Од градот Скопје велат дека потребата за нови имиња е постојана, поради тоа што градот константно се проширува и затоа што сме добиле нови содржини на кои им треба име. Велат дека самата иницијатива е на градоначалникот Шилегов, која е изборно ветување од неговата кампања. Логично се наметнува прашањето кои се новоизградените објекти на кои им треба име и за кои содржини станува збор. Нови мостови сѐ уште нема, тунелот под Калето е само во најава, а негова изградба ветуваа и не ја реализираа многу поранешни политички гарнитури. Нови улици како и да нема, освен една пробивна, на која ми текнува, зад зградата „Пегла“ во Кисела Вода, кај старата фабрика за сапун. Не знам ниту за нови плоштади, а ако се во прашање паркови тогаш единствен што се направи е оној кај новиот објект на Македонската филхармонија
Колку пати треба да се преименуваат скопските улици и кое би можело да биде идеалното име на една сообраќајница. На некој народен херој, на политичар, на заслужен граѓанин, на позната музичка или актерска ѕвезда, на некој светски познат град, на првороденото бебе за Нова година… И не само на улици, градот има идеја и веќе започна да ги прима првите предлози од граѓаните за преименување или именување улици, булевари, мостови, плоштади, паркови и други инфраструктурни објекти. Предлозите ќе стигнуваат до 18 август, а кога ќе се преименуваат објектите не се знае.
Она што е познато е дека навистина некои скопјани повеќе нема да знаат на која улица живеат, ако токму нивната повторно добие ново име. Која е сега причината за нова промена на имињата на улиците и другите инфраструктурни објекти, на чие барање се прави и од каде е идејата за ново преименување на улици, булевари, мостови, плоштади, паркови, граѓаните не знаат. Од градот Скопје велат дека потребата за нови имиња е постојана, поради тоа што градот константно се проширува и поради тоа што сме добиле нови содржини на кои им треба име. Велат дека самата иницијатива е на градоначалникот Шилегов, која е изборно ветување од неговата кампања. Логично се наметнува прашањето кои се новоизградените објекти на кои им треба име, за кои содржини станува збор. Нови мостови сѐ уште нема, тунелот под Калето е само во најава, а негова изградба ветуваа и не реализираа многу поранешни политички гарнитури.
Нови улици како и да нема, освен една пробивна, на која ми текнува, зад зградата „Пегла“ во Кисела Вода, кај старата фабрика за сапун. Не знам ниту за нови плоштади, а ако се во прашање паркови тогаш единствен што се направи е оној кај новиот објект на Македонската филхармонија. Дека нешто многу инфраструктурни објекти се изградени, не се. Не можат да се закрпат дупките на постојниве улици, а не пак да се изградат нови. Онаа подземната улица кај „Рамстор“ одамна е започната, а сѐ уште не е завршена и не ја гради градот. Значи тогаш останува да се менуваат само имињата на постојните улици.
Граѓаните штотуку навикнаа на претходното и ете ти ново име на нивната улица за кое мора да ги информираат своите пријатели ако случајно сѐ уште им пишуваат писма или новогодишни разгледници. За тоа лесно, но што ќе се случи ако некој неинформиран им испрати пратка или пакет и на која адреса поштарите ќе им ги оставаат сметките за кои доколку задоцнат со плаќање се знае дека ќе мора да платат и камата. А искуствата го покажуваат токму тоа, грешки се случуваат, како што се случува да заминат во пензија старите поштари и да дојдат нови и млади, неискусни, кои ќе ги остават само писмата или сметките во нечие поштенско сандаче, па станарите нека се снаоѓаат.
Она што е уште полошо, е што по настанатите преименувања на улиците граѓаните ќе треба да трчаат по шалтери за да извадат нови документи со новото име на улицата. А тоа значи излегување од работа, нервози и чекање, а секако и непотребно фрлање пари, издвоени од домашниот буџет само затоа што секоја политичка гарнитура сака да им кумува на скопските улици.
Колку кумови треба да има една улица? Зошто толку им е важно на политичарите да им ги менуваат имињата на улиците, наместо да градат нови и да ги прошируваат постојните, ако граѓаните си ги сакаат старите имиња на скопските познати улици. Улицата Ленинова засекогаш се чини ќе си остане Ленинова и никој, речиси никој скопјанец не ја нарекува поинаку, иако со години веќе е преименувана во Аминта Трети. Ова име се чини единствено мораат да го запаметат само оние што живеат на оваа адреса, а дури и тие си го сакаат старото име, па дури и во неслужбени разговори така ја нарекуваат.
Интересен е примерот со улица во населбата Драчево, чие поранешно име е Жарко Зрењанин, а сега променето во Антон Димитров, македонски револуционер и еден од основачите на Македонската револуционерна организација. Тамошните жители се поделени во своите мислења за тоа кое име треба да го носи улицата, а некои само поради партиската припадност. Но повеќето од нив имаат идеја да побараат од општината Кисела Вода да им го врати старото име на улицата, на кое се навикнале, затоа што го користеле повеќе од пет децении. Граѓаните, се разбира, имаат право на свое мислење. Може ли скопјани поинаку да ја викаат улицата Максим Горки, улицата на црешите или улицата Македонија во централното градско подрачје. Кој би се согласил булеварот Партизански одреди да се вика поинаку, кога со години за сите е само улица Партизанска. Никој не би ја викал поинаку кога би добила ново име. Па и улицата Водњанска така сите ја паметат и никој не би можел да ја нарекува поинаку.
Колкав дел од скопјани жители на улицата со сегашно име Антон Попов ја викаат така, ако повеќето ја паметат како Огњан Прица. И зошто пак оваа сообраќајница требаше да има идентично име со уште една друга во населбата Ченто. Многумина би рекле за да се создаваат збрки и проблеми кај граѓаните, кои често се збунети по секоја промена, како и диспечерите во такси-компаниите. Како би се викале сега плоштадот „Филип Втори“ или портата „Македонија“. Дали можеби токму тоа е идејата, да се променат сите имиња на инфраструктурните објекти дадени од претходната владејачка гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ, која претпочиташе имиња од постарата македонска историја, како и имиња што асоцираат на античкото минато на Македонија.
Можеби идејата е да се променат сите тие, бидејќи во согласност со договорите за пријателство со Грција, во Скопје и во другите градови треба да се избришат сите имиња поврзани со Александар и со Филип Македонски, како и имињата што на кој било начин се поврзани со Граѓанската војна во Грција и со местата во кои живееле или сѐ уште живеат Македонци. А којзнае, можеби новите кумови ќе одберат имиња од сегашниве актуелни личности, чии имиња секојдневно се вртат во јавноста или имиња на луѓе што сакаат да остават свој печат на едно поново време со бурни политички случувања, кои го обременуваат животот на граѓаните. Токму поради ова на скопјани не им требаат нови дополнителни проблеми сега и со промена на имињата на улиците.