Институтот за јавно здравје, секоја година подготвува извештаи за исхраната на децата што престојуваат во целодневна настава. Во еден од последните такви извештаи е наведено дека исхраната на оваа популација е на незадоволително ниво. Таму стои дека многу е мал внесот на нутритивно богата храна, како овошје, зеленчук и млечни производи. Во извештајот пишува дека е неопходен засилен мониторинг на исхраната кај децата
Крофни пред истек на рок, недопечени печива со помала грамажа од онаа „ветената“ на хартија, сендвичи со евтина салама и кашкавал, тост… Ова сѐ уште е секојдневие во училишните мензи, иако минатата година имаше ветувања од институциите дека конечно сериозно ќе се зафатат со решавање на овој проблем и дека конечно здравјето на децата ќе им биде приоритет. Наместо тоа, не стивнуваат реакциите на социјалните мрежи и во медиумите за лошиот квалитет на храната што ја јадат основците.
И доколку не се хранат во училишните мензи, туку сами купуваат храна од најблиските продавници, повторно изборот на учениците е речиси ист и се базира на тест, пица, бурек, или сѐ што нутриционистите ставаат во категоријата на брза и не толку здрава храна.
Институтот за јавно здравје секоја година подготвува извештаи за исхраната на децата што престојуваат во целодневна настава. Во еден од последните такви извештаи е наведено дека исхраната на оваа популација е на незадоволително ниво. Таму стои дека многу е мал внесот на нутритивно богата храна, како овошје, зеленчук и млечни производи. Во извештајот пишува дека е неопходен засилен мониторинг на исхраната кај децата со целодневен престој. Досега казни за ваквите пропусти немало. Освен тоа, одговорните во Институтот за јавно здравје констатирале дека доставените листи на топол оброк се со незадоволителен квалитет, односно во нив не била наведена енергетската вредност и таа не била прикажана во грамови. Биле дадени и препораки и насоки како да се постапи, но не биле преземени мерки за понатамошно подобрување на квалитетот на исхраната.
По сите овие информации, следуваа ветувањата на образовните власти, кои најавуваа темелни контроли што требаше да влезат во закон. Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Институтот за јавно здравје и Државниот пазарен инспекторат се петте институции што беше предвидено да прават темелни контроли на храната со која се хранат учениците додека се на училиште. Во Министерството за образование и наука изјавуваа дека работна група, во соработка со УНИЦЕФ, правела план како да се зајакне контролата врз исхраната. Ова требаше да се решава интерресорски, бидејќи МОН нема ингеренции да постапува кога се работи за храната во училиштата. Имаше апели до градоначалниците и директорите на училиштата да го почитуваат Правилникот за исхрана усвоен пред неколку години, а имаше апели и до наставниците ако забележат нешто во храната на децата, веднаш да алармираат за тоа.
Не случајно уште од памтивек останала изреката дека храната може да биде лек, но и причинител за болести. Да не дозволиме да преовладее второто поради незнаење, неажурност и немање стратегија кај надлежните, но исто така и во кругот на семејството, каде што првично се стекнуваат и негуваат здравите навики уште од мали нозе
Родители бараа да се овозможи, при изборот на фирма што ќе приготвува храна за децата, да не се избира само најниската понуда, туку да се обрне поголемо внимание и на нејзиниот квалитет. Иако одговорните најавуваа промени и во овој дел, сепак, процедурата за избор остана иста. Тие укажуваа дека ако има реакции и незадоволство од родители и ако операторот со храна не испорачува квалитет, тогаш директорот може да го раскине договорот. Сепак, ретко кое училиште го применува ова во практика, најчесто поради фактот дека целата постапка за избор на нова фирма одзема време, а учениците ќе мора во тој меѓупериод да останат без храна на училиште.
Здравјето на децата мора да биде приоритет на секоја држава. Како што државата покажа интерес да го подобри квалитетот на наставата по физичко образование во одделенска настава со воведување тандем наставници, така мора да докаже и дека се грижи за тоа што јадат децата на училиште. Тоа е неопходно со оглед и на фактот дека секое трето дете во Македонија е дебело, според анализите на Институтот за јавно здравје. Една третина од машките деца и исто толку од девојчињата на возраст од седум до осум години имаат телесна тежина поголема од предвидената за нивната возраст. Зголемувањето на бројот на дебели деца е последица на лошата исхрана, слабата физичка активност и поминувањето многу време пред компјутер. Тоа создава ризици за хронични заболувања од рана возраст што ги носи дебелината, нарушувања во метаболизмот на шеќерот, на мастите и хормоните, како и ризици за низа други потенцијални болести. Во таа насока, освен поголема контрола на храната во училишните мензи и внесување многу повеќе овошје и зеленчук, треба да се работи и генерално на издигнување на културата на исхрана и создавање навики за здрава храна кај сите ученици и воопшто во државата. Не случајно уште од памтивек останала изреката дека храната може да биде лек, но и причинител за болести. Да не дозволиме да преовладее второто поради незнаење, неажурност и немање стратегија кај надлежните, но исто така и во кругот на семејството, каде што првично се стекнуваат и негуваат здравите навики уште од мали нозе.