална и физичка спортска нација. Таквиот приод Металург одамна го вградил во својата стратегија. Уште повеќе, клубот се обидува тоа да го пренесе многу пошироко, на сите спортски полиња, на ниво на спортски федерации и со квалитетна продлабочена комуникација и соработка со локалната самоуправа и државните институции
За некои беше изненадување, за други, воопшто не! За некои беше сензација, за добар дел од граѓаните – не! За спортската јавност во Европа – шок, за домашната јавност – антишок-терапија! Такви беа реакциите на пошироката јавност за триумфот на ракометниот клуб Металург во финалето на македонскиот куп во Куманово. Дали тоа беше гром од ведро небо? Тешко. Или, пак, можеби ластовичка што ја навестува пролетта на македонскиот ракомет? И не само една ластовичка туку цело јато (читај цел тим) ластовички, негувани во гнездото на Металург, кои полетно, храбро, бескомпромисно, посветено го најавија новиот бран на македонскиот клупски и национален ракомет. Ако овој пат „гинеа“ на теренот со грбот на својот клуб на градите, за кратко време тоа ќе го направат за својата татковина, бранејќи ги чесно и пожртвувано боите на својата земја.
Но, кој е тој концепт, која е таа визија што далекугледо и зад хоризонтот дофрла, стрпливо работи и гради, а сето тоа во интерес на една многу подлабока национална идеја, каде што спортот е еден од манифестациските начини да се дојде до здрави млади деца, кои се нашата иднина, а да се дојде до одржливост и просперитет на нашиот народ и државата?
Одговорот може да се најде во стратегијата на Металург. Како?! Просто, едноставно, применливо. И тоа не само во ракометот, не само што е применливо во спортот туку и во сите сфери на општественото живеење. Резултатите станаа видливи минатиот викенд. Но, секако, има уште многу да се работи. И треба!
Спортот е големо средство за развој на духот и за социјализација на младите. Познато е дека нацијата најмногу се крева, мотивира, сплотува токму со успесите на своите спортисти, бидејќи спортот е токму огледало на една нација. Токму на тоа мислеше и Металург, кој токму во спортското инвестирање на македонските деца препозна можност за создавање силен професионален погон, кој ќе биде стабилен темел во издигнувањето на клупскиот квалитет, а паралелно и на националниот репрезентативен квалитет во сите категории ракометари. Под македонското поднебје постојат спортски дијаманти, само е потребно да се пронајдат и добро да се опточат. А сето тоа е само показател дека се потребни уште поголема посветеност и работа со младите спортски категории.
Сите спортски успеси се должат на секојдневна макотрпна работа, a преку постигнување достижни меѓуцели, децата се градат и подготвуваат за достигнување многу повисоки, долгорочни цели. Токму затоа повеќе од една и пол деценија Металург работи на базата, која од година на година е сѐ поширока и поплодна. Во Металург инвестицијата во децата е најголема. Клубот двапати годишно одржува едукативни семинари за тренери на нивните школи, за што подобра и поквалитетна работа, а најголем акцент се става на работата со децата и со тренерите. За тоа зборува и фактот што Ракометната академија Металург располага со 25 школи во 13 града низ Македонија, во кои околу 50 тренери работат со речиси 2.000 деца. Металург веќе 14 години има сопствена лига, во која дечињата од најмала возраст се стекнуваат со натпреварувачки дух и каде што преку игра и забава ги учат тајните на ракометот. Исто толку години Металург го има и најмасовниот ракометен камп, составен од деца исклучиво од своите школи.
Едноставно, Металург одамна го посеа семето на здрав спортски дух, чесен, развоен, компетитивен, перспективен. Тоа веќе е препознатлив белег на клубот, поддржан кај спортистите, спортските клубови, спортските работници. Концептот е во основа спортски, но е длабоко патриотски. Она што Металург го демонстрира на дело преку своите млади играчи, тоа е само мал дел од манифестирањето силна волја за изградба на здрава ментална и физичка спортска нација. Таквиот приод Металург одамна го вградил во својата стратегија. Уште повеќе, клубот се обидува тоа да го пренесе многу пошироко, на сите спортски полиња, на ниво на спортски федерации и со квалитетна продлабочена комуникација и соработка со локалната самоуправа и државните институции.
Ете го рецептот за успех практикуван во Металург и спроведен од македонските голобради момчиња. Долгорочна стратегија, макотрпна работа, посветеност, знаење и стекнување вештини. Цел живот работа, вложен труд, и резултатите не може да изостанат. Она што не може да се постигне со работа, сигурно ќе се постигне со повеќе работа! Тоа е пораката на момчињата и стручниот штаб на РК Металург. И, се разбира, пораката до другата, малку поскептична половина на нашата спортска јавност: Во иднина – сериозно сметајте на нас! Не само како ракометари!