Колку подоцна се преземаат мерки за справување со климатската криза, економскиот трошок за справување со последиците од различните непогоди што нѐ чекаат во иднина ќе биде сѐ поголем, а притоа ударот врз животниот стандард на граѓаните исто така ќе биде сѐ поизразен
Пандемијата на ковид-19 предизвика тешка економска рецесија во светот, но многу покатастрофални ефекти за економијата би можеле да имаат последиците од климатските промени, кои во изминатиов период стануваат сѐ поочигледни. Ако се потврдат глобалните прогнози, на светот му претстои уште посериозен предизвик, многу потешки економски, но и социјални и здравствени последици на многу подолг период. Климатските промени ќе влијаат на економијата поради намалените приноси во земјоделството, поради миграцијата, намалената продуктивност поради тешките услови за работа, губењето на производствениот капацитет поради оштетување на капиталот и инфраструктурните објекти, но и намалената побарувачка за одредени стоки и услуги. И колку подоцна се преземаат мерки за справување со климатската криза, економскиот трошок за справување со последиците од различните непогоди што нѐ чекаат во иднина ќе биде сѐ поголем. А притоа, ударот врз животниот стандард на граѓаните исто така ќе биде сѐ поизразен.
Светскиот совет за климата укажува на поврзаност на затоплувањето на климата со производството на храна. Токму невообичаените временски услови се една од главните причини за големи штети во земјоделскиот сектор, а истовремено и за намалување на количествата и квалитетот на земјоделските продукти што се одгледувале во еден регион. Земјоделството како еден од економските значајни сектори е меѓу најчувствителните на промените на климата, каде што недостигот од јасен план за усогласување на земјоделските политики со наметнатите климатски промени може да води кон загрозување на производството и до зголемување на цените на храната.
Земјоделците сами не можат да се справат со климатските промени, немаат искуство и знаење како да произведуваат и во влажна и во сушна година, при пониски или повисоки просечни температури. Додека чекаме тие самите да се снајдат, проблемот станува сѐ поголем. А производството на храна е стратегиски интерес, најзначаен од сите. Храната мора да ја има во доволни количества, да биде евтина и да исполнува низа стандарди за квалитет и безбедност. Климатските промени се проблем за сите, не само за производителите туку и за нас, консументите на храна. Приспособувањето кон климатските промени мора да се постави како главен приоритет на земјоделскиот сектор, за тој да стане поотпорен кон климата што нѐ очекува, особено екстремните климатски појави, како што се сушите, топлотните бранови и поплавите.
Затоа земјоделските производители не смее да се остават сами на себе, потребна им е поддршка. А тоа е обезбедување функционален систем преку кој земјоделците ќе се стекнуваат со нови знаења и вештини за борбата со климатските промени. Земјоделците имаат потреба од едукација за тоа како да ги заштитат сортите од штетниците што се јавуваат под влијание на топлотните шокови.
Земјоделството како еден од економските значајни сектори е меѓу најчувствителните на промените на климата, каде што недостигот од јасен план за усогласување на земјоделските политики со наметнатите климатски промени може да води кон загрозување на производството и до зголемување на цените на храната
Во насока на подготовка за вакви состојби, земјата треба да го спроведе Националниот план за адаптација на климатските промени.
Во Македонија се изработени три национални плана за климатски промени, но и истражување поддржано од Светската банка за ранливоста и адаптацијата на земјоделскиот сектор кон климатските промени. Сепак, на терен недостигаат конкретни активности што ќе овозможат отпорност на земјоделските продукти од климатските промени.
Експертите утврдиле дека токму поради климатските промени ќе бидат потребни реконструкција, проширување и изградба на нови системи за наводнување, бидејќи негативните ефекти од климата ќе ја зголемат потребата од наводнување и ќе го намалат расположливото количество за наводнување истовремено. Потребно е набавка на заштитна опрема, ефикасни системи за користење на водата, заштитни фолии или мрежи, поттикнување промена на сортите соодветни на климатскиот режим. Истовремено е потребно со земјоделците да се работи преку обуки што ќе учат низ практика.
Од многу големо значење е согледувањата и мерките за надминување на состојбите што се наметнуваат со климатските промени во економијата и во сите потсектори да бидат пресретнати со решенија што ќе бидат реализирани на терен, што е повеќе од неопходно, конкретно за земјоделството, ако сме свесни дека оваа гранка е една од најзначајните за исхрана на домашното население.
И сепак, на крајот, акцијата против климатските промени ќе го поттикне економскиот раст кога ќе влезат во игра нови технологии што создаваат нови области на работа.